МакедонијаНовостиСветот на работникотСиндикат

В петок штрајк ако не се исплати додатокот на плата од 30 отсто

   Време за читање 1 минута

Вработени во Министерството за финансии бараат веднаш да се започне со исплата на додатокот на плата во висина од 30 отсто за сите вработени, согласно со член 9 од Законот за извршување на буџет, согласно со уредбата објавена во „Службен весник“, од причина, како што нагласуваат, што ги исполнуваат условите, имаат зголемен обем на работа и сложеност во постапките.

– Во врска со доставувањето на колективниот договор во Министерството за финансии, за кој баравме почитуваниот министер Фатмир Бесими да го потпише, а се однесува на зголемување на платите за 30 отсто за сите вработени во Министерството и за органите во составот, информираме дека во зададениот рок до 12 февруари, немаме никаква информација дали е потпишан, ако не е, да ни се образложи од кои причини – велат вработените.

Најавени се протести и штрајкови за утре, петок, од Синдикатот на Министерството за финансии при УПОЗ, доколку не се потпише колективен договор дотогаш.

– Бараме да ни се вратат дополнителните 30 отсто на плата што ни ги укина Уставниот суд. Му даваме рок на министерот да го потпише до распишувањето на изборите, доколку не го потпише, по изборите ќе продолжиме со протести и штрајкови и нема да функционира Министерството за финансии. Нема да се работат експропријациите за „Бехтел и Енка“ и нема да се исплаќаат плати за целата јавна и државна администрација – рече Даниел Михајловски, претседател на Синдикалната организација на Министерството за финансии при УПОЗ.

Тој додаде дека бараат рамноправност во вреднувањето на трудот. Истакна дека со потпишувањето на колективниот договор, трајно ќе се реши проблемот со платите.