ЕкономијаНовостиСветот на работникот

АНАЛИЗА: Увоз на работна сила, што се случува во регионот а што во Македонија?

   Време за читање 5 минути

Годишно Хрватска издава и по 120 000 работни дозволи за странци. Државите од регионот со стратегија и план не само за увоз туку и за интеграција на работници од странство, пишува Порталб.мк. Што прави Македонија во ситуација кога голем број на сектори алармираат дека има дефицит на работници и дека може да биде доведено во прашање функционирањето на компаниите?

Странските работници, неминовност за македонските фирми ..

Не постои економија во регионот и во Европа која не се соочува со недостиг на работници, но прашањето е како и дали навреме државните се мобилизираат за увоз на работна сила преку легални канали. И во земјава прашањето за дефицит на работници станува актуелно а проблемот видлив во повеќе индустрии. Според познавачите и бизнис секторот и ние ќе мора да се соочиме со ова прашање  но и да бараме решенија.

“Соседните држави се далеку по напред во организираноста за привлекување на странска работна сила во нивните работни средини , и активно работат и кон целосна интеграција на таа работна сила во нивните држави. Европските држави ( Грција и Бугарија ) интегрираат годишно и по 45.000 работници од странство , пред се во секторите кои се трудо-интензивни. Србија, Албанија и Црна Гора, значајно ги олеснија процесите за добивање на времена дозвола за работа и престој за странци “ – вели Зоран Кочоски од Агенцијата Коузон Вработување.

Според компаративната анализа на агенцијата,  во земјите од регионот значајно се зголемува бројот на работни дозволи издадени на странци. Така во Грција бројот на работни визи на странци надминал 167 000, во Бугарија само лани се издадени скоро 40 000 работни визи, во Србија 35 000 а во Албанија се издадени скоро 20 000 работни визи на странци.

                                    Издадени работни визи

Бугарија                           39 728

Србија                               35 000    

Албанија                          19 904

Хрватска                        120 000

Македонија                      5 000

Извор: Коузон

Со проектот Бехтел и Енка во земјава повторно се отвори прашањето за потреба од увоз на работна сила, во случајот градежни работници. Ваквата состојба ја потврдија и од Владата со најава дека се размислува за начините како да се реализира тоа. Неофицијално во земјава веќе се активирани “црни“ канали за влез на работници од странство. Токму поради ова мора да се изгради стратегија за се овозможи легален престој а во следна фаза и интеграција на странските работници во земјава, велат познавачите.

“Не постои развиена западна држава , која нема интегрирано странска работна сила. Трендот за “увоз “ на работна сила во нашиов регион е процес кој трае скоро 5 години. Таргетот се државите од третиот свет и неразвиените држави е далечниот исток. Без да организираме национална стратегија која трајно ќе го дефинира интересот на државата и бизнисот , ние во Македонија ќе се соочиме со големи потешкотии во одржувањето на бизнисите и пред се нивото на услугите и сервисите кои граѓаните ги користат секојдневно.
Примерот на Хрватска треба да ни биде мотив и ние да се организираме на слично ниво“ – вели Кочоски.

А што се случува во Хрватска? Само годинава оваа европска земја издаде 120.000 работни дозволи за странци.

“Скоро и да нема сектор во Хрватска во кој не се вработува странска работна сила. За следната 2024 , Хрватска е спремна да издаде 200.000 работни дозволи , а Македонија само 5.000. Моја лична препорака е нашите политичари да изнајдат храброст  и да ги прифатат искуствата од другите држави“ – посочува Кочоски.

Македонија годишно во просек издава по околу 5 000 работни визи за странци, неофицијално бројката на странски работници е далеку поголема. Домашните бизнисмени особено од секторите градежништво, преработувачка и текстилна индустрија, угостителство,  предупредуваат  дека недостасуваат работници и дека состојбата е алармантна. Од друга страна на крајот од август во земјава имало 104 729 невработени.

                                   Број на невработени

Без образование или основно образование              61 961

Непотполно средно образование                                    9 105

Средно образование                                                         25 241

Вишо образование                                                                785

Високо образование                                                             7 017

Магистри                                                                                    604

Извор: АВРМ

На пазарот на труд според податоците од Агенцијата за вработување бројот на слободни работни места се движи од 7000 до 10 000. Но ако се анализира структурата на невработените според образование и возраст ќе се забележи дека е голем уделот на неквалификувана работна сила која не одговара на потребите на пазарот на труд – скоро 43 000 невработени лица се на возраст од 50 до 60 години а речиси 62 000 се без образование или само со основно образование.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *