ЕкономијаНовости

Водечки светски компании ќе зборуваат на годишната конференција за е-трговија 

   Време за читање 4 минути

СКОПЈЕ, 03.10.2024: Претставници од најголемите светски брендови како TikTok, OpenAI, Klarna, и ZEOS by Zalando, заедно со уште многу други светски, регионални и домашни компании, ќе бидат дел од 7-мата регионална конференција за е-трговија „E-commerce: Untangling potential!“ , што ќе се одржи на 12 ноември во Скопје. Настанот веќе трета година го задржува својот регионален карактер и привлекува учесници од повеќе од 10 држави од регионот и светот.

Во своето најголемо и тематски најисполнето издание до сега, конференцијата за е-трговија ќе ги обедини најистакнатите домашни и меѓународни експерти во областа. Говорниците преку клучни говори, панел дискусии и неформални разговори ќе покажат во кои аспекти од е-трговијата е постигнат потенцијалот, и каде се уште има простор за развој за да може да се искористи во целост. Ќе бидат опфатени теми како испорака и логистика, нови можности за е-плаќање, маркетинг за е-трговија со користење на податоци и вештачка интелигенција, како и прекуграничен и меѓународен раст на бизнисите со е-трговија. Покрај тоа, конференцијата ќе биде одлично место за вмрежување и споделување искуства, поддржано од иновативниот саемски концепт, кој дополнително ги зголемува можностите за интеракција и размена на знаење.

Селесте Фејзо од OpenAI, водечката истражувачка компанија фокусирана на создавање безбедни и корисни AI системи, со нивниот производ ChatGPT кој веќе секојдневно го користат милиони луѓе ширум светот, е една од говорниците која ќе одржи своја презентација на конференцијата и ќе зборува за тоа како вештачката интелигенција може да ја револуционизира е-трговијата. Селесте, како AI Data Trainer, ќе ги сподели своите искуства во развојот на сигурни и ефективни AI технологии, кои ќе ја обликуваат иднината на е-трговијата.

Говорникот Бобан Љубиноски од Klarna, шведската финтек компанија позната по својот модел Купи сега, плати подоцна (Buy Now, Pay Later – BNPL), е глобален лидер во онлајн плаќањата, овозможувајќи им на корисниците да купуваат сега, а да плаќаат подоцна преку флексибилни опции за плаќање. Бобан ќе зборува за иновативните и флексибилни платежни методи наменети за модерните е-купувачи, кои допринесуваат кон зголемување на посетите кон е-продавниците, како и зголемување на просечна вредност на нарачките и на лојалноста на купувачите.

Дополнително, говорникот Бојан Доленц од ZEOS by Zalando е експерт за логистички иновации и ќе зборува за оптимизацијата на логистичките процеси кои го прават Zalando еден од лидерите во е-трговијата. ZEOS, дел од Zalando, е напреден систем за управување со складирање, обработка и испорака на нарачки. Бојан со своето 7-годишно искуство ќе сподели како ZEOS ја подобрува логистиката и ги намалува трошоците за големите интернационални брендови.

Исто така, традиционално, во сеопфатната програма на конференцијата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2024 година, која за првпат оваа година се однесува на целиот Западен Балкан, а во текот на кофнеренцијата ќе се зборува и за користењето на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, но и за потребата од беспрекорно искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет, а ќе бидат споделени и искуства од успешните е-трговци во регионот за како тие придонесуваат во отплеткување на потенцијалот кој го нуди е-трговијата.

Инаку, конференцијата по трет пат ќе биде домаќин на регионална публика и на истата се очекува да присуствуваат околу 700 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Романија, Бугарија и Хрватска што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето седмо издание.   

Конференцијата е поддржана од организацискиот партнер GIZ, платинум партнерот Visa, дигиталниот партнер А1 Македонија, како и златните партнери – Ананас, CaSys и НЛБ Банка и сребрените партнери – Халк Банка, Корпа, Филип Морис Интернационал, Комерцијална Банка, ИУТЕ и Сава Пензиско. Повеќе информации поврзани со агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата, вклучувајќи ги и картите кои се пуштени во продажба, се достапни на официјалната веб страница на конференцијата: https://ecommerceconference.mk/