КолумниНовости

Бајка за помалото и поголемото зло

   Време за читање 5 минути

Автор: Бобан Илијевски 

Затекнати сме во време кога имаме огромен напредок на начинот на работење, најмногу благодарение на пандемијата со Ковид – 19.

Колку е тоа чудно, нели? Од една страна оваа криза предизвика толку лоши работи, одзеде еден куп животи и ги стави државите пред еден огромен економски предизвик, а од друга, го забрза развивањето на работните процеси, кои претходно се одвиваа со побавно темпо.

Работа на далечина, работа од дома, хонорарна работа за работодавач со кој се гледаш преку Вибер или ЗУМ и се наоѓа на илјадници километри од тебе… Еее, какви времиња. Да имаме временска машина, па да се вратиме назад во 1900-тите и да им кажеме на луѓето од таа ера дека се случува ваква технолошка револуција. Големи се шансите да не ни поверуваат.

За жал, не знам што би можеле да им кажеме колку напредуваме во Македонија на ова поле, бидејќи мене некако ми се чини дека многу слабо ни оди. Секако, има луѓе коишто се движат со тековите на технолошкиот напредок на работните процеси, но се во мал број. Тоа најмногу се должи на фактот што немаме држава која ќе се грижи за проблемите на општеството, па ние да работиме на себе и да постигнуваме успеси. Преокупирани сме со политика и само политика. Се друго е релевантно само кога ќе им бидат потребни политички поени. До тогаш се држи под некој стар тепих.

Затоа, не е паметно да се чека да се промени власта, за да дојдат „нашите“ и да ни „го дадат она што ни следува“, бидејќи нема никој ништо да даде. Без разлика на тоа колку пати и да се сменат политичките партии, кој и да дојде на власт, нема да ни го даде она што го сакаме. До душа, ние во Македонија одамна не избираме помеѓу „добра“ и „лоша“ власт, туку помеѓу „поголемо зло“ и „помало зло“. Со ова сакам да кажам дека избираме некој кој помалку ќе краде, кој помалку ќе мести тенедери, кој помалку ќе биде корумпиран, кој помалку ќе прекршува закони… Значи, го одбираме оној кој потенцијално помалку би бил штетен, од оној кој би бил повеќе штетен. Ова самото по себе е голем феномен.

Како што забележувате од работни процеси скокнав на политика. Тоа го направив бидејќи во Македонија најголем акцент се става токму на политиката. Сите други важни сфери се второстепени, третостепени… Никако не можат да стигант на „насловна страна“. До пред скоро време речиси и воопшто да не се зборуваше за проблемите со кои се соочуваат работниците. За работодавачите колку толку имаше нешто повеќе, но работниците некако тешко ги фаќаше радарот. Неизложеноста на оваа проблематика мислам дека е една од причините поради кои работниците се‘ уште се борат за своите основни работнички права. Мораше да се случи криза со недостиг на работна сила, за да колку-толку се актуелизираат овие проблеми.

Најмногу внимание на работничките права се обрнуваше за 1 мај или пак на некој друг ден кој е поврзан со голготата на работниците. Исто како и со правата на жените, кои најчесто се нагласуваа на 8 март. Слична е и ситуацијата со лицата со попреченост. Тука и таму некој ќе ги спомне, ќе биде настан на денот, а потоа потонува на дното на океанот. Едноставно речено – нема конзистентност.

Јас не велам дека проблемот со Бугарија за македонскиот идентитет и ред други работи не се важни. Многу се важни, но важни се и правата на жените, лицата со попреченост, работничките права и сите останати сегмени коишто се ставаат во втор план и за нив се зборува само кога има потреба. Колку се делува и работи на подобрување на истите е друго прашање, на кое чинам дека сите го знаеме одговорот.

Да не ја отворам темата и за тоа колку само им се прекршуваат правата на новинарите и медиумските работници, чија примарна задача е да истражуваат и известуваат токму за проблемите на другите.

Постојат низа на нелогичности и апсурдни работи. Мое е да апелирам. Толку можам.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.