НовостиСветот на работникот

„Ако невработениот не успее да најде работа во својата професија во рок од пет години, да биде обврзан да се преквалификува“

   Време за читање 3 минути

Новинар: Бобан Илијевски

Каква е реалната слика за невработеноста во државава?

Бројките кои се евидентираат преку Заводот за вработување и локалните агенции за вработување во Македонија отсликуваат 10 % од реалната слободна работна сила (број на невработени) во државата, вели Зоран Кочоски од „Коузон“ –  Агенција за посредување при вработување во странство.

Инаку, во Агенцијата за вработување регистрирани се 108,675 невработени лица.

Според него, ова се должи на тоа што обврската за пријавување во државната Агенција за вработување е законски обврзувачка и за понудувачите и за барателите на работа.

„Од таа причина мислам дека тие бројки кои постојат не соодветствуваат со реалната побарувачка на работа“, вели тој и додава: „Јасно е дека има невработени лица во Македонија и јасно е дека тие лица не се вработени повеќе од субјективни од објективни причини“.

На Македонија ѝ се потребни внатрешна миграција и структурни измени во законската регулатива

Македонија како држава не успеа да создаде процес на внатрешна миграција. Тоа, според Кочоски значи дека одредени професии се дефицит во одреден регион, а во друг регион се суфицит.

Тој вели дека тенденцијата на иселување од Источниот дел на државата ќе направи таму да останат само постари лица и овој регион да не биде привлечен за живеење. Во Западниот дел на Македонија пак, кога ќе дојде време да влеземе во Европска унија и кога ќе треба да се намали бројот на администрацијата, многу од луѓето од овој дел на државата кои работат во администрација во Скопје, ќе имаат проблем да најдат работа.

„Во секој случај, во Македонија постои работна сила која не е ангажирана, но постојат и поголем број на отворени работни позиции кои можат да антиципираат работна сила доколку се направат два чекори. Првиот чекор е иницирање на внатрешна миграција на дел од работната сила, односно преместување од град кон друго населено место. Ние имаме таква миграција од помалите градови кон Скопје, но немаме од поголемите до помалите градови. Вториот чекор е правење на структурална промена во законската регулатива за преквалификацијата, која на хартија и денес постои, да биде обврска на барателите на работа“, рече Кочоски.

Доколку некој интензивно бара работа во својата професија која ја стекнал преку формално образование и во рок од пет години не успеал да најде вработување или не сакал да биде вработен, да треба да се преквалификува, вели Кочоски.

Тој смета дека друг проблем е што работната сила која се евидентира во Македонија преку Агенцијата за вработување се стекнува со одредени привилегии поврзани со добивање на социјална помош и здравствено осигурување. Ова, вели, го условува бројот на работници кои се баратели на работа регистрирани преку таа државна агенција.

Од таа причина, сметам дека процентот на реалните активни баратели на работни позиции преку државната агенција за вработување е само дел и изнесува 10 % од евидентираната бројка која во моментов е објавена преку оваа агенција“, посочи Кочоски.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси