МакедонијаСиндикат

Беговиќ: Концептот на јавно – приватно партнерство во клинички центар го сметаме за штетен

Беговиќ: Концептот на јавно - приватно партнерство во клинички центар го сметаме за штетен - Работник
402views

Пред изборите за Претседател, биле актуелни во медиумите и јасно го изразиле нивниот став за тоа дека не се согласуваат со концептот на јавно – приватно партнерство, вели доктор Горан Беговиќ, Претседател на Самостојниот синдикат на Клинички центар – ССКЦ, ексклузивно за порталот Работник.

„Ние тој концепт го сметаме за штетен, како напад врз јавното здравство, како нешто што би довело до уништување на јавното здравство, како еден прв чекор. Нешто што би довело до долготрајни последици, а ние рековме дека имаме согледување дека тоа ќе биде штетно и за државата и за вработените, а најмногу ќе биде штетно за пациентите“, рече Беговиќ.

Тој истакна дека нивниот став е поради тоа што јавното – приватно партнерство е еден долготраен процес кој трае договорно меѓу 15 и 30 години, каде со тек на време државата објективно сите ингеренции ги пренесува на приватниот сопственик.

„Несомнено е понатаму дека со тие јавни установи ќе раководи приватен сопственик. Тоа знаеме како оди, веќе имаме искуство и во нашата држава. Приватизирањето на установите, знаеме како се одрази на вработените. Денеска имаме доста стечајци“, наведе Беговиќ.

Објасни дека во установите како што е кујната во Клинички центар е еден пример за тоа како работниците се третираат таму. Според него, кујната има свој приватен сопственик и работи независно од било која јавна здравствена установа во склоп на клинички центар.

Беговиќ истакна дека доколку тие како синдикат во клинички центар не се спротивстават на јавното – приватно партнерство, сите установи, дел по дел би се одлеале и би се префрлиле во приватниот сектор.

„Едно треба да е јасно, а тоа е дека јавното здравство е трошок на секоја држава. Тоа не носи добивка и профит на државата. Јавното здравство во секоја држава е вкалкулиран трошок во буџетот, но јавното здравство е она што го одржува социјалниот мир. Здравјето е најсуштествено и најважно за граѓаните. Без здрав народ, не може на ниедно поле да се има успех, што се однесува на општествено и државно ниво. Работник којшто не е корисен не е добар ни за сопственикот, ни за државните установи“, истакнува Беговиќ.

Според него гледано од тој аспект, сеуште има квалитетен медицински кадар во јавното здравство. Тој вели дека би сакале и ќе се трудат тоа така да остане. Тие нема да дозволат во рамките на нивните можности, да згасне јавното здравство во Р. Македонија.