ЕкономијаНовостиСветСветот на работникот

Германија очајна по работна сила, повторно ги олеснува условите за работа

   Време за читање 2 минути

Германија оваа година ќе стане помалку атрактивна за барателите на азил, но ќе ја олесни имиграцијата на квалификуваните работници.

Со Закон до повеќе квалификувани работници

Од 18 јануари во Германија на сила ќе биде Закон со кој ќе се олесни преселувањето на странските работници, пишува Дојче веле.

Најважниот елемент е воведувањето на картичка за можност (Chancenkarte) базирана на систем на бодување. Таа вклучува едногодишна дозвола за престој. За тоа време сопствениците на картичката можат да бараат работа. Условите за добивање се: познавање на германскиот или англискиот јазик, работно искуство и лична врска со Германија.

Странските квалификувани работници во иднина ќе мораат да имаат минимална бруто плата од околу 43,800 евра годишно (досега изнесуваше 58,400 евра).

Барателите на азил кои во земјата влегле пред 29 март 2023 година и имаат квалификации и понуда за работа – ќе можат да поднесат барање за дозвола за претстој како квалификувани работници, ако го повлечат барањето за азил. Досега прво морале да ја напуштат државата, а потоа да поднесат барање за работна виза од странство.

Секој кој доаѓа во Германија како висококвалификуван работник од некои од земјите вон ЕУ ќе може да ги поведе сопружникот, децата и родителите. Меѓутоа, предуслов ќе биде егзистенцијата на семејството да е обезбедена.

Сината карта на ЕУ и правилото за Западен Балкан

Постоечката регулатива за квалификуваните работници со висока стручна спрема, како сината карта на ЕУ, се продолжува – проширена е листата на т.н. дефицитарни занимања. Додека претходно биле математичките, информатичките, инженерските занимања и медицината, сега се однесува и на фармацевтите, воспитувачите и негувателите.

Ако работодавачите во Германија и кандидатите вон ЕУ склучат т.н. договор за признавање на квалификациите, странските работници од март 2024, ќе можат да одат и да работат во Германија додека трае процесот на признавање на квалификациите. Престојот може да се продолжи до три години.

Ако сакаат да ги доведат сопружниците и малолетните деца, квалификуваните работници мораат да докажат дека можат самите да ги издржуваат, но повеќе не мораат да докажуваат дека располагаат со доволно станбен простор.

Т.н. Западнобалканско правило за вработување на работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија сега важи на неограничено време. Од јуни 2024 година, годишната квота ќе се зголеми двојно – на 50,000 работници.  

Извор: b92.net

Фото: Shutterstock/AnnaStills