ЕкономијаМакедонија

Бесими: Раст на економијата од 4% и на просечната плата за 20 до 30 отсто за подобар стандард на граѓаните

Бесими: Раст на економијата - Работник
218views

Стапки на раст над 4% и покачување на платите за 20% до 30% односно над 32 илјади денари во следните четири години за подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата. Ова се главните цели и задачи на министерот за финансии Фатмир Бесими во следниот четиригодишен мандат како прв финансиер. Тој посочува дека негова и задача на неговиот тим е што побргу  земјата да се врати на  патот кој ќе донесе солиден економски раст, достоинствени плати, создавање на нови работни места и намалување на невработеноста, предвидлива даночна политика и генерално, европска иднина за нашите граѓани.

– Јас и мојот тим веќе активно работиме на мерки и политики коишто ќе овозможат поддршка на обновувањето на одржлив и инклузивен раст, во чии придобивки ќе уживаат што повеќе граѓани. Прво и најважно, до крајот на мандатот да ја вратиме економијата на солиден и одржлив раст од 4%, што ќе создаде солидна основа за удвојување на долгорочниот просечен економски раст од 2,6 проценти во последните 10 години на 4% до 5% просечен годишен раст во наредниот период. По завршувањето на кризата, да овозможиме раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија, што реално ќе овозможи и пораст на минималната плата – истакна министерот за финансии Бесими на прес-конференција во Министерството за финансии.

Тој посочува дека во Министерството за финансии интензивно се работи на четвртиот пакет мерки кој е насочен кон економско заздравување, односно зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите, стимулирање на приватната потрошувачка и поттикнување на инвестиции во стопанството.

-Ќе работиме на тоа брзо да заврши негативниот тренд и да го намалиме ударот врз економијата во третиот и четвртиот квартал, а во 2021 година да имаме и позитивен раст, под услов да нема влошување на епидемиолошката состојба. Конкретно, овие мерки треба да се надоврзат на претходните и да „вбризгаат“ нова ликвидносна инјекција во стопанството. Во таа насока, се редизајнираат или подобруваат и некои од постојните мерки кои имаат потенцијал за натамошна поддршка на економското заздравување. – вели тој.

Очекувањата се дека во 2021 година, со исцрпување на неповолните ефекти од пандемијата и подобрување на искористеноста на производствените капацитети, како и очекуваниот раст на извозот во рамки на традиционалните дејности, се очекува заживување на извозната активност. На среден рок, во услови на одредено стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на СДИ, извозот се очекува да има солиден придонес врз економскиот раст.

Бесими посочи дека за време на кризата ќе се настојува преку мерки, стапката на невработеност да не расте значајно, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот да се продолжи динамиката на намалување на стапката на невработеност по 3 процентни поени годишно.

Тој посочува дека преку концептот на СМАРТ – финансии (стратешки, одржливи, реформски ориентирани и транспарентни финансии), преку јасн цели и задачи и одговорно и транспарентно работење може да се постигнат овие цели.

– Ниту една мисија, ниту една цел не може да се достигне без добро смислен пристап и стратегија за реализација на истата.  Се обврзав дека ќе го воведам концептот на „СМАРТ финансии“, односно систем на јавни финансии, којшто ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентиран и транспарентен. Од аспект на економската филозофија или политичката економија, ова ќе значи стремеж кон поефикасен и поправеден модел на јавни финансии, гледано од аспект на приходите, расходите и начинот на финансирање, односно популарно кажано како се полни државната каса и како и каде се трошат парите на граѓаните – вели Бесими.

Тој вели дека традиционалното буџетирање коешто се базира на краткорочно и инкрементално ниво на финансирање, треба да се преориентира кон долгорочно буџетирање ориентирано кон резултати во остварување на стратешките цели.

-Треба да се види перформансот на институциите и согласно тоа да се утврдува колку средства ќе им се доделуваат на буџетските институции за проекти, во согласност со тоа какви се резултатите. На тој начин ќе се надминат нереалните планирања што ги имаме со години, па и децении наназад, каде што капиталните расходи се нереално високо планирани, а кои потоа реално потфрлаат во реализацијата. Понатаму, планирањето од една за друга фискална година треба да се ориентира повеќе кон подолгорочно планирање. Најголем дел од стратешките и капиталните проекти не се реализираат во текот на една фискална година, туку во текот на повеќе. Умешноста да се утврди вистинската динамика на проектот на среден рок, може да биде од суштинско значење и за самата реализацијата на тој проект- вели министерот за финансии.

Посочува дека дека при дизајнирање на политиките и мерките ќе се водиме од принципот на отчетност и мерење на резултатите во остварување на целите преку т.н. SMART Key Performance Indicators (S-specific goal, M-measurable, A-attainable, R-relevant, T-time-frame), т.е. целите да бидат добро специфицирани, да бидат мерливи, остварливи, релевантни и да имаат временска рамка за имплементација.

Бесими најавил и дека дел од четвриот пакет на економски мерки ќе биде познат за јавноста на почетокот на следната недела.