Германците се загрижени за својот стандард

Ако прошетате низ омилените туристички населби во Берлин, веројатно нема да забележите дека инфлацијата расте, трошоците се зголемуваат, а најголемата војна во Европа по Втората светска војна е на само неколку стотици километри оддалеченост. Баровите и рестораните се преполни, пред ноќните клубови има долги редици бидејќи локалното население и туристите до максимум ги користат летните месеци.

Цените за слободните активности и производите се зголемени, но нарачките за авокадо-тост или домашен леб се чини не се намалени. Ова делумно се должи на висината на приходите, бидејќи оние кои заработуваат подобро и кои најчесто ги конзумираат овие производи, можат да поднесат да платат некое евро плус во однос на порано.

„Цените на сите производи се зголемени“, вели за ДВ Штефани Линч, бариста во позната кафетерија во популарната берлинска населба Фридрихсхајн. „Буквално сè што користиме овде е поскапено: хартиените чаши, картончињата, кесите во кои го пакуваме кафето… Буквално сè.”

Линч вели дека по неколку години на стабилни цени, еднаш веќе ги покачиле цените за да ги надоместат претходните дисторзии во системот на ланците на снабдување поради пандемиските рестрикции, лошиот род на кафе во Бразил и минатогодишната блокада на Суецкиот канал.

Наскоро веројатно ќе има потреба за нова рунда покачување, како резултат на загрижувачките економски податоци, додава таа, иако, како што вели, многу клиенти се чини се подготвени да издвојат повеќе пари за истото добро кафе.

Инфлацијата гризе

Инфлацијата е повисока за околу 8% споредено со истиот период минатата година, соопшти Државниот завод за статистика. Цените на енергијата и на храната се зголемени за 38%, односно за 11%. Тоа веројатно е сѐ уште подносливо за оние кои пијат по некое еспресо, но колку се пониски примањата, толку е потешко да се справат со последиците од инфлацијата.

„Секако последиците од актуелната криза се чувствуваат директно“, вели за ДВ Маркус Грабка, виш истражувач во германскиот Институт за економски истражувања. „Семејствата со помали примања, на пример, се многу потешко погодени од зголемените трошоци за енергенси споредено со оние со средни или повисоки примања.“

Севкупно трошоците за храна годинава се очекува да бидат повисоки за 250 евра по човек, покажува студија на осигурителната куќа „Алијанц трејд”.

Со овој дополнителен товар нормално потешко ќе се носат оние кои и онака одвај врзуваат крај со крај. Над 560 илјади пензионери во Германија имаат потреба од дополнителна државна помош, бидејќи нивните пензии се под прагот на сиромаштија. Зголемените цени за храна и енергенси уште повеќе им ги „нагризуваат“ и онака ниските примања.

Повеќе на Дојче Веле