Економија

Азески претставен како нов член на Советодавниот одбор на Мрежата за деловен развој на Југоисточна Европа (SEEBDN)

Азески претставен како нов член - Работник
149views

Како нов член на Советодавниот одбор на Мрежата за деловен развој на Југоисточна Европа, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, учествуваше на панел-дискусијата, како дел од настанот кој го организираше оваа организација, посветен на соработката меѓу Европската унија и Западен Балкан, што се одржа на 25 февруари 2020 година, во хотелот „Хајат“ во Виена.

Мрежата за деловен развој на Југоисточна Европа е основана од страна на еминентни менаџери, претприемачи и дипломати од регионот на Југоисточна Европа, Германија и Австрија, чии активности се насочени кон вмрежување на малите и средни претпријатија од регионот на Југоисточна Европа, како и на големите производствени и услужни компании од регионот, со цел иницирање на нови партнерства, креирање на нови бизнис-можности и зајакнување на поддршката на земјите од регионот на Западен Балкан во процесот на пристапување кон Европската унија.

Во врска со предизвиците за поттикнување на економскиот раст и соработката меѓу земјите од Западен Балкан, како и меѓу нив и Европската унија, Азески посочи дека политичките тензии и понатаму претставуваат пречка за внатрешната стабилност и регионалната интеграција, како за нашата земја, така и за останатите земји од Западен Балкан. Честите избори (во 2020 година во Македонија, Црна Гора и Србија, а во 2021 година во Албанија и локални избори во Босна и Херцеговина), како и „чекањето“ на прагот пред ЕУ, имаат одредено влијание и врз бизнисот. Економскиот раст на регионот и понатаму е воден од потрошувачката која е главен двигател на економските активности во земјите на Западен Балкан. Азески истакна дека ниската продуктивност е карактеристика, како за Македонија, така и за регионот на Западен Балкан. Од друга страна, за земјите од Западен Балкан, Европската унија е најголемиот трговски партнер и важна дестинација за извоз, како и значителен извор на странски директни инвестиции (СДИ) во регионот. Компаниите од ЕУ се најголеми инвеститори во регионот на Западен Балкан со преку 10 милијарди евра СДИ во изминатите пет години. Во рамки на регионот на Западен Балкан во периодот 2007-2015 година 72,5% од вкупните СДИ доаѓаат од компании кои се од земји-членки на ЕУ и истиот тренд продолжува и до денес, наспроти надворешно-трговската размена меѓу земјите од Западен Балкан, која изминативе години се движи од 12% -18%.

-Конкретно, за земјава, членството во НАТО и добивањето на датум за почеток на преговорите со ЕУ, може да биде значаен поттик за зајакнување довербата во државните институции, заштита на приватната сопственост, поттикнување на конкуренцијата, и во целина остварување на сите битни претпоставки за владеење на правото во вистинска смисла, што би ефектуирало во зголемен прилив на СДИ и зголемена економска активност, – посочи Азески.

Како клучни области во кои постои простор за подобрување на состојбите, со цел подобрување на економскиот амбиент за компаниите од земјава и регионот Азески ги посочи прашањата поврзани со:

– олеснување на пристапот до финансии;

– поддршка од аспект на развивање на соодветни вештини, кои во прв ред се поврзани со специјализација, обезбедување кадар во согласност со потребите на бизнисот и дигитализација на производството и останатите процеси, како и

– интернационализација, односно пристапот до глобалните пазари, кој може да ја поддржи долгорочната одржливост на компаниите од Западен Балкан. Во таа насока се и заложбите на бизнис-заедницата за олеснување во фазата на царинење на граничните премини преку поедноставување и намалување на бројот на документи, електронска размена на податоци помеѓу царинските служби, целосно усогласување на регулативата преку елиминирање на административните бариери кои го попречуваат брзиот проток на стоки и услуги меѓу земјите од Западен Балкан.

Преку учеството во оваа организација, Азески ќе го прошири дејствувањето на полето на регионалната економска соработка преку вмрежување на компаниите од државите на Западен Балкан со партнери од Австрија, Германија, Словенија, Хрватска и Унгарија, во насока на обезбедување забрзан економски раст и просперитет на регионот.