ИнтервјуаМакедонијаСиндикат

Арсовска за Работник:Во 80% од културните институции нема основни услови за работа

Арсовска- Работник
339views

Според Вас, каква е материјалната и социјалната положба на културните работници во државата?

Состојбата во културата по прашање на социјалната и материјалната положба се движи од една во друга крајност. Од една страна имаме привилегирани работници, на друга оштетени. Немање колективен договор во културата 15 години воведе до тоа за исто работно место да постојат две различни плати, едната двапати поголема од другата. Низ изминативе години селективното решавање на проблемите по работен однос довело до фаворизација на одредена дејност или институција, наспроти запоставувањето на другите дејности или институции во истата дејност.

Кои работнички права на културните работници во најголем дел се кршат?

Страшно е што не се почитуваат законските одредби и за многу права кои законски им следуваат на работниците се остава на волјата на работодавците, односно директорите, па така, во зависност од дејностите и институциите секојдневно се кршат работничките права во однос на прекувремена работа, работа за празници и недела, теренски додаток, работа во посебни услови, заштита и здравје при работа, пробивање на законски рокови за исплата на плата. И покрај тоа што за повеќето работи кои ги наведов има законски одредби, тие често се неапликативни во културата и нивното надополнување заради специфичноста на професиите во културата е потребно да се уреди во Колективен договор.

На кое ниво е социјалниот дијалог на СКРМ со Министерството за култура?

Секојдневно се обидуваме да го алармираме Министерството за постојаните проблемите во културата, како и да понудиме решение за надминување на истите. Колку и да кажам дека социјалниот дијалог со Министерство за култура се движи во позитивна насока, сепак, има толку настанати проблеми што требаат многу години за нивно темелно решавање, а исто така многу волја и активност. Во моментов, СКРМ и СОНК како два репрезентативни синдикати во културата, се обидуваме да го решиме најгорливиот проблем во културата, а тоа е колективниот договор, конечно да создадеме услови за негово потпишување и спроведување.

Како го оценувате спроведувањето на Законот за безбедност и здравје при работа, со оглед на тоа дека вчера беше тешко повреден работник од МНТ?

Не сум инфирмирана за повредата на работник во МНТ, така што не можам да кажам ништо конкретно, освен дека ми е жал што ваквите случаеви се сè почести. Како што спомнав погоре, постои непочитување на законите од страна на работодавците, а цената по својот живот и здравје ја плаќа обичниот работник. А. ако ви значи моето мислење за спроведувањето на Законот за безбедност и здравје, можам само да кажам дека доколку се спроведува како што треба, 80% од културните институции до сега ќе беа затворени. Во 21 век ние имаме институции каде што се нема основни услови за работа, се работи во субстандардни услови, со големи ризици за животна опасност  и здравје и кај уметниците и кај културните работници.