Вработените на Apple во Австралија во штрајк – бараат поголеми плати и подобри работни услови

Apple се соочува со штрајк во кој учествувале 150 вработени во продавниците во Австралија, откако преговорите за подобри плати и работни услови не успеале. Вработените им дале поддршка на синдикатите и повикале на низа подобрувања, вклучувајќи поголеми плати и распореди со два последователни слободни денови.

Apple на вработените им понудил зголемување на минималната плата на 17,35 долари, но синдикатот не ја зел во предвид оваа понуда поради инфлацијата во светот. Од работничката организација сакаат зголемување на платата на 19,53 долари – колку што отприлика земаат и нивните колеги од САД.

Синдикатот тврди дека Apple се обидел да го забрза гласањето за спогодбата, но компанијата го негирала истото.

Штрајкот и одбивањето на задачите делумно се поттикнати од работничките акции во САД. Работниците во американските продавници на Apple, се обидуваат во се поголем број да им се придружат на синдикатите.

Евидентно е и тоа дека компанијата во многу продавници вметнувала анти-синдикални пораки кои сугерираат дека формалното застапување би можело да ги влоши работите. Не е сигурно дека американските работници ќе штрајкуваат како нивните австралиски колеги, но очигледно е дека негодувањето станува се погласно.