ЕкономијаМакедонијаНовости

АНАЛИЗА: “Внатрешниот “долг на сите институции, општини, ЈП, здравство, образование, изнесува 408, 1 милион евра

   Време за читање 4 минути

Вкупниот долг на сите државни институции, јавното здравство, образованието, судството, социјалата, агенции, општини, јавни претпријатија, на крајот на 2023 та изнесувал 408,1 милион евра. Најголеми доспеани а неплатени обврски имаат Јавните претпријатија на централно ниво и државните фирми, пишува Порталб.мк. Најголем дел од долгот или 91,3 милиони евра, е по основ на комуналии, транспорт, комуникации. На новата “должничка “ листа на првите три места се три државни фирми.

41% од долговите – кон приватниот сектор …

Со вкупни доспеани а неплатени обврски во износ од 167,2 милиони евра на крајот на 2023 та, Јавните претпријатија на централно ниво и државните фирми се први на листата според висината на долговите. Новите податоци на Министерството за финансии покажуваат дека секторски, според висината на доспеаните а неплатени обврски, на второ место се Општинските Јавни претпријатија со скоро 76,0 милиони евра.   

                                         Доспеани а неплатени обврски ( 2023)

ЈП на централно ниво и државни фирми                     167 224 304  евра

Општински Јавни претпријатија                                        76 961 000  евра                                                  

Општини                                                                                   58 649 360 евра

Извор: МФ

Општините се на високото трето место со долгови во износ од 58,6 милиони евра. Податоците покажуваат дека од вкупните неплатени обврски на државниот сектор, најголем дел или 213, 3 милиони евра се кон јавниот сектор, односно внатрешен долг  меѓу самите институции. Од вкупната сума на доспеани а неплатени обврски на државните и локалните власти и институции,  41% се кон приватниот сектор – на крајот од 2023 е регистрирани долг во износ од 169,8 милиони евра.

                                         Пријавени обврски

Кон јавен сектор                              213 349 847 евра

Кон приватен сектор                       169 787 700 евра

Кон странство                                      22 597 706 евра

Кон физички лица                                2 417 709 евра                    

Доспеаните а неплатени обврски кон странство изнесуваат 22,5 милиони евра а кон физички лица 2,4 милиони евра.

На првите три места – три државни фирми …

Ако се анализира структурата на долгот, најголем дел во износ од  91,3 милиони евра е по основ на комуналии, греење, транспорт, комуникации. По основ на “други тековни расходи“ пријавени се обврски  од 62,2 милиони евра, за материјали и ситен инвентар не се платени сметки во износ од 59,4 милиони евра а доспеаните неплатени обврски по основ на “договорни услуги“ изнесуваат 41,1 милион евра. 

На новата “должничка “ листа на првите три места се наоѓаат три фирми по државна “капа“: МЖ Транспорт со доспеани а неплатени обврски во износ од 64,8 милиони евра, МЖ Инфраструктура со скоро 41,0 милион евра и ЕСМ Дистрибуција на топлина со пријавени обврски во износ од 22,2 милиони евра.    

                                  Доспеани а неплатени обврски

МЖ Транспорт                                  64 840 000 евра

МЖ Инфраструктура                       40 923 000 евра

ЕСМ Дистрибуција на топлина     22 205 000 евра          

Меѓу првите “десет“ најзадолжени и натаму е ЈУ од областа на здравството – заедничката служба за снабдување на клиниките, со пријавен долг од 21,7 милиони евра. И на оваа конечна должничка листа за 2023 та се наоѓаат голем број на болници и клиники. ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија пријавила долгови во износ од 6,5 милиони евра, ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија долг од скоро 4,4 милиони евра а Универзитетска клиника за трауматологија 4,1 милион евра.

Во десетте најзадолжени се и две Јавни претпријатија – ЈП Водовод и канализација – Скопје и ЈП Водовод  Куманово како и две општини, Тетово и Гостивар.

Во следното продолжение “Порталб“ ќе ги објави податоците за состојбата со долговите на локално ниво.