Вработените во културата ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти, вели Костадиновска-Стојчевска
По денешниот протест на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) и вработените во културните институции поради неисплатената мартовска плата усогласена со колективниот договор, попладнево на својот фејсбук-профил со коментар се огласи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа во објавата тврди дека вработените во културата ја добиле мартовската плата покачена за 12 отсто.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти. Оваа влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“,додава Костадиновска-Стојчевска во објавата.
Костадиновска-Стојчевска вели дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата.
„Се борам веќе две години за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат. Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога законот за кој оваа влада се избори е на страната на културните работници“,вели министерката.
Костадиновска-Стојчевска ги оценува како предизборна игранка и манипулација реакциите и протестите на Синдикатот на културните работници (СКРМ).
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути, пак, за некаква игра, денес тоа се докажа. Секогаш сум била на страната на вработените, за повисоки плати и за поголеми работнички права“.
Синдикатот на културата (СКРМ) заедно со културните работници од цела Македонија денеска протестираа пред Министерството за култура, со цел, како што рекоа, да го искажат револтот за неисплаќањето на платите за месец март на над 3 000 вработени, а притоа обвинија дека нема да го добијат и зголемувањето од 12 отсто согласно колективниот договор.
Од СКРМ рекоа и дека иако вчера имале средба со претставници од Министерството за финансии, таму не бил постигнат никаков договор.
- Ова е можеби најодалечената, но и најслатката работа на светот: Потребни се луѓе за броење на пингвини на Антарктикот - 13/10/2024
- Боинг укинува 17.000 работни места и ја одложува испораката на 777X - 13/10/2024
- Неделков: Колективните договори ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, платите кумулативно ќе се зголемат за околу 50 % - 12/10/2024