Апасиев: Селективното доделување на К-15 во администрацијата е предизборен поткуп
Бобан Илијевски
Колективниот договор којшто се потпиша во администрацијата е своевиден предизборен поткуп од страна на СДС, вели Универзитетскиот професор Димитар Апасиев, за Порталот Работник
Неодамна, Левица излезе со соопштение каде што се наведува дека потпишувањето на Гранскиот Колективен договор во јавната администрација е предизборен поткуп. Во тој контекст, колективниот договор ќе важи само за 20,000 административци, од вкупно 55,000 вработени. Некои од синдикатите истакнаа дека ова е дискриминирачки потег. Во однос на ова, професорот Апасиев го запрашавме кој е неговиот став од правен аспект.
Тој наведе дека не секогаш правниот аспект ја дава реалната слика за работите кои што се случуваат во нашава држава. Сведоци сме на тоа дека правото и правдата се две сосема различни категории, поради долгогодишните манипулации извршени во правниот систем на Република Македонија.
„Она што можеме да го кажеме во врска со тој колективен договор е дека повеќе од очигледна е намерата тој договор да служи како своевиден предизборен поткуп од страна на СДС за сите оние работници во државната администрација кои што неретко се и партиски вработени. Ние сметаме дека моментот на потпишувањето е крајно сомнителен и такви а и слични договори можеле и морале да се потпишат многу порано. Срамно и крајно манипулативно е да се врши селекција на кого да му биде доделен регрес а на кого не, но веќе сме навикнати од таквите политики водени од страна на СДС и ДПМНЕ. За разлика од нив, Левица се залага за еднаков трерман кон сите работници и правото на регрес, или популарно наречениот К-15, да го користат апсолутно сите“, вели Апасиев.
На прашањето за што се залага Левица како работинчка партија, тој истакна дека таа е единствената работничка партија која што активно и недвосмислено се залага за правата и интересите на работничката класа. Овде можеме да ги сметаме сите оние лица кои што макотрпно и чесно ги заработуваат своите средства за егзистенција, вели универзитетскиот професор Димитар Апасиев за Порталот Работник.
Според него зголемувањето на правата на работниците е од големо значење за оваа партија поради фактот дека работникот како субјект во нашево општество секојдневно е потценет, манипулиран па дури и подложен на секојдневни притисоци.
„Во моментов, жолтите синдикати не ја извршуваат својата работа на задоволително ниво, нешто што создава револт кај работниците, но, Левица како политичка партија секогаш била и ќе остане најголем заштитник и подржувач на работничката класа. Колку за илустрација, во моментов, Левица од сопствен буџет финансира правни постапки во корист на стотици поранешни вработени во најмалку пет големи компании, кои од разбирливи причини не би ги именувал“, вели Апасиев.
Тој истакна дека овде би можеле да ги додадеме и дадените подршки на стечајците од цела Македонија, нашето присуство на нивните протести, давање правна помош, логистика, како и активно залагање за решавање на нивниот статус. Следствено на претходно спомнатото, поради преголемиот број на стечајци погодени со приватизацијата, како партија се залагаме за целосно обештетување на сите стечајни работници, кои се вистинските жртви на криминалната транзиција.
Прашан за тоа како го оценува работењето на Државниот инспекторат за труд, Апасиев истакна дека инспекторатот за труд не само што не функционира на начин на кој што треба да функционира, туку неретко постапува во спротивност со намената за која што е создаден.
„Многумина од инспекторите се подмитливи и својата работа не ја работат во својство на заштита на работниците,туку за лични интереси – нешто што ги повредува многу работници, посебно во текстилната и градежната индустрија“, рече Апасиев.
Тој заклучи дека трудовите инспектори често соработуваат со алчните профитерски настроени сопственици на фирми и им замижуваат на проблемите. Конкретен пример за тоа е долгогодишното барање за помош во фабриката „Стоби“ од страна на вработените поради неисплаќање на плати, нерегулирање на работниот стаж, неисплаќање на регрес, немање на елементарни услови за работа, по што локалниот инспектор не само што не им помогнал на овие лица, туку ги пријавил кај сопственикот на фирмата, по што вработените биле парично казнети.