ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Ампева: Субвенции треба да добијат компаниите кои ги почитуваат работничките права и се трудат да исплатат поголеми плати од минималецот

Ампева: Субвенции треба да добијат - Работник
658views

Порталот Работник во однос на тоа какви се условите за зголемување на минималната плата, побара став и од Здружението на текстилните работници/чки „Гласен Текстилец“.

Според моето скромно мислење и она што секојдневно го гледам јас, граѓаните , работниците, е дека има услови за зголемување на платата, без притоа да се користат било какви државни субвенции, вели Претседателката на Здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева.

Таа истакна дека ниската плата низ годините и нормираниот учинок кој стоеше во законот за минимална плата, направи едно сиромашно население кое иако е вработено, е на раб на егзистенција.

„Додека населението осиромашуваше, газдите го зголемуваа своето богатство. Не е фер да се бара државна помош, и сега повторно, да се жалиме дека немаме работници, кога апетитите на газдите се преголеми и ненаситни. Секоја чест на исклучоци, односно, примери на добри работодавачи кои едвај исплаќаат плати, но работат одговорно, законски, чесно, тие се оние кои заслужуваат помош од државата. И да, има услови за зголемување на минималната плата. Но тоа не е доволно. Одамна е напуштен концептот минимална плата, туку се работи на најниска сатница. Кај нас поради големото и влијателно бизнис лоби, уште долги години ќе се зборува за минимална плата наместо плата достојна за живот“, истакна Ампева.

На прашањето кој е нејзиниот став за Предлог законот за субвенционирање на придонеси, рече дека кога таа би се прашувала, би креирала политики и соодветно би ги користела институциите на државата кои се платени од граѓаните, поинаку би изгледала помошта кон приватниот сектор.

„Но не сме прашани ние, туку бизнис лобито, така да, секој мој став е непотребен бидејќи однапред се знае за кои ќе се донесат ваквите закони и се креирани ваквите политики. Сепак стојам на ставот дека треба да има помош од државата кон приватните фирми, но оние кои го почитуваат законот, работничките права и се трудат да исплаќаат плати поголеми од минималец“, додаде Ампева.