- Advertisement -
ЗанимливостиМагазинНовости

Борче од неготинска ,,Порака“ шие заштитни маски

Борче од неготинска ,,Порака“ - Работник
144views

Борче од неготинска „Порака“, во услови на пандемија од коронавирус, шие заштитни маски за тиквешани. Тој е дел од деведесетината лица со попреченост кои живеат во станбени единици од по неколкумина, кои функционираат како семејства. Неговата попреченост, не го спречува да биде активен и креативен во шивачката работилница со која раководи. Ги користи и услугите на Дневниот центар за лица со посебни потреби, кој, во услови на Ковид-19 стагнира со секојдневните активности.

Осмислувањето на животот на овие лица продолжува во станбените единици, каде што продолжуваат да се дружат, да учат нови работи, да се забавуваат и во рамките на своите можности да се вклучат во разни рачни изработки. Тие изработки, од една страна им го исполнуваат слободното време, а од друга, докажуваат дека секој од нас има талент, само треба да се препознае. А талентот на Борче го имаат препознато и директорката на ,,Порака“, Гордана Трајковска, но и раководителката Верица Ташева и координаторката Валентина Тасева.

Тој им е бескрајно благодарен за тоа.

-Во ,,Порака“ сум од 2008 година, претходно бев сместен во гломазна институција. Тука ми е многу убаво, многу сум задоволен. Сега сум и вработен. Помагам во заедниците. Им ги шијам скинатите работи на моите другари и другарки, но и на вработените. Порано и други, лица однадвор ми носеа да им сошијам нешто по потреба, да им скратам. Но, сега времето е такво и водам сметка да не ми се влегува во работилницата поради болеста што ја има во целиот свет. Слушаме дека на многу места има криза во работа. А јас тука имам полни раце работа. Шијам маски секој ден и се чувствувам многу корисно. Маските што ги шијам, се продаваат во аптеки во Неготино и Кавадарци, тоа го договори Вале, раскажа тој за МИА.

Ако Тасева е задолжена за пласманот на сошиеното, за Ташева вели дека му е десна рака во шиењето.

-Сакам прво да кажам фала на мојата лепотица Верица бидејќи секогаш кога имам некоја идеја во врска со шиењето таа ми помага идејата да се оствари и да ја реализираме. И обратно, кога таа има некаква идеја, јас веднаш шијам. Ние сме како тим. Таа крои, јас шијам. Идејата за шиење заштитни маски дојде токму од неа. Тоа беше некаде после празникот Свети Трифун, некаде во март месец. Почнавме малку по малку. Прво шиев за корисниците во Неготино и во Волково, па за вработените во ,,Порака“. Количините на заштитни маски за шиење, се зголемија кога почнавме да работиме за една аптека. Кога имаше полициски час, работев од дома, во станбената единица. Еден период работев и во Дневниот центар, тогаш имав потешкотии за маските со преклоп, па таа ми помагаше. Таа дури најде и нови модели на интернет, ми даде шеми. Сега работам во мојата шивачка работилница што се наоѓа во комплексот ,,Градска порта“. Шијам различни модели, во различни дезени. Шиев и маски со логото на нашата организација. Сега шијам нов модел маски, чудо, многу интересна идеја. Во овие студени денови со нив се покриваат вратот, устата и носот, само очите се гледаат. И ништо не се фрла. Од парчињата што остануваат од нив, шијам обични заштитни маски. Тимот за кој зборував сега работи на еден нов проект. Сакам сите да излеземе од оваа ситуација здрави и среќни. А сите кои носат маски шиени од моја рака, да знаат дека се шиени со многу љубов и желби за здравје, додаде тој.

Со игла и конец Борче може и човек да сошие

Борче Атанасов може со иглата и со конецот да ти сошие и човек, гласи описот што за мајсторот на шивачкиот занает Борче Атанасов, го добив кога првпат го запознав. Низ годините, сме се сретнале многу пати, во разни пригоди. Инспиративна е приказната за човекот кој се движи со две штаки, сака да создава, има срце како планина. Најголем дел од животот овој човек минал во Специјалниот завод во Демир Капија. Од пред 12 години, со процесот за деинституционализација во државата, стана дел од станбените единици составени од по неколку лица со посебни потреби, со кои раководи “Порака”, организација за помош на лица со ментален хендикеп. Тој е дел од семејството со три члена, кое засега функционира со повремена поддршка. Борче раководи со шивачката работилница, која работи во рамките на центарот.

Животната приказна на Борче е топла и емотивна. Минатата година во неговата работилница беа создадени првоаприлски маски за четвртоодделенци. По нивна иницијатива, како поддршка за оваа работилница. И тоа не е се. Со средствата добиени за мајсторлукот, беа обезбедени материјали за изработка на слики, кои пак беа дел од продажната изложба на “Порака”, што беше реализирана во кавадаречкиот музеј. Голем е бројот на оние кои се воодушевени од креациите на Борче. Прекрасна беше изработката на костуми за модерни кувари на здрава храна, бидејќи здравата храна е се поактуелна и понеопходна во моментов. А тој, во меѓувреме шие сувенири со хумани пораки, но и играорни носии и драматуршки облеки.

-Во Заводот научив да шијам, таму имаше мајстор за шиење и од него научив, така станав шнајдер. Не ми беше тешко да научам. Таму шиеф чаршави и други работи. Тука шијам и перници, ленти за коса, разни панделки, разни торби за вина и други подароци, се и сешто, за се ми фаќа умот. Задоволен сум од машините што ги има. Секој ден шијам по неколку часа. Убаво ми е кога шијам, уживам, шиењето е убава работна навика. Си заработувам една платичка и можам да си купам што ми сака душата. Во заводот имав девојка, тука уште избирам. Сите од центарот и заедниците ме сакаат оти сум главен и им го крпам животот, што се вика, раскажа Борче лани, додека шиеше од торбите што стигнуваат на разни страни од светот.

На нив, но и на другите работи, што доаѓаат за шиење во вештите раце на овој човек кој се движи со штаки поради болки во едната нога, го има извезено името или знамето на татковината, срциња, цвеќиња и што ли уште не. За прекрасните везови е задолжена неговата другарка од центарот Кристина Петковиќ, која, исто како и него со процесот на деинституционализација, излегла од демиркапискиот завод.

Вработените во центарот раскажуваат дека Борче си има свој посебен начин на изразување емоции.

-На оние што ги сака, од милост знае да им се обрати со кукле, убавице, чоколатце…Некому можеби и му е чудно, но нам ни е интересно. Ете, на пример, директорката на „Порака” ја нарекува држава, а раководителката, заменик-премиер. Во секој случај знае да ни го разубави секојдневието и да внесе позитивни вибрации во нашите животи, коментираа вработените во центарот, кои се вистински другари со корисниците на нивните услуги.

Различните се дел од нас, тие веќе не се табу тема

Многумина од лицата со посебни потреби имаат талент, само некој треба да го препознае и да ги насочи кон развој на тој талент, вели менаџерката на “Порака”, Гордана Трајковска.

-Се обидуваме да го извлечеме максимумот на можности од корисниците на нашите услуги, за тие да се чувствуваат потребни и одговорни. Многу мајки сега можат да здивнат, бидејќи не мора да се плашат што со нивните деца со посебни потреби, кога нив нема да ги има. Кога веќе постојат вакви мали семејни заедници, во кои моето дете е среќно и јас веќе нема за што да се грижам, нагласи Трајковска.

Многу пати сум разговарала со неа на оваа тема. Таа и нејзиниот сега починат сопруг, доктор Диме, направија многу за да ги срушат предрасудите во малиот град кон оние поинаквите и различните да не бидат табу тема, туку дел од нас. Да ги гледаме на пазар, во музеј, на улица, насекаде.

-Можеби сево ова што ни се случи со нашата Божидарка која е, исто така, со посебни потреби, се случи со причина. Можеби судбината препознала во нас борци, кои до последниот здив од својот живот ќе се посветат на борбата за прифаќање на различноста. Помагајќи на сопственото дете, ние помагаме и на другите, помагаме на заедницата, децидна беше Трајковска за МИА.

Секогаш кога разговараме со неа, нејзината ќерка Божидарка, знае со насмевка да ни донесе капучино.