МакедонијаСветот на работникот

Анализа: 124 несреќи при работа се случиле во 2018 година

Анализа: 124 несреќи при работа се случиле во 2018 година - Работник
346views

Во 2018 година според извештај на Македонското Здружение за заштита при работа – МЗЗПР се случиле 124 несреќи при работа. Од нив 33 беа фатални. Така, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 4,34 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 4 до 5 вработени. Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2017 година, кога изнесувала 3.22, се истакнува во Извештајот на несреќи при работа на МЗЗПР.

„Доколку се земе за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува околу 0.5, ќе констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа“, наведено е во извештајот на МЗЗПР.

Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2018 година изнесува 16,33, што покажува дека на секои 100.000 вработени, се повредуваат околу 16-17 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 18, стапката на повреди за 2018 незначително се намалила. Гледано по градови, најмногу повреди при работа (48) и смртни случаи (6) имало во Скопје, а во Виница и Валандово имало најмалку, односно воопшто немало. Во Скопје како град со најмногу жители, а со тоа и најмногу работници има поголема шанса да се случат несреќи при работа, додека пак во градовите како Виница и Валандово, бројот на работници е многу помал, па затоа има и мал ризик да се случи несреќа при работа.

Според дејности, најмногу повреди при работа (31), има во Градежништвото, додека во Дејности на Домаќинствата како работодавачи, Дејности на Домаќинства кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потребни, во 2018 година имало најмногу смртни случаи (10) и (12) повреди при работа. Во Градежништвото имало помалку смртни случаи, односно (8). Во дејноста Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување имало (29) повреди при работа, а имало (2) смртни случаи. Во Преработувачката индустрија има висок тренд на повреди при работа (16), а смртни случаи (2).

Во однос на податоците од МЗЗПР, гледано по денови, најмногу повреди при работа имало во петок (28), како и најголем број на смртни случаи (7). А, гледано по месеци, најмногу повреди при работа имало во Јуни (18), а најмногу смртни случаи имало во декември (5).

„Според резултатите добиени од анализа на несреќите при работа, по месецот во кој се случиле, можеме да видиме дека најмногу несреќи се случиле во месец ЈУНИ, а во Декември се случиле најголем број на смртни случаи. Може да се забележи дека како и претходните години несреќите најчесто се случувале во пролетните месеци, како и на почеток на летните месеци. 2018 година во сите останати месеци имаме слична состојба со бројот на несреќни при работа. Со исклучок на месец ФЕВРУАРИ“, пишува во анализата на МЗЗПР.

Во однос на возраста, најмногу повреди при работа се случиле на лица на возраст од 35 – 44 години, додека најмногу смртни случаи има во категоријата на возраст од 45 -54 години.

„Според добиените податоци најголем број несреќи се случиле на лица на возраст помеѓу 25-34 години. Меѓутоа, најголем број на несреќи со фатален исход има во категорија на возраст од 45-54 години. Мора да се истакне дека за голем број на несреќи нема податоци за возраста“, се нагласува во анализата.

Гледано според полот, најмногу повреди и смртни случаи имало кај мажите, односно (124) и (33), додека кај жените воопшто нема.

Извор: МЗЗПР