МакедонијаПравдаСиндикат

Актуелните состојби во образованието, тема на состанокот помеѓу МОН и СОНК

Актуелните состојби во образованието, тема на состанокот помеѓу МОН и СОНК - Работник
593views

Актуелните состојби во дејноста образование биле тема на денешниот состанок помеѓу Министерот за образование и наука, Арбер Адеми и неговите соработници и раководството на Самостојниот синдикат за образование наука и култура на Р. Македонија – СОНК, изјави Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ексклузивно за порталот Работник.

„Пред се на оваа работна средба беа отворени прашања за легислативата во основното образование, односно разговаравме за предлог – законот за основно образование. Во процедура на работните групи на министерството за образование, веќе при крај е предлогот на споменатиот закон. Министерот за образование и наука како човек кој ги почитува социјалниот дијалог и партнерството бараше да се сретне со СОНК, како репрезентативен синдикат за образование и наука и ги сподели нивните предлози“, рече Неделков.

Неделков истакна дека наскоро ќе имаат и тркалезни маси организирани во Скопје и ширум Републиката, така да секој нивен член на СОНК ќе има можност да даде свои забелешки, сугестии и насоки за добивање на конечниот текст на законот.

Тој наведе дека неминовно било прашањето околу социјалниот статус на вработените во образование.

„Од моја страна, практично му беше презентирано на Министерот за образование дека платите во дејноста образование се исклучително ниски, почнувајќи од основното образование и завршувајќи до високото образование и наука“, објасни Неделков.

Неделков рече дека поради таа цел го информирале Министерот за образование и наука дека Советот на СОНК донел одлука за организирање на масовен протест, со којшто јавно ќе се искаже незадоволството на просветните работници. Според Неделков, тие од него побарале што е можно побрзо да се отвори многу сериозен социјален дијалог и расправа во правец на зголемување на платите во дејноста образование, во процент коишто ќе го договорат врз основа на зголемувањето на минималната плата на национално ниво.

Претседателот на СОНК наведе дека со тоа би се избегнале и последиците од организирање на јавниот протест. Тој појасни дека ако повторно нема слух, СОНК отворено апелира дека нема тука да застане, туку ќе продолжи во правец на заштита и унапредување на правата на нивните членови, со продолжување на синдикални активности коишто ќе резултираат генерален штрајк. Според него штрајкот може да биде и во летниот период, но може и да биде и на почетокот од новата учебна година.

Тој верува дека доколку министерството за образование и наука и пред се Владата на Р, Македонија, ја сфаќаат реалната состојба на дејноста образование, тогаш смета дека позитивно треба одговорат на нивното барање и да постигнат заеднички договор.

Состанокот се одржа во просториите на СОНК.