ЕкономијаМакедонијаНовости

АНАЛИЗА: Годишно ќе доспеваат долгови и по 1 милијарда евра– се размислува за предвремена отплата 

   Време за читање 4 минути

Нови Еврообврзници, заеми од меѓународни финансиски институции,  задолжувања на домашен пазар, издавање на нови Граѓански и Зелени обврзници – сите опции се на маса како извори за финансирање на буџетскиот “минус“, пишува Порталб.мк. Во новата ревидирана Фискална стратегија 2023 -2028 година, усвоена во пакет со новиот Буџет 2024 се посочува и на можноста од предвремена отплата на дел од долговите кои веќе во 2025 та ќе надминат 1 милијарда евра.

Повисок економски раст, повисоки плати, пониска инфлација …  

Оптимистичкото економско сценарио на Владата во новата Фискална стратегија – растот на БДП  ќе биде над 3%, ќе се зголемуваат вработеноста и инвестициите а ќе се намалуваат невработеноста и инфлацијата. Конкретно растот на БДП годинава е позициониран на 3,4% но догодина се очекува да надмине 4% а во 2026 та дури и повисок од 5%. 

                                                   2024                        2025                   2026

Раст на БДП                             3,4%                        4,8%                    5,5%

Инфлација                                3,6%                       2,0%                    2,0%

Нето-плата                                8,4%                       6,6%                    6,0%

Оптимистички се прогнозите за инфлацијата која не само што се очекува да биде едноцифрена туку и да се спушти под 3%. Годинава и во наредените се очекува натамошен раст на нето-платата – во 2024 та за 8,4% а потоа се очекува забавување на номиналниот пораст на нето платата. Годинава веќе во март се очекува нова корекција на минималната плата која повторно ќе ја активира спиралата за зголемување и на останатите плати. Во споредба со првичната Фискална стратегија за истиот анализиран период, во ревидираната, проекциите за раст на БДП во 2024 та се намалени, инфлацијата и порастот на нето-платата се зголемени.

Годинава за отплата над 700 000 000 евра …  

“Етапна фискална консолидација“ – се наведува во новата Фискална стратегија. Владата прогнозира етапно намалување на буџетскиот минус, прогноза која и изминатите години  беше зацртана како таргет, но неостварена поради енергетската а потоа и економско-инфлациската криза.

                                   Буџетски дефицит

2024 година                                           3,4%

2025 година                                           3,0%

2026 година                                           3,0%

2027 година                                           2,8%

“На среден рок, со фискалната политика се предвидува етапна фискална консолидација, при што со новите фискални проекции годишното ниво на буџетскиот дефицит е конзистентно со проекциите во претходната Фискална стратегија. Притоа, буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП се намалува на 4,8% во 2023 година 3,4% во 2024 година, 3,0% во 2025 година, 3,0% во 2026 година, 2,8% во 2027 година и 2,5% во 2028 година“ – наведува Министерството за финансии.

Буџетскиот дефицит ќе се финансира со заеми од странство и од дома а Владата ја разгледува и можноста за предвремена отплата на дел од долгот – обврските за отплата  догодина ќе надминат 1 милијарда евра.

                                    Отплата на долгови

2024 година                              731 400 000 евра

2025 година                           1 095 130 000 евра

2026 година                           1 230 000 000 евра

2027 година                           1 052 600 000 евра

“Со цел оптимизација на исплатите и намалување на ризикот од рефинансирање, Министерството за финансии ќе продолжи да издава државни обврзници со подолги рочности и различни типови обврзници (на пример, граѓански обврзници, проектни обврзници и др.), при што ќе се намали ризикот од рефинансирање на долгот. Со цел ефикасно управување со јавниот долг, Министерството за финансии на среден рок ќе ја следи и можноста за евентуална предвремена отплата на дел од долгот, односно постигнување поповолна рочна, валутна и каматна структура на долгот.“ – се наведува во Фискалната стратегија.

Вкупниот Јавен долг на крајот од септември, лани,  изнесувал 55,3% а според поставениот таргет, државниот долг не смее да надмине 60% од БДП. Јавниот долг според процените годинава ќе изнесува 63,2%.