НовостиСветот на работникот

ВЕЌЕ Е ПРИ КРАЈ, А „ВРИЕ“ ОД СПОРНИ ОДРЕДБИ: Што им пречи на фирмите во новиот Закон за работни односи?

   Време за читање 6 минути

Подготвил: Бобан Илијевски

[ai_playlist id=”281071″]

Новиот Закон за работни односи, како што веќе објавивме, се планира да се затвори во јуни и да се пушти во Собрание. Досега имаше низа на средби на кои работодавачите, синдикатите и Владата преку Министерството за труд и социјална политика – МТСП даваа свои предлози и забелешки за одредбите. Но и после сите средби, сѐ уште некои делови од Законот остануваат спорни, барем според работодавачите.

И покрај долгите преговори со социјалните партнери, останаа некои прашања кои не се усогласени и за кои сметаме дека се на штета на работодавачите и на развојот на претприемништвото, ни изјави Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

„Така на пример, МТСП и синдикатите инсистираа работодавачите да имаат обврска по завршениот оглас за вработување, да ги известат кандидатите кои не се избрани, да им ги вратат оригиналните документи и да имаат право на судска заштита“, вели Димитров, според кој ова е една од спорните одредби.

Како Организација на работодавачи, објасни Димитров, сметаат дека оваа одредба е логична само во јавниот сектор, бидејќи во приватниот, работодавачот треба да има целосна слобода при изборот на кандидатите за вработување, па поради тоа истата не е оправдано да важи за приватниот сектор.

angel dimitrov 1
Ангел Димитров, Претседател на Собранието на ОРМ

Следната спорна одредба е во делот на договорите на определено време, во која се пропишува дека работодавачите и работниците можат да склучат најмногу три договори во рок од две години.

„Сметаме дека покрај намалувањето на периодот на склучување на договори на определено време од 5 на 2 години, додатен проблем ќе направи одредбата која пропишува дека во периодот од тие две години, работникот и работодавачот можат да склучат најмногу три договори на определено време“, рече Димитров. Тој додаде дека исклучок се прави само кај сезонските вработувања и кај замената на привремено отсутен работник.

Нивните барања, барем кај новооснованите компании, да се дозволи поголем број на склучени договори на определено време, не биле прифатени.

„Ова може негативно да влијае на мотивацијата за отворање на нови компании во Македонија“, додаде тој.

Спорни се и одредбите кои се однесуваат на договорите за вработување со вршење на работа на далечина. Според Димитров, на сметка на работодавачите, работниците добиле премногу права во овој дел.

„Така, на работникот не може да му се даде отказ иако не се согласил да потпише договор за работа на далечина, а работникот е должен да работи на далечина без негова согласност само во случаи на природна или друга несреќа“, посочи Димитров.

Законските одредби, исто така, му наложуваат на работодавачот да ја обезбеди опремата и средствата за работа на работникот на далечина, да ги одржува истите, а кај работата од дома да му обезбеди и безбедни услови, а воедно е должен да ја почитува и неповредливоста на домот.

„Ова значи дека за секоја од овие обврски, работодавачот мора да бара дозвола од работникот за да го посети во домот“, вели Димитров.

Од ОРМ сметаат дека можноста на работникот да му се наложи да работи и друга работа која е во рамките на неговата стручна спрема само два месеци во една календарска година ги ограничува работодавачите.

„Во вакви услови на пазарот на труд, работодавачите не можат за два месеци да најдат друг работник кој ќе го замени отсутниот или оној кој по своја волја го раскинал договорот за вработување. Ваквата одредба не претставува баланс помеѓу правата и обврските на двете договорни страни“, образложи Димитров.

Истото, вели, се случува и со отказниот рок. Работодавачот ќе мора на работникот да му исплати надомест доколку не го почитува отказниот рок, а работникот може едноставно три дена да не доаѓа на работа и да добие отказ без почитување на клаузулата за отказен рок.

„Оваа состојба ќе доведе до многу случаи во кои работодавачите ќе имаат големи проблеми да најдат замена за отсутните работници и оние кои си заминале од компанијата, а работниците нема да имаат никаква одговорност за состојбата.“

Новиот Закон предвидува и работодавачот да има обврска за издавање на решение за годишен одмор при секое користење на деновите од истиот, што според Димитров ќе биде огромен административен товар за работодавачот.

Исто така, новиот Закон на работниците им овозможува право на надоместок за неискористениот годишен одмор, без разлика од кои причини им престанал работниот однос.

Според Димитров, ова значи дека и во случаи кога работникот сам поднел барање за раскинување на договорот за работа или добил отказ поради кршење на работната дисциплина, ќе му следува паричен надоместок за неискористениот одмор, за што вели, е голема привилегија за работникот.

За него е нелогично и намалувањето на разните рокови кои се предвидуваат со новиот Закон.

„Нелогично е пробната работа да се намали од шест на четири месеци, траењето на паричната казна да се намали од шест на два месеци и рокот за приговор на отказот да се зголеми од 8 дена на 15“, вели тој.

Заклучи дека со цел да се зголеми флексибилноста во работните односи, потребно е да му се зголеми слободата на одлучување на работодавачот.

„Македонија е земја во која, на годишно ниво, се отвораат многу помал број на компании за разлика од другите држави. Потребна е флексибилност ако сакаме младите луѓе да отвораат свои компании, да вработуваат луѓе и да ја подобрат економијата во целина“, наведе Димитров.

 

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера