Глас на Америка: Немаме канцеларии, камери и телефони, се жалат дописниците надвор од Скопје

Сузана Мицева, новинарка од Струмица, секој ден во 9 часот наутро е на нејзиното работно место. Но, до кога, зависи од работните обврски, кои некогаш знаат да завршат и во вечерните часови.

Тоа е така секој ден и покрај тоа што вели дека предизвиците и проблемите со кои се соочуваат репортерите во внатрешноста на државата се големи.

„Голем дел од нив работат со сопствена опрема, сопствени камери, сопствено возило, кое го користат за патување низ планските региони што ги покриваат. Користат свои телефони, сами ги плаќаат сметките за нив и ред други работи кои им се предизвик да ги организираат за да ја завршат работата за која колегите во Скопје не трошат свои ресурси“, вели Мицева.

Зоран Димовски, новинар од Тетово вели дека голем дел од дописниците, конкретно од Полошкиот регион, немаат основни услови за работа.

„Тие немаат канцеларија, па мораат да работат во домашни услови. Немаат службено возило, па често не можеме да стигнеме до некое место, каде мора да проследиме некој настан“, вели Димовски.

Емилија Мисирлиевски, долгогодишен новинар од Битола, вели дека многу погласно треба да се зборува и за притисоците и заканите, со кои особено се соочуваат новинарите во помалите средини.

„Затоа што секој со секого се знае, па потешко е да се одржува таа професионална дистанца и некако природно доаѓа на носителите на јавни функции на бизнисмени, да ги притискаат новинарите за разлика од големите редакции, каде сметам дека притисоците прво доаѓаат до уредниците и сопствениците“, вели Мисирлиевски, и додаде дека такви примери има многу, без разлика кој е на власт.

Повеќе на Глас на Америка