Uncategorised

АУДИО КОЛУМНА – Одењето на одмор станува се поголем луксуз за македонските работници

   Време за читање 3 минути

Одењето на одмор стана голем луксуз во денешно време, поради тоа што најголемиот дел од вработените се приматели на минимална плата, која со новото зголемување изнесува 18,000 денари. Ако ги земеме во предвид и трошоците за живот, односно синдикалната минимална кошница која е речиси 40,000 денари, а две плати по 18,000 денари се 36,000 денари, тоа значи дека оние семејства каде што има четири члена, а има вкупни приходи од 36,000 денари, не можат да постигнат да ги подмират ниту основните животни трошоци, а камо па да си дозволат да одат седум дена на одмор во Грција, Црна Гора или Албанија како едни од најблиските дестинации за одмор на море.

Во Македонија имаме места каде што може да се оди на одмор, но и таму е прилично скапо, а со зголемувањето на цените стана уште поскапо, па и таму голем дел од граѓаните не можат да отидат со своите семејства.

 


Во Европската унија 38 милиони граѓани не можат да си дозволат седумдневен одмор.


Според мене, одморот не треба да се смета за луксуз, туку треба да се смета за потреба. Луѓето цела година работат, па добро е тие 10 или 20 дена кои им им следуваат според Законот, а пред се одморот следува според Уставот, да ги искористат за да отидат некаде заедно со своите семејства за да ги наполнат батериите. Тоа им е единствената шанса за да успеат да се одморат, бидејќи по завршувањето на одморот ќе се вратат на старите проблеми и предизвици.

Според Законот за работни односи, работникот има право на 20 работни дена годишен одмор. Сепак прашање е колку се почитува истиот, со оглед на тоа дека праксата покажува дека се уште има компании кои им дозволуваат да земат само десет дена одмор. Истиот закон нагласува дека со Колективен договор годишниот одмор може да се продолжи и до 26 работни дена. Членот 40 од Колективниот договор за приватен сектор вели дека работникот има право на годишен одмор во една календарска година во траење од 20 до 26 дена. Траењето на годишниот одмор на работникот се определува врз основа на:

  1. времето поминато во работен однос;
  2. сложеноста на работите на работното место;
  3. условите за работа;
  4. здравствената состојба на работникот;
  5. работник помлад од 18 години.

Колективниот договор посочува дека доколку работникот го надминува максимумот по основ на критериумите во овој член има право на годишен одмор само до 26 работни дена.

Должината на годишниот одмор, вели, стекната по ставот 2, точките 4 и 5 од овој член, може да изнесува и повеќе од 26 работни дена. Со  колективен  договор  на  ниво  на  гранка  односно  оддел,  односно на ниво на работодавач можат да се утврдат и други критериуми со кои ќе се определува должината на траењето на годишниот одмор.

Кликнете тука за да се информирате повеќе за правото на годишен одмор.

Иако мора да се признае дека во одредени компании се почитува годишниот одмор, поголемиот дел сепак не го почитуваат ова работничко право, како што е случај и со непочитувањето на многу други работнички права коишто на работниците им следуваат согласно Уставот, законите и колективните договори.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.