Георгиевски: Во Југославија слободата на изразување беше поголема, а новинарската професија повеќе почитувана
Бобан Илијевски
„Новинарството е професија која е поголема од животот“. Ова, во интервју за порталот Работник, го вели долгогодишниот новинар Ѕвездан Георгиевски. Неговата професионална новинарска кариера датира уште од 1983 година, кога започнал да работи во Нова Македонија. Поради неговото богато новинарско искуство кое започнува во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, со него зборувавме за новинарството од тоа време, за компетенциите кои требало да ги има еден новинар за да биде дел од професијата, како и на други теми.
Во текот на интервјуто, Георгиевски ни открива многу интересни детали за новинарската професија, во време кога печатените медиуми имале најголем подем. Тој зборува и за слободата на медиумите тогаш и сега, истакнувајќи дека во времето на СФРЈ, владеел многу поголем плурализам од колку што владее во самостојна Македонија.
Тој и во едно од прашањата демонстрира со какви последици би се соочил еден новинар доколку направи некоја грешка при работата.
Во прилог целосното интервју:
Работник: Кога започна Вашата новинарска кариера и во кои медиуми имате работено?
Георгиевски: На Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје (така тогаш се викаше новинарскиот факултет) се запишав во третата генерација, во 1979 година. Уште тогаш пишував хонрарно за „Млад борец“. За време на студиите работев и во ревијата „Екран“, а потоа една година и во градската рубрика на „Нова Македонија“. Професионалната кариера ми започна по завршувањето на студиите во 1983 година, токму во „Нова Македонија“, каде што најдолго време бев во културната рубрика. Од почетокот на 1991 година бев во тогаш основаниот неделник „Пулс“, а некако во тоа време, со неколку колеги, го основавме и „Канал 4“, првото приватно радио во Македонија. Во 1999 година поминав во тогаш основаниот „Утрински весник“ како уредник на културната рубрика. Во 2007 година со група колеги го формиравме неделникот „Глобус“. По неговото згаснување во 2011 година практично сум слободен новинар и се обидувам да се одржам во оваа професија зачувувајќи си го барем минимално својот интегритет.
Работник: Како било да се биде новинар во времето на Југославија и која е разликата од самостојна Македонија?
Георгиевски: Од една страна сѐ беше исто, а од друга сѐ беше различно. Исто беше затоа што новинарството е со принципи и методи што владеат од кога постојат медиумите. Тоа значи дека за вистински професионалец најважно е неговиот текст, прилог или што да е, да биде професионално изработен и да му помогне на читателот да донесе заклучоци за одредена ситуација и да си го олесни животот во определен домен. И беше сосема различно, затоа што во Македонија имаше два пишани релевантни медиуми. Тоа беа „Нова Македонија“ и „Вечер“ и практично беше престиж да се работи во нив. Тоа значи дека новинарската професија беше многу почитувана отколку денес, а од друга страна новинарите што работеа во тие медиуми не можеа да си дозволат никакво опуштање, затоа што притисокот врз нивните работни места беше огромен. Со други зборови, во тоа време не постоеше терминот „лажни вести“, односно сѐ што ќе прочитавте беше меродавно и кредибилно. Вие, како читател, се разбира, ќе можевте да се сложите или да не се сложите со некое новинарско мислење, ама бевте сигурни дека тоа е фундирано на некакви факти.
Натаму, тогаш медиумите беа во многу порелаксирана финансиска ситуација. Да не се разбереме погрешно, просечната новинарска плата никогаш не била висока, ама затоа медиумите не зависеа од продажба на рекламниот простор, што значи дека не требаше да се умилкуваме на било каков моќник за да опстанеме економски. Напротив. За разлика од денешното мислење за тоа време како за период на еднопартиска диктатура, слободата на изразување беше со повисок квалитет отколку денес. Новинарската селекција беше строга и работена исклучиво врз квалитет, а не според партиска припадност. Додуша, јас ја почнав професионалната кариера по смртта на Тито, кога стегите беа попуштени, но ви велам, разгледајте ги комплетите на „Нова Македонија“ во НУБ „Св. Климент Охридски’ од средината и крајот на 80-тите години па ќе видите што значи плурализам на мислења во вистинската смисла на зборот.
Денес медиумите се борат за „кликови“ и на тој начин обезбедуваат реклами, односно финансиска одржливост. Во ваквиот систем на вреднување, медиумите повеќе не им продаваат информации на своите корисници, туку ги продаваат своите корисници на потенцијалните финансиери. Значи, во случајов читателите се третирани како компири на пазар и се небитна алка во информативниот систем, туку важни се центрите на моќ, кои треба да бидат задоволни од создадената медиумска слика. Овој, вака поставен, систем ги изместува новинарите од позиција на креатори на јавното мислење во позиција на обични извршители на одредена дејност. И тогаш, нормално, ќе имаме медиумски простор ваков каков што го имаме.
Работник: Какви компетенции требало да има еден новинар за да работи во медиум во поранешна СФРЈ?
Георгиевски: Најлесно ми е да зборувам за мојот пример. Ние одевме на дводневно тестирање. Пишувавме вест, па вест во низа, па статија, па психолошки тест, па тест по општа култура… И на крајот од околу 470 кандидати со факултетско образование беа одбрани 40-тина кандидати со кои беше направено интервју и од нив беа вработени седум. Да се разбереме, во тогашното новинарство не функционираа институтите „врски“ и „ургенции“. Не дека немаше вработувања преку врски, туку новинарството беше професија на ачик, што би се рекло, и неквалитетот отпаѓаше сам по себе. Затоа и никој го немаше тој комодитет да прими некого преку врски.
Работник: Постојано се зборува за слобода на медиумите. Колку според Вас медиумите во Македонија се слободни да работат според трите најважни принципи во новинарството: објективност, непристрасност и балансираност? Каква била ситуацијата со слободата на медиумите во поранешна Југославија?
Георгиевски: „Слободата на медиумите“ е излижана флоскула која служи за постигнување краткорочни ефекти во нечија политичка агенда. Медиумите секогаш биле и секогаш ќе бидат онолку слободни колку што е слободно општеството, односно неговите граѓани. Ако вие егзистирата во диктаторска или „заробена“ држава, тогаш не можете да очекувате дека медиумите ќе бидат поинакви. И тие егзистираат во истите околности, односно тие се само слика на општеството. Во Македонија кредибилните медиуми се сведени на „дебело“ малцинство, наспроти напливот на сензационалистичко „кликбајтерско“ новинарство. И тие, кредибилните, главно се финансираат од некои независни финансиски центри, односно не зависат од овдешните центри на моќ, што значи дека можат да си го дозволат луксузот да работат според професионалните стандарди, а не според нечии желби.
Што се однесува за „југословенското“ време, веќе споменав дека јас работев во периодот кога тогашната држава засилено се демократизираше. Ги мирисавме новите ветрови во воздухот, ги уриввме табуата. Отворавме деликатни теми… Такво беше времето, такви беа потребите на читателите, таква беше државата…
Работник: Новинарската професија се соочува со недостаток на кадар. Младите не сакаат да работат, најмногу поради тоа што истата не е платена, а и во одредени медиуми ниту работните места не се сигурни. Каков беше интересот за работа во новинарството за време на Југославија?
Георгиевски: Во прашањето имате една мала, за многумина речиси незабележлива, симпатична грешка. Немаме „недостаток на кадар“, туку „недостиг на кадри“. Се надевам дека оваа забелешка ќе ја сфатите најдобронамерно, затоа што јас не сум никаков „јазичен полицаец“, туку ја споменувам во контекст на темата на разговорот. Без оглед што и во „мое време“, оваа грешка би останала незабележена кај читателите, во редакцијата на „Нова Македонија“ секако ќе беше евидентирана и вие, како новинар, ќе бевте соочени со финансиска санкција и, што е уште пострашно, ќе бевте предмет на потсмев од другите колеги. Добрата страна на ова е што буквално сите сме правеле вакви слични или поголеми грешки и сите сме го поминале тој дрил. Башка што никогаш повеќе не сме ја направиле истата грешка.
Но, да се вратам на суштината на прашањето. Лично мислам дека мојата новинарска генерација е најодговорна за она што ни се случува во новинарството. Ние не успеавме да го задржиме дигнитетот на професијата. Ние дозволивме информациите бесплатно да се лиферуваат и секој да има пристап во системот на информирање. Ние дозволивме медиумите да се финансираат од сомнителни пари, да се формираат медиуми за еднократна употреба, газди да бидат луѓе на кои медиумите им се само помоишно средство за создавање профити во нивните примарни бизниси.
Што се однесува на она време, веќе реков дека новинарството беше престижна и почитувана професија. Во „Нова Македонија“ на нејзините годишни конкурси секогаш се пријавуваа повеќе стотици млади образовани луѓе. И секоја година се примаа по шест-седум новинари. Првин го поминуваа едногодишниот приправнички стаж, по што многу лесно можеше да се случи да не им биде понуден договор за работа, се разбира ако не го покажат очекуваниот квалитет. Многу од нив и сами се откажуваа, сфаќајќи дека не можат да ги исполнат бараните критериуми. Меѓутоа, кога веќе ќе станевте „полноправен“ член на редакцијата, тогаш сигурноста на вашето работно место, како и вашето напредување во кариерата, зависеше само од вас. Морам да кажам дека и државата имаше многу поголем сенс за квалитетното информирање, па „Нова Македонија“, на пример, имаше прилично голема дописничка мрежа во Републиката, дописништва во речиси сите југословенски центри, постојани дописништва во Грција, Бугарија и СССР плус повремени дописништва во другите светски центри (Лондон, Вашингтон, Њујорк, Брисел…). Културната рубрика на „Нова Македонија“ на пример, имаше повеќе новинари отколку што денес вкупно имаат новинари 90 проценти од медиумите. Да не кажам дека речиси ниту еден медиум нема културна рубрика.
Работник: Како новинар од постарата генерација, Вие сте сведочеле на периодите кога печатените медиуми го имаа доминантното влијание во државата. Со појавувањето на онлајн медиумите, печатените го изгубија приматот. Имаме неколку печатени медиуми, но во оваа дигитална ера најголемо влијание имаат токму онлајн медиумите. Дали според Вас онлајн медиумите се добра замена за печатените медиуми? Доколку не, зошто?
Георгиевски: Интернетот насекаде во светот го смени медиумскиот амбиент и од тоа не може да се избега. Меѓутоа, интернетот не може да биде виновен за добро или лошо новинарство. Сакам да кажам, новинарството е новинарство, а медиумите се медиуми. Без оглед дали станува збор за печатени, електронски или дигитални медиуми, принципот е ист, што би рекол Балашевиќ. Во прашање се нијанси. Во интернетскиот медиумски простор владеат неколку заблуди. Првата е дека информацијата може бесплатно да се дистрибуира. Не може! Информацијата е стока, како и секоја друга и таа има своја цена на чинење. Производството на квалитетна информација чини повеќе и таа е поскапа. Весникот, на пример, има своја цена. Поквалитетниот весник, се разбира, е поскап. Значи, некој мора да ја плати таа цена на информацијата. Ако ја плаќаат, како што не ја плаќаат, читателите, тогаш тој медиум ќе биде уредуван по волјата и желбите на читателите. Ако ја плаќа политиката, тогаш таа ќе го уредува. Ако го плаќа маркетингот, тогаш тој ќе го уредува. Никој не фрла пари џабе. Втората заблуда е дека дигиталното новинарство е поеднаставно, поевтино и поисплатливо од печатеното. Всадено е мислењето дека секој што има малку посериозен мобилен телефон може да има свој медиум. И сето тоа во име на демократијата! Не е така! Медиумот е скап. За добар медиум е потребен добар професионален погон, услови за работа и можности за опстанок. Мене навистина не ми е јасно зошто бројните „човек-портали“ не најдат начин некако да се вкрупнат или како ли веќе се вика тоа и заено да направат еден или два сериозни интернетски медиуми, вистински портали. На овој начин, од шумата на медиуми не можеме да го видиме дрвото. Од шумот што го создаваат, не можеме да го слушнеме гласот. Како што стојат работите, денес медиумите не ја наметнуваат дневната агенда на јавноста, туку ја следат агендата на политичките партии и моќните компании. А тоа, секако, не е целта на јавното информирање.
Работник: Што според Вас ја очекува новинарската професија во иднината? Со какви предизвици најмногу ќе се соочи?
Георгиевски: Не знам, навистина. Никогаш и не знаев. И кога се вработив имаше драматични промени во новинарската технологија, подоцна уште поголеми, па поголеми… Она што би требало да биде непроменливо е улогата на новинарот во информативниот систем, а тоа е од оние милијарди и милијарди информации што во секој момент не опкружуваат, да ги селектира, обработи и дистрибуира најважните и така да му го олесни животот на читателот, гледачот, слушателот… Новинарството е професија поголема од животот, затоа што во буквална смисла е служба и ѝ служи на јавноста, во најшироката смисла на зборот. Се надевам само дека сегашните деформитети некако ќе се исправаат.
- Боинг укинува 17.000 работни места и ја одложува испораката на 777X - 13/10/2024
- Неделков: Колективните договори ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, платите кумулативно ќе се зголемат за околу 50 % - 12/10/2024
- Мицкоски: Платите на наставниците и професорите се зголемуваат за 5 проценти со октомвриската плата, до крајот на мандатот ќе пораснат за 46 проценти - 12/10/2024