- Advertisement -
КолумниНовости

Владин Вистиномер: Како Владата ја превесла државната администрација жедна преку вода

187views

Политичкиот говор е дизајниран да ги направи лагите да звучат вистинито и убиствата да бидат респектабилни, а на ветерот да му даде изглед на цврстина. Џорџ Орвел

Ветувањата на Владата се неисцрпен извор за колумни. Не затоа што Владата ги исполнува, туку сосем спротивното, стануваат лаги или радост за будалите како што кажува една стара изрека. Многу ветувања, а никаква реализација. Добро, вистина е дека Владата добро го контролира медиумскиот простор, па никако министрите и директорите да се симнат од тв екраните, веб сајтовите или весниците. Плус тука им е и фејсбук, па нон стоп нивните објави одат спонзорирано. Цела една добро подмачкана машинерија работи во градење на имиџот на нашите функционери, и пренесување и претворање на нивните лаги во вистини. Подмачкана со народни пари, секако. Човек со право да се запраша кога им останува време да сработат нешто суштински. Земете го само примерот со нашиот премиер, кој секоја вечер дава интервју на различна телевизија. Кога ќе заврши кругот, започнува одново. Плус редовно снима видеа за на фејсбук. Пропаганда на лаги, 24/7.

Нема како поинаку да се опише оваа 2020 година од аспект на работењето на Владата, освен како пропагандистичка или можеби подобро авантуристичка. Избори со огромна дамка и лажни ветувања на секој чекор. Така некаде во февруари пред изборите и пред ковид кризата, веќе стана навика Владата да се расфрла со ветувања пред избори сакајќи да се додвори до гласачкото тело нели, тогашниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски, потпишаа Гранков колективен договор со кој уредија некои права на вработените во државната администрација.

После 25 години новиот колективен договор го виде светлото на денот. Ова беше прв Грански колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата после 1995 година, а во него се вградени повеќе права кои на државните службеници со години наназад им беа ускратувани, ќе кажат тогаш двајцата потписници. Од неколкуте права кои беа уредени со овој Колективен договор еве ги побитните, иако да бидам искрен ова беа и единствените суштински, останатото беше шминка:

  • регрес за годишен одмор во висина од 9.000 денари;
  • учество на синдикалните претставници во изготвувањето на правилниците за внатрешна организација и систематиазција на работните места;
  • правото на дневници за патување во земјава со цел да се надоместат трошоците на вработените кои одат на службен пат (тука морам да напоменам дека дневниците никогаш не беа укинати нити со материјалниот Закон за административни службеници, само што Владата се правеше “на Тошо”).

Од сите овие погоре набројани права кои наводно ги реши Колективниот договор потпишан во февруари, ниту едно не е реализирано. Нити се зборува за систематизации, а уште помалку за исплата на дневници за службени патувања. Има луѓе коишто се вработени во државната администрација и кои трипати неделно по 12 часа поминуваат на терен без ниту еден денар надомест. Еве дојде и крајот на годината, а од регресот за годишен одмор ни трага, ни глас. Владата мудро си молчи, а исто така и Синдикатот. Демек ако не се зборува за тоа, не се ни случило такво ветување коешто во случајов е преточено и во законско решение, со оглед на тоа дека Колективните договори се Уставна категорија. Класично превеслување жедни преку вода по којзнае којпат, или народски кажано администрацијата повторно остана со прстот в уста. Но, има и една друга стара изрека, “на лагата и се куси нозете”! На крајот, јасно е дека Колективниот договор во тоа време беше потпишан со една единствена цел, Владата пред изборите да и се додвори на администрацијата. Впрочем, ништо ново.

Но, наивно е да молчиме на вакви премолчени ветувања. Со оглед на тоа дека правата од работен однос не застаруваат, Владата како работодавец ризикува илјадници судски постапки за наплата на регресот и дневниците за службени патувања. А, цехот нема да го платат нити Манчевски, нити Грујовски, најмалце Заев, туку сите ние преку буџетот.

П.С. На крајот на оваа од секој аспект тегобна 2020 година, би сакал да Ви посакам добро здравје пред сè, а потоа среќна и бериќетна 2021 година. Нова година со помалце лаги од страна на оние што нè водат, а следствено на тоа и многу повеќе насмевки на нашите лица. Ви благодарам на довербата Вам, но пред сè на тимот на dijalektika.com за укажаната шанса да ги изнесам своите размислувања тука. Се читаме во 2021 година, се надевам на многу попозитивни теми.

Автор: Стефчо Негриески

Извор: Дијалектика.ком.мк 

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник