ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Бектеши: На вкупно 117.122 граѓани ќе им овозможиме да одат на летување

187views

Mинистерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информира дека се завршени сите постапки и официјално е пуштена во функција платформата „Дома си е дома“, а со тоа почнува и мерката за издавање ваучери за домашен туризам.

Ќе им овозможниме на вкупно 117.122 граѓани со ниски примања да одат на летување. Оваа мерка ќе помогне за развој на целиот туризам во земјава преку посета на повеќе места во земјава кои досега не беа развиени и не беа познати. Предвидени се над 10 милиони евра за туризмот во државава. Од денеска официјачно е пуштена во употреба платформата „Дома си е дома“ и со тоа почнува мерката за издавање ваучери за домашен туризам. Конечната листа е веќе објавена на интернет страницата каде што сите добитници ќе можат да проверат дали се на листата или не. На листата се наоѓаат сите вработени граѓани кои имаат приходи до 15.000 денари месечно, односно вработените кои не оствариле приходи повисоки од 60.000 денари во периодот од јануари до април годинава. Овие граѓани ќе добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти. Тие ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари од мерката „Купувам домашно“ – истакна Бектеши.

Тој објасни дека граѓаните кои се на листата ќе ги добијат ваучерите за туризам преку електронска пошта и за нив не е потребно посебно аплицирање. Министерот додаде дека и секој ваучер содржи посебен код и пин код.

Во случај граѓаните да немаат електронска адреса доставена до УЈП, посочи, преку нивниот единствен матичен број ќе можат да ја ставаат нивната електронска адреса каде што би сакале да им се прати ваучерот кој понатаму ќе може да биде симнат од нивна страна, да се испечати и секако да се искористи.

Секој ваучер гласи на име и презиме на секој граѓани. Ваучерот содржи кјуар код – ваучер код и пин код и лицето ќе мора да го покаже ваучерот при искористувањето на давателот на туристички услуги. Ваучерот ќе мора да се искористи во една посета и ваучерите ќе може да се користат од 15 јули 2020 до 15 декември 2020 година за сместување и патување во нашата земја. На платформата освен листата на добитници ќе биде објавена листа на сите даватели на туристички услуги кои ќе се регистрираат и ќе ги понудат своите сместувачки капацитети. Сите даватели на туристички услуги почнувајќи од понеделник 15 до 30 јуни ќе може да се регистрираат на платформата со пополнување на едноставен формулар кој ќе го најдат на платформата. На тој начин граѓаните кои се добитници на ваучерите за домашен туризам лесно ќе може да ги видат сите достапни капацитети и да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер – потенцира Бектеши.

Тој информира дека за полесно и побрзо категоризирање на туристичките капацитети кои се уште не се категоризирани на последната седница на Владата на предлог на Министерството за економија беше донесена Уредба со законска сила со која се намалува бројот на членови во Комисијата за категоризирање на туристичко-угостителските објекти од 13 на пет и се вклучува дополнителен еден член од приватниот сектор. Ги повикува сите туристички капацитети во државата кои не се категоризирани тоа да го направат заклучно до 30 јуни за да можат потоа да аплицираат за користење на мерката и ќе можат нивните понуди да ги прикачат на платформата со што граѓаните кои ќе имаат ваучери ќе можат истите да ги искористат кај нив.

Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните, Министерството ќе врши исплата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам – нагласи Бектеши и ги повика и сите граѓани коишто се добитници на ваучери за туризам да ги искористат во некои од  домашните туристички капацитети.

Извор: Лидер