Анализа: Лицата со средно образование доминирале во рангот на плати до 20 до 25,000 денари
Со оглед на фактот дека најголемиот дел од вработените се со основно, средно и високо образование, во оваа анализа ќе ги земеме само нив како репер за тоа колкави плати земале вработените според степенот на образование и полот. Исто така, бидејќи во 2022 година минималната плата до третиот квартал изнесуваше 15,194 денари, цел на анализата ќе бидат платите кои биле поголеми од минималната плата
Податоците на Државниот завод за статистика, кој води евиденција за тоа колкави плати земаат лицата според степенот на образование по години, покажува дека во 2022 година (последни достапни податоци), од 16,000 до 20,000 денари плата земале вкупно 28,959 лица со основно образование. Поголем бил бројот на мажи и истиот изнесувал 19,406, додека кај жените 9,553 лица.
Бројката на лица со средно образование кои земале плати во овој ранг е драстично поголема, односно изнесувала 139,973. Тука повторно бил поголем бројот на мажи кој изнесувал 76,492, додека кај жените бил 63,481.
Интересни се податоците за лицата со високо образование кои во 2022 година работеле за износ од овој ранг. Иако вкупниот број бил помал од тој кај лицата со средно образование и изнесувал само 21,480, бројот на жени кои земале плата е поголем од тој на мажите и изнесувал 13,100. Кај мажите истиот изнесувал 8,380.
Во рангот на плати од 20 до 25,000 денари со основно во образование во 2022 година влегле вкупно 15,244 лица. Оваа бројка и е очекувана, бидејќи логиката на пазарот на труд, во најголем дел, вели дека поголема сума на пари заработуваат лицата со повисок степен на образование, иако тоа секогаш не е случај. Од нив, 12,549 биле мажи, а 2,695 жени. Кај лицата со средно, бројката била значајно поголема од таа кај лицата со основно и изнесува 113,157. Мажите тука повторно биле во поголем број (77,125) од жените (36,032).
Мора да се потенцира дека интересно е што тука доминираат лицата со средно образование и тоа далеку и пред лицата со високо, чијашто бројка изнесувала 56,540, но и тоа што жените (35,046) се во поголем број од мажите (21,494).
Како што се зголемува рангот на платите, така се намалува бројот на лицата со основно и средно кои ги земаат тие плати, а расте бројот на оние со високо образование. Па така, со завршено основно образование, вкупно 4,703 лица земале плати во ранг од 25 до 30,000 денари.
Тука се забележува намалување на бројот на жени, што значи дека со тоа што се зголемува износот, се зголемува и јазот помеѓу платите на мажите и жените. Само 558 од жените земале плата во рамките на овие суми, додека бројот на мажи изнесувал 4,145. Во групата на лица со средно образование, вкупната бројка изнесувала 43,767, каде што мажите повторно се во значително поголем број кој изнесувал 34,392, а кај жените 9,375. Вкупната бројка кај оние со факултет изнесувала 61,167. Во оваа група, поголем бил бројот на жени – 31,719, додека кај мажите истиот бил 29,448.
Само 873 лица со основно образование во 2022 земале од 30 до 40,000 денари плата. Поголемиот дел мажи, односно 851, што значи дека бројот на жените бил помал и изнесувал 22. Кај лицата со средно вкупната бројка била 15,781, од нив 13,964 биле мажи, а 1,817 жени. Како и што рековме претходно, бројката на лица со високо образование се зголемува како што се зголемува рангот на платите. Оттаму, од 30 до 40,000 денари во 2022 година земале вкупно 33,791 лице со факултет. Од оваа бројка, 19,112 биле мажи, а 14,679 жени.
Со оглед на тоа што бројката на лица со високо образование во рангот на плати од 40,000 денари и повеќе била најголема, ќе започнеме од неа. Имено, вкупно 12,772 лица земале од 600 евра па нагоре. Од нив, 8,102 мажи и 4,670 жени.
Кај лицата со средно, вкупната бројка изнесувала 6,046, до кои 5,596 биле мажи и само 450 жени и во групата на лица со основно образование, бројот изнесувал 854 – 771 маж и 83 жени.