- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Бесими: Ќе отвориме дебата за тоа каков даночен систем најмногу одговара на нашата економија

Бесими - Работник
367views

Според проекциите на Министерството за финансии, до крајот на 2021 година јавниот долг ќе биде 63,4 %, а државниот долг 53,2 %. Заклучно со февруари државниот долг е 48, 3 %, а јавниот долг е 56,7 %. Ова го посочи Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес – конференција, одговарајќи на новинарско прашање.

„Во текот на годината, со оглед на ликвидноста затоа што се задолживме со еврообврзницата, во вториот квартал ќе се одрази со повисока стапка, но тоа е времено, заради отплатата на старото задолжување од 500 милиони евра од 2014 година“, рече Бесими.

Тој најави дека тоа ќе има еден сметководствен ефект во вториот квартал, но во рамките на годината ќе остане на нивото што е предвидено во буџетот за 2021 година. Тој истакна дека има среднорочен план за фискална консолидација во однос на јавниот долг, поконкретно државниот долг и во однос на дефицитот на буџетот. 

Бесими посочи дека во рамките на планирањето на јавниот, односно државниот долг на нето основа од 560 милиони евра оваа година, од кои 280 милиони ќе дојдат од надворешниот пазар, а остатокот од домашниот пазар. 

„Со тоа ние помагаме во носењето на дополнителни финансиски средства од странски капитал во нашата економија, што значи дополнителна финансиска инекција за нашата економија. Од тој аспект, ние сметаме дека целосно ќе се оствари тоа што е предвидено, барем првиот квартал тоа ни го покажува“, рече тој.

Бесими дополни дека од исклучителна важност била координацијата на фискалната и монетарната политика, како на светско ниво, така и кај нас, потенцирајќи дека имало голема фискална експанзија, а истовремено и адекватна монетарна политика, што помогнало да се релаксираат финансиите во нашата економија, а притоа во ниеден момент да се загрози финансиската стабилност. 

Нагласи дека во оваа фаза тоа што е важно, а е и една од главните теми на пролетните состаноци со Светска банка е стабилноста на макроекономијата, финансиите и потенцијалите за развој и заздравување на економијата во овој период на пандемија, а и долгорочни стратегии за раст на економијата. 

Во однос на препорката на Меѓународниот монетарен фонд за воведување на прогресивен данок, Бесими рече дека денеска ќе има состаноци со стопанските комори и министрите од економските ресори, УЈП и царина. Потенцираше дека во декември на Влада поминала стратегијата за даночни реформи.

„Имаме акциски план и на еден инклузивен начин ќе отвориме дебата за даночните реформи. Без да прејудицираме за стапките или моделот, ќе се направи една анализа која ќе биде фокусирана кон одредени цели. Целта е праведен, ефикасен, едноставен, дигитализиран и модерен даночен систем кој ќе значи поддршка на економијата“, рече Бесими.

Тој подвлече дека преку даночниот систем ќе се спроведе и намалување на неформалната економија која е од повеќесекторски аспект. 

Бесими рече дека нема однапред планирана агенда, туку ќе се разговара за тоа кој модел најмногу ќе одговара на нашата економија. 

Бобан Илијевски