ЕкономијаСвет

Германските пензионери по улиците собираат амбалажи: Секој петти пензионер е во ризк од сиромаштија

Германските пензионери -Работник
54views

Бројот на стари луѓе во Германија кои се сиромашни или се на работ на сиромаштија од година во година расте, па речиси секој петти пензионер е во ризик од сиромаштија.

Како што се наведува во текстот на веб страната на РТС, околу 3,2 милиони стари луѓе во Германија се под границата на сиромаштија, што е 215,000 повеќе отколку во 2016 година, а дури 803,000 повеќе од 2010 година.

За само седум години бројот на пензионери кои се во ризик од сиромаштија пораснал за една третина, а се очекува дека статистиките за 2018 и 2019 година ќе покажат дека овој негативен тренд продолжува.

За германската статистика, во ризик од сиромаштија се сите оние кои живеат сами, а примаат помалку од 60 отсто од просечната плата, макар се земаат во предвид и уште некои фактори, но во суштина луѓето кои месечно располагаат со помалку од 905 евра во Германија се сметаат за сиромашни.

Иако оваа сума за стандардот во Македонија делува високо, таа за Германија е исклучително ниска, бидејќи повеќе од половина нација нема сопствени недвижности, туку живеат во изнајмени станови или куќи, па со самото тоа добар дел од приходите отпаѓа на наемот.

Поради сето тоа не е редок случај по улиците на германските градови да се видат пензионери кои собираат стаклени и пластични амбалажи, за кои може да се добие 15 до 25 евра – центи за кауција.

Економистите укажуваат дека судбината на пензионерите нема многу да се смени ни доколку германската економија започне повторно да расте, при што најзагрозени ќе бидат неквалификуваните работници, самохраните мајки кои долго не работеле поради одгледувањето на децата, што денеска е чест случај во западниот дел на Германија.

„Сиромаштијата во наредните 10 до 15 години значајно ќе се зголеми, бидејќи имаме се повеќе луѓе кои работат за мала плата или работат на скратено работно време или пак имале прекини на работата во текот на животот“, истакнал неодамна Марсел Фрачер, првиот човек на Инстиутот за економски истражувања.

За работата да биде уште полоша и самиот пензиски систем е под голем притисок, бидејќи населението е се постаро, а тоа особено ќе се почувствува во потполност кога ќе се пензионира беби – бум генерацијата, односно оние кои се родени од крајот на Втората светска војна до 1964 година.

Поради тоа во Германија веќе некое време се размислува старосната граница за пензионирање од 65 да се подигне на 69 години.

Освен тоа, владејачките демохристијани и социјалдемократи после долги преговори се договориле во 2021 година биде воведена основна пензија која ќе биде барем за 10 проценти поголема од таканареченото осигурување, што во Германија е законски одреден минимум за преживување. Основната пензија ќе ја добиваат оние кои излегле во пензија со најмалку 35 години работен стаж, при што службите нема да мораат да го проверуваат нивниот степен на сиромаштија.