Економија

Арсовска стана член на Глобалниот комитет на жени лидери

Арсовска стана член - Работник
134views

WBAF ги објави членовите на бордот на Глобалниот комитет на жени лидери. Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела – име кое претставува одраз на лидерството во 21 век – ќе претседава со глобалниот одбор составен од уште 11 светски познати членови.

Глобалниот комитет на жени лидери под водство на Свати Мандела, на едно место ги собра дел од највлијателните жени лидери во светот, со цел да ги адресираат предизвиците на денешницата, да поттикнат соработка и да генерираат нови идеи.

Глобалниот комитет на жени лидери е посветен на искористување на уникатниот пристап на влијателни жени лидери во светот, креатори на политики, претприемачи и уметници – обединувајќи ги да ги искористат своите колективни знаења, да се посветат на критични теми и да генерираат иновативни решенија за зајакнување на светската економија. Интернационално добро познати имиња во бордот се д-р Аменах Гуриб-Факим, 6-тиот претседател на Република Маурициус, како и Мари-Кристин Огли, претседателот на Светската асоцијација на жени претприемачи.

Во бордот има и македонка, Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска. Арсовска пред една година стапи на највисоката позиција во раководството на World Chambers Federation, која раководи со стопанските комори од целиот свет, информација која одекна глобално со оглед на фактот што само 4 жени во светот се носители на таа функцијата.

„Да се види име македонка во бордот на Глобалниот комитет на жени лидери е гордост и чест за мене лично, но и професионално. Со Сојузот направивме многу за интернационално да постигнеме успеси во економската соработка и меѓу првите дигитализиравме дел од алатките за меѓународна трговија. Со успех во работата го истакнавме фактот дека и покрај тоа што сме само неколку жени во светот претседатели на национални комори, можеме да промениме многу и да придонесеме за општо добро“, изјави Арсовска

Свати Мандела на назначувањето рече дека жените долги години имаат успех во своите кариери заради нивната способност да се прилагодат на деловната култура и процесите во кои доминираат мажите.

„Жените работат според постојните правила на работното место и имаат дополнителна пречка од перцепциите на општеството за тоа како треба да се однесуваат. Можеби образованието и практиките намалија некои од невидливите навики дека не може жена да биде во лидерска улога, сепак се уште постојат предизвици. Жените лидери на денешницата имаат одговорност да прифатат статус на пример во општеството и да ги адресираат овие предизвици пред сè со здружена акција“, истакна Мандела.

Глобалниот комитет на жени лидери, има за цел да ги идентификува клучните чекори на жените кои се силни лидери во бизнисот, уметноста, политиката. Ќе се дефинираат акциските планови кои ќе помогнат да се надминат предизвиците на индустриите во кои доминира мажот.