ЕкономијаМакедонија

Бектеши: Со новите мерки ќе се зајакне конкурентноста на компаниите во приватниот сектор

Објавен Јавниот повик - Работник
111views

Министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес – конференцијата посочи дека вчера на седница на Владата, на предлог на Министерството за економија се усвоила нова Уредба за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во Македонија, во висина од 20 милиони евра кои ќе бидат наменети за приватниот сектор, односно за сите компании кои во кризната ситуација продолжиле да работат и да инвњстираат во нивниот раст и развој, конкурентност, но и во модернизација на нивните процеси.

„Целта на оваа мерка која е преточена во Уредба е да се помогнат нашите домашни компании кои ќе ги изгубат пазарите, да можат повторно да ги освојат, да се зголеми нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста, со што ќе се одржат деловните потфати коишто ќе придонесат за опоравување на економијата во земјата, преку реализација на инвестициски проект кој ќе биде во тек или кој е започнат од месец март 2020 година, како и во пост – Ковид периодот (од јули до декември)“, истакна Бектеши.

За да можат компаниите да ја добијат оваа финансиска помош потребно е во 2020 година, во реализација да имаат инвестициски проект или пак да изготват инвестициски проект кој ќе се реализира во текот на 2020 година и во текот на 2021 година; компании кои работат во производствени сектори кои се дефинирани како производство, освен оние компании кои се исклучени од оваа можност, согласно Законот за контрола на државната помош; деловни субјекти кои вршат дејност трговија, доколку истите инвестираат во основни средства и во нови објекти и компании кои вршат дејности од областа на информатичко – комуникацските услуги, доколку инвестицијата опфаќа воспоставување на нова организациона единица за технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение.

Бектеши рече дека висината на финансиската поддршка ќе изнесува 25 % од реализираната инвестиција, согласно инвестицискиот план којшто ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40,000 евра за компании кои во 2019 година, оствариле вкупен приход не повисок од 1 милион евра. До 100,000 евра ќе им бидат дадени на компании кои во 2019 година оствариле од 1 милион до 10 милиони евра. 140,000 евра ќе добијат компаниите кои во 2019 година оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра и 200,000 евра ќе добијат компаниите кои на својата завршна сметка во 2019 година оствариле вкупен приход од над 50 милиони евра.

Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31.01.2021 година да достави извештај за текот на реализацијата на инвестицискиот план со докази дека истиот се реализира по принципот по кој е дадена и финансиската поддршка, рече Бектеши, додавајќи дека кога ќе се аплицира со инвестицискиот план, тогаш ќе се добијат финансиските средства, а реализацијата ќе се чека до крајот на 2021 година. Посочи дека со овие мерки ќе се зголеми ликвидноста на компаниите, а воедно истите ќе можат и да започнат инвестициски проекти.

Сите компании кои ќе аплицираат до 31 јули 2020 година, согласно објавен јавен оглас од страна на Министерството за економија, кој ќе биде објавен овој петок, помеѓу другото треба да го достават и инвестицискиот план, тековната состојба на деловниот субјект, биланс за успех за 2019 година, пресметка на аконтациите на данок за добивка за март, април и мај 2020 година. За процедурата да биде поедноставна, Владата одлучила да не се оди преку банкарска сметка, туку да се достави само меница.

Бектеши ги повика компаниите да аплицираат за оваа мерка, а воедно и да прават планови за своите инвестици, порачувајќи им дека Владата стои зад нив во овој тежок период.

Бектеши истакна и дека денеска во текот на седницата на Владата ќе се предложи мерката за финансиската поддршка во висина од 14,500 денари да се продолжи.

„Со ова како Влада покажуваме дека се грижиме за секое работно место, но истовремено усвојуваме и нови мерки кои се во корист на целокупното стопанство, се со цел да ја зајакнеме неговата конкурентност, истовремно и во текот на периодот на Ковид – 19, но и во пост – Ковид периодот да им помогнеме на нашите претпријатија, да можат да продолжат, но и да започнат нови инвестициски проекти“, рече Бектеши.

Бобан Илијевски