ЕкономијаМакедонија

Владата ќе го развива туризмот со неколку мерки

41views

Археолошки локалитети ќе станат достапни за посета на домашни и странски туристи, ќе се обноват постоечките и ќе се изградата нови планинарски домови, ќе се стимулира здравствен и пензионерски туризам за домашните и странските пензионери, ќе се воведе систем за субвенционирање алтернативен и културен туризам, ќе стартува проектот „Ѕвезда плус“, ветува Владата во Програмата за новиот четиригодишен мандат во делот за развој на туризмот.

Најавува дека ќе овозможи користење бесплатен државен Wi-Fi со кликнување на линк што ќе води до промотивна страна на општина, на реон, на влез во држава, на стојалишта и бензински пумпи.

Во функција на искористување на растечката побарувачка за профилиран планински туризам, предвидуваат формирање посебна канцеларија за планински туризам и планински содржини, задолжена за дефинирање и управување со очекуваните домашни, јавни и приватни, и странски инвестиции, апликација на систем на промени во овој сегмент и позиционирање на државата на регионалниот и европски знтегрален планински туризам.

Оваа канцеларија ќе го постави како фокус развојот на Шар Планина, Маврово, Матка, Пелистер и Галичица. Дополнително, ќе ги започнеме подготовките за развој на туризам на Царев Врв на Осоговските планини, како централна точка за зимски и планински туризам. За Попова Шапка Владата ќе ги разгледа различните модели за нејзин развој како регионален туристички центар со можност за приватни инвестиции или јавноприватно партнерство кое би овозможило и изградба на жичарница од Тетово до Попова Шапка, се вели во Програмата на Владата.

Воедно, Владата планира да започне реконструкција на постоечките планинарски домови и изградба на нови со дефинирање модел за управување и инвестирање во нив и трасирање и промовирање официјални планинарски патеки.

Владата ќе поддржи изработка на iOS i Android апликација за туризам во МК, поделена по сектори (лето, зима, планинарење, велосипедизам, кампинг, археолошки наоѓалишта, вински тури …), по примерот на информацискиот систем за просторно планирање. Ќе стимулира воведување иновативни модели во конципирање „здравствен“ и „пензионерски“ туризам за домашните и странските пензионери, по примерот на успешните практики на развиените туристички дестинации.

Планира да поддржи и маркетинг-кампањи за промовирање на државата како место за уживање и препознатлив и растечки туристички бренд и ќе стимулира економски субјекти кои финансираат/спонзорираат домашно продуцирани видеоматеријали за промоција на државата.

Владата ќе го стартува проектот „Ѕвезда плус“ за државни субвенции во висина од 50 отсто од инвестицијата за регистриран угостителски капацитет што има намера да добие еден степен повисока категоризација на неговиот објект, во сите клучни туристички места, се вели во Програмата на Владата за период 2020-2024.

Извор: Лидер