ИнтервјуаНовости

ВЛЕЗЕНИ СМЕ ВО ЕДНА ОПАСНА СПИРАЛА: Не е чудо што има се‘ помалку квалификувани работници (ИНТЕРВЈУ)

   Време за читање 8 минути

Македонските компании, особено малите и средните се соочуваат со бројни предизвици. Младите одвај се решаваат да започнат сопствен бизнис. Работната сила постојано се намалува. Во денешното интервју, за тоа колкав предизвик е да се води компанија, кои се пречките со кои се соочуваат малите и средните компании и на други прашања, разговараме со м-р Благоја Грозданов, оперативен директор на компанијата за сметководствено – консултантски услуги „Конто-Профит“.

Со него разговараше Бобан М. Илијевски

Работник: Колкав предизвик е да се води компанија во Македонија?

Грозданов: Краткиот одговор би бил „огромен“. Има низа општи, системски, економски и правни недостатоци во нашата бизнис околина и дополнително, конкретни предизвици поврзани со различните сектори. За жал односот меѓу претприемачкиот ризик и просечниот принос кај поголем дел од дејностите е далеку од оптимален што влијае дестимулирачки на развојот на нови бизниси и ги одвраќа младите од идејата за почеток на сопствен бизнис. Предизвиците се многубројни, од недостапноста на извори за финансирање, ригидниот банкарски сектор, слабата ликвидност на клиентите, слабата апсорпциска моќ на пазарот и слабата потрошувачка моќ на населението, нефункционаланата администрација и недостапноста на најелементарни услуги од државните институции, правната несигурност, дисбалансот на пазарот на човечки ресурси, недостапноста на специфични кадри, ниската продуктивност на трудот кај нас… Згора на тоа, во минатиот период се функционира во услови на висока инфлација, зголемување на цената на инпутите во производството, енергенсите и трошоците за трудот што не ја прави ситуацијата поповолна.

Но сепак, имаме и успешни приказни на бизниси кои се навигираат низ немирните води кај нас и успешно пловат. За да се почувствува реален напредок во форма на подобар животен стандард потребно е критична маса на такви успешни приказни во повеќе сектори, особено во делот на микро, мали и средни претпријатија кои треба да се ‘рбетот на нашата економија. Верувам дека имаме капацитет за развој на движечка сила од микро, мали и средни претприемачи кај нас кои кога би имале нормално поставени услови за бизнис, би можеле да ја дигнат нашата економија на далеку повисоко ниво.

Работник: Кои се најголемите пречки со кои се соочуваат компаниите во Македонија, особено малите и средните?

Грозданов: Ако треба да издвојам најголеми пречки би ги издвоил дисбалансот на пазарот на труд и нефункционалноста на системот.

Пазарот на труд е комплетно во хаос. Платите растат поради инфлацијата во услови на ниско ниво на продуктивност, што значи дека реално се плаќа повеќе за исто или помалку сработеното со што се зголемуваат цените на крајните производи и услуги кои компаниите ги нудат што дополнително ја зголемува инфлацијата и „го подјадува“ првичното зголемување на платите. Влезени сме во една опасна спирала од која не гледам дека надлежните имаат знаење да излезат. Во вакви услови не е ни чудо што има и се помалку квалификувани работници кај нас. Најголем проблем за бизнисите стана да се најде и потоа задржи способен кадар.

Нефункционалноста на системот и отсуството барем на елементарно ниво на услуги е проблем за кој многу пати имаме зборувано. Всушност, проблемот е врзан со она што го дискутиравме погоре – имаме на број огромна, а со мали исклучоци крајно нефункционална, неефикасна и непродуктивна администрација. Според одредени податоци јавниот сектор вработува околу 30% од вкупниот број на вработени кај нас, што е огромен товар за целото општество. Добар дел од услугите кои треба да ги дава администрацијата треба да се дигитализираат и да се достапни на едноставно на клик и во доста ситуации и бесплатно или со минимален надомест и да се добиваат со минимално потрошено време. На овој начин ќе се ослободат дел од административците кои би можело да се преквалификуваат и да се впуштат на пазарот на труд работејќи покорисни работи во приватниот сектор.

Работник: Колку државата им овозможува на компаниите поволни услови за работа? 

Грозданов: За жал, општиот впечаток е дека државата, пред се‘, се интересира да зграби поголем дел од „економскиот колач“ за себе, наместо да обезбеди услови бизнис секторот да има можност „да меси поголем колач“, така што секој би имал поголемо парче.

Генерално државниот апарат во голем дел се злоупотребува во функција на „биро за вработување“ што води кон проблемот кој веќе го дискутиравме – преобемна а нефункционална администрација и ниско ниво на давање на услуги.

Работник: Што е она што државата треба да го направи за да им овозможи подобри услови за работење на компаниите?

Грозданов: Она во што државата би можела директно да интервенира е дигитализацијата на услугите на администрацијата, обезбедувањето на правна сигурност, стабилност и предвидливост во работењето, борба против сивата економија и нелојалната конкуренција и намалувањето на даночните стапки особено во делот на придонесите.

За жал, она што го гледаме на терен е комплетно спротивно од она што го пишав погоре. Во оние ретки случаи каде што се дигитализираат установи и услуги тоа се прави без меѓуинституционално системско поврзување, туку парцијално и повеќе како „фасада“ дека нешто се прави одошто за реално да се понудат дигитални услуги на корисниците. Не се користи холистички пристап во дизајнирањето на услугите туку се атомизираат процесите и постапките за доаѓање до тие услуги што води кон уште поголема нефункционалност.

Правната сигурност е исто така огромен проблем. Честото менување на законите, кои ионака во голем број случаи се нејасно пишани води до различни толкувања и различни постапувања што резултира со апсолутно непотребно високо ниво на ризик во работењето на претпријатијата. Самата држава и државниот апарат е максимално правно заштитен и има бројни алатки и механизми за брза наплата, додека за бизнис секторот нема ни приближно ниво на правна заштита.

Борбата против сивата економија е веќе толку често наметнувана како тема од страна на легалните приватни бизниси што мислам дека нема ни потреба повеќа да ја образложувам. Едноставно преовладува впечатокот дека државата нема ни желба ни интерес да се бори против сивата економија. Напротив, далеку полесно е да наплаќа повеќе од оние кои се веќе во системот, без да размислува како да ги внесе во систем оние кои работат „на црно“ без да плаќаат никакви давачки.

И за последната точка која ја споменав како еден од условите за подобрување на бизнис климата кај нас – а тоа е намалување на даноците, државата отиде во спротивна насока. Пред нецела недела е воведена сосема нова давачка – а тоа е данокот на солидарност, а дополнително за многу кратко време за 100% ќе се зголемат даночните стапки за ДДВ за огромен број на прехранбени артикли. Моментално цените се замрзнати и товарот од зголемениот ДДВ ќе го понесат фирмите, но секако откако цените ќе се одмрзнат, товарот од зголемените цени ќе премине кај крајните потрошувачи. Впрочем, се додека структурата на даночните приходи на Македонија не се промени, ние ќе имаме суштински проблем. Моментално главниот даночен приход за државата е токму ДДВ-то како индиректен данок кој паѓа на товар на крајните потрошувачи.

Се надевам дека во иднина ќе имаме раководни структури во државниот врв кои ќе препознаат што е неопходно да е направи за да се обезбеди подобра бизнис клима кај нас.

Фото: Фејсбук профил на м-р Благоја Грозданов

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси