- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Анализа на наставник: Наставниците треба диреткно да бидат вклучени во креирање на реформата за основно образование

Наставник- Работник
260views
Анализа на наставничка и член на СОНК за новата реформа на Министерството за образование и наука, која Претседателот на СОНК Јаким Неделков ја објави на својот фејсбук профил:
 
Почитувани,
Најпрво Ви се обраќам во врска со новата Концепција за основно образование, но и би сакала да го изразам сопственото мислење околу моменталниот образовен процес и неговата организација, промените и модификациите кои се направија во последнава година и Вашата основа за промена.
Фактот дека „нешто не чини во државата Данска“ т.е. дека моменталниот воспитно образовен процес треба да претрпи промени е неоспорлив, како и фактот дека во последниве години најмал акцент се даваше токму на образованието во нашата држава. Би сакала да изразам благодарност за признавањето на грешките во минатото и за реформите кои како што гледаме не вродија многу со плод. Но, тука останува прашањето дали е потребна целосна промена на воспитно образовниот процес, дали истата треба да се заснова на анкета на нешто повеќе од 4 илјади наставници и нивните согледувања врз однапред дадени опции и дали истата ќе гарантира успех во иднина. Дали ние како држава сме спремни да направиме сопствен концепт и доколку истиот се покаже неуспешен, кој ќе ја плати цената?!
Бев присутна на презентирањето на предлог Концепцијата за основно образование и најпрво бев изненадена од моментот што за еден ваков потфат, ако добро сфатив, било потребна работа од неколку месеци, што мене ми изгледа како премалку време за спроведување на една ваква анализа и воедно играње со еден процес каде најмалку се дозволени грешки. На крајот на денот се работи за кроењето на иднината на нашето општество и вложување во истата. Како второ, иако на самото презентирање беше напоменато дека од секое основно училиште во држава ќе бидат присутни директорите и по двајца наставници, Вие не предвидовте дека тоа би било преголема бројка за една онлајн презентација и наставниците директно ги префрливте на youtube каналот, каде коментарите беа исклучени, што некако даде насока дека од Ваша страна сето ова е финализирано и дека иако базирате сè на мислењето на наставниците (и се разбира за доброто на учениците), Вие не им дадовте можност на истите тие наставници да го искажат сопственото мислење и да постават прашања. Се разбира верувам дека токму тие наставници кои присуствуваа на Вашата презентација се и тие кои ја имаат довербата од своите директори штом и биле на истата. Како трето, не мислам дека со презентација во времетраење од час и половина може да биде кажано се што е потребно за една ваква драстична промена од круцијално значење за нас како наставници и за иднината на нашите деца. Исто така, времето посветено за одговарање на прашањата кои само директорите можеа да ги постават и оскудноста на вашите одговори не знам дали да ја коментирам.
Во минативе дванаесет години, колку што јас работам во образовниот процес, беа направени безброј реформи, некои од нив катастрофални, некои прифатливи, некои пак продуктивни (иако ретко продуктивни). Според она што јас како наставник успеав да го согледам, но и секако во дискусии со моите колеги (кои се со долгогодишно искуство и имаат поминато уште толку промени и реформи), единствен заклучок за истите е дека се спроведени без притоа да се вклучат наставниците кои се во настават и имаат најдобро сознание за ситуацијата од терен, како и дека нема никаква анализа на самата состојба и анализа на можностите за спроведување на дадената реформа. Според она што го чув на Вашата презентација мислам дека повторно ќе се направи истата грешка. Со целосна почит кон екпертите кои се вклучени во креирање на новата Концепција (дел од нив ги познавам од различни проекти, дел имав можност да ги чујам со нивните објаснувања по медиумите), мислам дека и самите тие требало да Ви посочат дека треба да има работни групи и по предметите чија „судбина“ планирате да ја промените. Не ја деградирам нивната експертиза, туку посочувам дека тие се одамна дел од високото образование и не се темелно запознаени со нашите предизвици. Тоа би било како да направите една работна група од наставници од основно образование и истите да ја направат Концепцијата за високо образование. На крајот на денот не е прифатливо да не бидеме вклучени во креирање на образовни политики кои најмногу не засегаат нас и нашите ученици. Со целосна почит и кон советниците во Бирото за развој на образованието и инспекторите од државниот просветен инспекторат, но и самите сме свесни дека и тие некогаш немаат одговор и соодветни насоки за нашите дилеми и до ден денес, иако се тоа на хартија е срочено како што е, сеуште кружат одредени прашања на кои единствено решение е „хартија трпи се“. За насоките и деловите од Законот за основно образование кои не се применливи во пракса, за деликатноста и за различноста на одредени ситуации за кои нивните правилници и протоколи не се создадени.
Тука би сакала и да посочам дека не сме нација кои лесно прифаќа промени и дека сето ова е еден шок за сите нас, наставници, родители и ученици. Многу често се зборува од сите вклучени страни дека нашето образование „не чини“, но ретко се изнајдуваат соодветните решенија. Промените се тешки, но се разбира и потребни, повторно да посочам дека фактот дека потребна е промена, но не „по секоја цена“.
Првиот и најосновниот проблем со кој ќе се соочиме се просторните услови во училиштата, кои се јавуваат како проблем и во моментов. Сите сме свесни дека инфраструктурно сме слаби, во последниве години се направија некои промени, но и самите видовме сведоштва за тоа во какви услови учат нашите ученици, посебно во руралните средини. Оскудност, згради чии покриви прокапуваат, немање соодветни тоалети, спортски сали, терени, основни услови како вода во училиштето и греење. Зошто за почеток не се насочиме кон основата, кон креирање на една здрава и чиста средина за децата со најосновните услови. Каде планирате да градиме ако немаме основа. Дали овие деца првенствено не го заслужуваат тоа?! Како ќе им објасните на оние ученици во училиштата каде работат по три смени, по повеќе од 30 ученици на каде треба да се движат, а не па која воннаставна активност ќе ја имаат. Сакаме да се споредуваме со држави кои имаат по најмногу 20 ученици по паралелка, каде наставникот има повеќе од доволно време да им посвети на сите ученици, тогаш почнете да менувате од тука. Која е логиката да имате ваква Концепција со паралелки од 30 ученици, каде двајца од нив се со посебни образовни потреби (овој дел повлекува и дополнителни прашања).
Да посочам тука дека ми се допадна тоа што (иако неофицијално беше споменато) ќе биде задолжително една година децата да поминат во предучилишна институција, но навистина не разбирам зошто во прво одделение ќе се функционира на принципот без ѕвонче. Не сум одделенски наставник, но влегувам и кај пониските одделенија и искрено добив чувство дека со овој дел сакате да го вратите оној дел на забавиште. Јас сум од тие генерации кои имаа можност да присуствуваат во ваква група, ама сум исто така од тие генерации каде цело време тврдите дека поминале низ неквалитетен воспитно образовен процес. Прашањето ми е зашто тогаш се укина ваквиот дел од образовниот процес и дали ќе се постигне резултат со неговото враќање, иако сега нема да биде категоризирано како „забавиште“, туку како прво одделение. Дали мислите дека со „избегнувањето на ѕвончето“ ќе успееме кај овие деца да ги створиме најосновните навики во воспитно образовниот процес, навиката да бидат навреме на час, да знаат дека треба на одморите дека треба да се подготват за истиот, навики кои понатаму би требало да резултираат во нивни формирање во одговорни ученици кои ќе бидат подготвени да покажат почит кон возрасните, почит кон времето и кон нивните обврски. Можете тука да се повикаме на моментот дека уште од најмала возраст како родители пробуваме да им го организираме времето на децата по одреден редослед, кога ќе спијат, кога почнуваат да седат, зошто мислите дека на 6 годишна возраст не треба да се стекнат горенаведените навики. На што ќе ги научиме ние со новиот концепт нашите првооделенчиња?!
Што се однесува до автономноста на наставникот која тврдите дека ќе се постигне со новата концепција… Јас, како наставник по англиски јазик, никогаш не сум била „врзана со учебникот“ и со оглед на предметот кој го предавам не можам да кажам дека сум била ограничена за користење на дополнителни материјали, верувам дека истото важи и за останатите предмети. На крајот на денот, учебникот е само помошно средство. Проблемот со дистрибуцијата на дополнителните материјали е од друга природа, немање канцелариски материјали како прво, хартија, принтер, можност да се направат копии за сите ученици, тонер, време, недоволна опременост на училиштата со ИКТ технологија, а да не спомнуваме дака некои ученици и во 21ви век немаат интернет и уред во домовите (факт кој стана премногу вистинит откако запознавме со онлајн наставата). А вие планирате дигитализација на учебниците, резулатот знаете ли кој ќе биде, факт – заштеда на многу пари за печатење на учебници од Ваша страна, копирање на истите од страна на родителите кои ќе се жалат на дополнителен трошок. Да бидеме реални, често слушам родители како се жалат дека требало боички и фломастери да купат, како ова не било бесплатно образование, па уште и темперни и водени боици, па блок. Дали знаете, а мислам дека знаете што ќе се случи кога ќе одлучат сето ова да го копираат. Училиштата знаеме дека не се моќни да помогнат тука. Ајде еве, ситуација нема да ги копираат, ученикот од 4то одделение дали ќе се умее да го пронајде учебникот на својот таблет или компјутер. Дали знаете што значи да Ви плаче ученик на час затоа што не знае да ракува со технологија… ние знаеме сега… Дали знаете како е кога ученикот од 7мо одделение ќе го фати паника затоа што тестот во Forms не му се отвара и истиот Ви се обраќа со солзи во очите, а е сам дома и нема кој да му помогне и покаже, што останува за оној погоре од 4то одделение… Јас знам… Моите колеги знаат… Вие… Не сум баш сигурна.Дали знаете колку од наставниците Ви се технолошки неописменети, колку од нив се доволно возрасни и тешка им е оваа транзиција во дигитализација. Дали планирате да вложите во нивно описменување и професионален развој? Ама не онаков каков што правите моментално со вебинарите, публиката не знае два пати да кликне, а обучувачот се „фали“ за рецептите кои ги сочувал на OneNote, публиката не знае како да го измеша редоследот на прашањата во Forms, а обучувачот им презентира десет алатки кои можат, ама не мораат да ги користат. Погледнете во потенцијалот и можностите на оние кои се засегнати со оваа концепција.
Кажете ми каква е таа автономност на наставникот кога ќе треба двајца или тројца наставници да формираат една оцена за ученикот?! Зборувам за предметите кои планирате да ги интегрирате во еден. Што се случува доколку не можат овие наставници да се согласат околу оцената?! Што е со меѓучовечките односи во колективите кои можеби и во моментов не се на највисоко ниво, а дополнително се нарушат со еден ваков процес. Дали мислите дека со незадоволни и исфрустрирани наставници ќе постигнете подобар воспитно образовен процес, дали учениците ќе бидат позадоволни од истите тие наставници. Дали сте свесни дека енергијата во училницата зависи најмногу од тој еден наставник, како и успешноста од подучувањето на кое ставате толкав акцент, оттука задоволството кај учениците, како и нивниот успех. Да не се лажеме тука, мотивираниот и креативен наставник секогаш ќе ги насочи соодветно своите ученици и ќе го извлече максимумот од нив. Можеби дел од вниманието треба да го посветите кон мотивираноста на наставниците, кои некако треба да се потсетат од време навреме која им е должноста и обврската, на кои треба да има се дозволи напредување и издвојување од толпата доколку придонесуваат повеќе. Верувам дека не секој е створен за ова работно место и дека има дел од наставниците кои некако се протнале во системот и останале во истиот без никаков напредок или интерес за напредокот на професијата или технологијата, што со нив… Илјада промени и реформи нема да ги направат подобри наставници, како ќе се носите и справите се овој тип на вработени во воспитно образовниот процес.
Да се префрлам на конкретните промени од кои многумина не се задоволни. Знам дека ветувате дека ниту еден наставник нема да остане без работа, но по она што се случи со наставниците по англиски јазик во стредното стручно образование, извинете што немам толкава доверба во овој исказ. Ако за нив сеуште не изнајдовте решение и не успеавте да им најдете доволно часови и ги оставивте на милост и немилост самите да си го најдат решението за нивната егзистенција, како да Ви веруваме дека за нас ќе изнајдете решение. Истите тие, напишаа бројни приговори и петиции и на крајот, пак ништо.
Од она што го презентиравте, увидов дека има скратување кај часовите по англиски јазик, каде во трето одделение наместо 3 часа неделно, вие сте ставиле 2 часа. Колку часови на државно ниво ќе имаме помалку по тој предмет? Предметот германски јазик/француски јазик (како втор јазик) од задолжителен предмет станува изборен, дали е ова вистинското решение, дали секоја година овие наставници ќе стрепат за сопствената егзистенција? Што е со поговорката “Quot linguas calles, tot homines vales” ( Колку јазици зборуваш, за толку луѓе вредиш)? Јас сум од оние експериментални генерации каде се воведе втор јазик како факултатитен, но нормално беше задолжителен. Дали треба да се промени статусот на овој предмет со новата концепција, дали мислите дека „тежината“ и сериозноста на самиот предмет нема да се намалат во очите на децата и родителите со самата промена на статусот? Сакаме да се пофалиме со тоа колку јазици зборуваме или учиме во нашите биографии, оставете им на идните генерации да се гордеат со фактот дека симултано учеле по неколку јазици и успеале. Дали ќе го решите проблемот за понудата на повеќе странски јазици како втор јазик со тоа што ќе го понудите дополнително само албанскиот јазик. Каде е изборот?!
Дојдовме до меѓупредметната интеграција, за која погоре успеав да спомнам накратко само околу оценувањето. Ме интересира согласно кој пример и истражување одлучивте дека ова е најдоброто решение за нашиот образовен систем. Согласно што одлучивте да искомплицирате едно многу едноставна работа. Учениците кои моментално учат три предмети, наместо еден, нема да знаат каде да се насочат во иднина ли, само затоа што ќе ја знаат разликата помешчу природните или општествените предмети. Мислите ли дека усогласувањето на темите не може да се изведе на еден поинаков начин. Зошто да не се усогласат наставните програми по предметите, па кога ќе учат по биологија за одредена тема, истата напоредно да не се дискутира по предметот хемија или по физика. Што правиме со наставниците по географија кои ќе бидат дел од двата нови предмети по природни и општествени науки. Како ќе се направи тој „магичен“ распоред на часови и воннаставни активности. Кој ќе биде тој „јунак“ кој ќе успее сето тоа да го изменаџира и секој да наставниците и учениците да биде задоволен. Само ќе треба советниците од Бирото за развој да соработуваат малку повеќе во нивни активи, и онака веќе со години се неактивирани и неискористени како ресурс. Меѓупредметната корелација не е ништо ново, посебно по предметот кој јас го предавам, затоа останува прашањето која е целта.
Што е со промовирање на креативноста кај учениците, а намалување на фондот на часови кај предметите ликовно и музичко образование, зарем помало значење имаат овие предмети за учениците. Зарем некој од тие ученици нема да сака поголемо време да помине по овие предмети и во иднина да се насочи да ги изучува истите. Во самата презентација можеме да чуеме дека кај овои наставници се очекува поголем ангажман во воннаставните активности, но што ако никој не ги одбере.
Што ќе се случи со оние предмети и наставници кои предаваат предмети кои моментално се задолжителни, а не постојат во новата концепција, предмети како иновации, етика… Дали направивте анализа на пазарот на трудот и по некоја математичка формула одлучивте дека сите ќе имаат часови и работно место? Дали сте свесни дека пред ваква една промена треба темелна анализа на целокупната ситуација и можности?
Да преминам на општествено-химанитарната работа, како идеја е одлична, во пракса верувам дека ќе наидеме на многубројни реакции од страна на родителите, со тие исти реакции ќе останеме самите ние како наставници да се справуваме, исто како што не оставивте да се справуваме сами со секоја претходна новина и експеримент воведени досегаво образовниот процес. Ние, како наставници бевме напуштени да ја одбраниме и оправдаме секоја ваша грешка. Прашањето е до кога?
Часот на одделенска заедница, до сега замислен за работилници по одреден прирачник, кои признава и не сите се корисни и примамливи за учениците, ама верувам дека барем оние наставници кои навистина и потенцирам навистина ги работат со своите одделенија можат да признаат дека прават промена и даваат резултати. Пробувам веќе подолго време да замислам на кој начин ќе биде реализиран повеќекратно и по потреба овој час и ете ќе признаам, како одделенски раководител понекогаш и имам потреба да повеќе средби со одделението, некогаш и само за разговор и давање насоки, но не ми е јасно како сите овие кратки или подолги средби ќе се вклопат во тој распоред на часови и активности/ангажмани кои нашите ученици ќе ги имаат во шест часовен работен ден. Или ќе има потреба да им го променам редоследот на учениците само поради мојата потреба за средба со нив. Доколку одлучам часот на одделенска зедница наместо 40 минути да ми трае денес 15 минути поради тоа што нема да имам потреба од повеќе, каде ќе одат учениците. Дали имате план сето ова како ќе влијае на планот и распоредот на училиштето?
Да одиме понатаму, изборните предмети… Што се случува со оние наставници кои не се пронаоѓаат во ниту една од Вашите четири категории и немаат некоја вештина или способност која е вон нивното формално образование за да понудат на своите ученици. Што ако понудиме доволно опции, но сепак ете учениците не нè изберат, ќе останеме ли без часови… Што ако сакаат да не изберат, но ете нема доволно место и на основ на тоа ќе мора да посетуваат активност која не ја сакаат, да присуствуаат на часови кај наставник од кој не се задоволни и доволно насочени или инспирирани. Ова ли ќе биде фер и демократски, така ли ќе им кажеме. Вие да ги погледнете во очи и Вие да им објасните зошто нешто може, а нешто не може. Ние ги цениме и сакаме своите ученици премногу за да ги лажеме.
Да не ги заборавиме портфолијата, а тука и би се надоврзала и со работното време на наставниците, што можеби и ќе ме наврати на просторните можности. Портфолијата веројатно многу полесно ќе ги водиме доколку имаме некаков систем на организација и простор за складирање на истите. Портфолијата не се некоја новина, но сите сме свесни дека постои една невозможност за нивно соодвето водење, исто како идеја одлични, во пракса нереални. Дали наставникот ќе има доволно време сето тоа да го подреди, примени, зачува, па дури и разгледа за да го вклучи во оцената. Дали истиот тој наставник ќе има сопствен простор за да ја врши оваа работа, а при тоа да не е наставничката канцеларија, каде најчесто има поголем број на наставници и во врева како што знаете не се извршуваат овој тип на работи, барем не со целосно посветено внимание. Дали ќе им обезбедите сопствени канцеларии на овие наставници со цел подобра организација?
Ве молам погледнете го уште еднаш видеото, свесни сме дека ќе има проблеми и самите креатори на концепцијата го признаваат тоа, посебно околу просторот, не може тековно да се решаваат проблемите кои ќе се јават, доста ни е од тоа, туку истите треба да се предвидат и решат пред воведувањето на новината.
За крај, би сакала да Ви пишам зошто воопшто седнав ова да го напишам. Минатата недела имав час со моите ученици од 9то одделение каде разговаравме за Грета Тунберг, согласно новата програма по англиски јазик за 9то одделение. Заклучокот од часот беше дека една личност не може да направи промена, но може да ја освести масата за потребата од истата и со тоа да се направи цело движење. Некогаш промените треба да запознат од една личност. Свесна сум дека со ова писмо можеби како единка нема да постигнам чудо, но се надевам дека барем ќе придонесам една трошка кон подобрувањето на воспитно образовниот процес во кој сум и кој е од најголемо значење за едно општество. Се надевам дека со ова писмо ќе успеам барем да покренам некаква иницијатива или пак да ве запознаат со некои работи во пракса. Свесна сум дека ни претстои многу работа доколку сакаме да ја постигнеме нашата главна цел, подобрување на образовниот процес во целост. Сакав да го адресирам самово писмо со “To whom it may concern” бидејќи знам и верувам дека доколку му посветите барем малку внимание ќе видите дека постојат наставници кои сакаат да направат промена и се грижат за училиштето, децата и кои знаат што сакаат да постигнат. Се надевам дека нема да заврши во некоја архива некаде откако неколку дена ќе шета од канцеларија во канцеларија и каде ќе се смеат на една наставничка која потрошила повеќе од доволно време за да го напише.
Уште нешто, исто како што ги учиме нашите ученици дека без добра основа, куќа не се гради, истата порака би Ви ја упатила и Вам. Направете добра основа, па потоа превземајте драстични чекори.
 
Со почит.
Somebody who cares
 
 

Posted by Самостоен синдикат за образование, наука и култура – СОНК on Saturday, December 26, 2020