Во мирување е штрајкот во ФЗО, граѓаните наместо извинување добија ветување дека ќе бидат услужени
Штрајкот на Фондот за здравство е ставен во мирување. Платите на вработените остануваат исти до крајот на мај. Откако Владата вчера одлучи да се поништи претходната препорака за намалување на платите на вработените, а управниот одбор потврди, шалтерите ширум земјава повторно се отворија.
Граѓаните кои три дена чекаа пред заклучените врати и не завршија работа не добија извинување, туку ветување, дека ќе ги добијат сите услуги во најкус можен рок.
Директорката на Фондот, пак, им порача вработените дека сега треба да ја оправдаат платата, поефикасно да работат и да ги подобрат услугите кон граѓаните.
Одлуката за платите ја чекаа 831 вработен во Фондот. Ако имаше намалување, синдикалците кажаа дека најголем дел од работниците ќе земаат минимална или уште пониска плата.