ПравдаСветот на работникот

(Видео) Стечајците од Треска гневни: бараат да им се исплатат 24 плати и 2 години работен стаж

   Време за читање 3 минути

Бобан Илијевски

15 години талкаме по сите институции, барајќи го тоа што е наше, а тоа се 24 неисплатени плати и 2 ипол години неплатен стаж, рече Виолета Атанасиева, една од стечајците од поранешната компанија Треска, додавајќи дека 524 стечајци чекаат да им се исплатат платите и стажот.

Таа рече дека фирмата под стечај им го исплатила стажот за 10 години, но тие го бараат целиот свој дел.

„Цело време очекувавме дека со продажбата на Треска ќе добиеме, но тука нешто е направено да оној дел којшто беше наш го земе Викентијевиќ, а ние да го земеме помалиот дел и поради тоа не можат да не исплатат“, вели Атанасиева.

Атанасиева истакна дека надлежните институции ништо не им ветиле и дека моментално се води постапка на суд против поранешната компанија.

Таа додаде дека ќе продолжат со протестите се додека не им се исполнат барањата и дека доколку е потребно секој ден ќе го блокираат влезот пред Треска.

Димитрија Мицевски, еден од стечајците од Треска рече дека Владата и институции ги малтертираат со години. Истакна дека тие имале имот во Треска со кој можеле да се подмират нивните барања, меѓутоа тоа не го направил никој. Од Владата им рекле дека треба да најмат адвокат кој го платиле самите, иако, како што рече тој, таа е должна да ги подмири нивните барања.

Овие работници кои не по нивна вина се останати стечајци, поради приватизацијата од страна на СДСМ и некои приватни моќници кои поради нивни приватни цели ја затворија оваа фабрика, притоа неисплатувајќи им ги платите и стажот, рече Бобан Кочовски, член на Централниот комитет на Левица и Раководител во секторт за труд на партијата.

„Она што најмногу не боли нас од Левица е тоа што работничката класа е оставена сама на себе. Тие многу пати барале поддршка од владите, но никогаш не добиле ниту состанок, ниту било каква поддршка. Тоа е нешто што не е ниту хумано, ниту човечно“, рече Кочовски.

Тој истакна дека и двете политички партии имале време од 15 години за да го решат проблемот на овие стечајци, но тоа не го направиле. Наведе дека Левица е поразлична од овие партии во тоа што таа е работничка партија којашто се залага за работниците и работничката класа. Партијата се залага за целосно обештетување на работниците коишто се останати на улица поради приватизацијата.

Тој апелираше до сите стечајци и работниците во државата дека само обединети стечајци можат да ги остварат своите барања и само обединети работници можат да ги добијат своите права.