- Advertisement -
ЕкономијаНовостиСвет

Годишната инфлација во Грција највисока во последните десет години – над 5% !

381views

Годишната инфлација во Грција достигна 5,1 отсто во декември 2021 година, што претставува и рекорд во изминатите десет години, а најголемо зголемување имало на цените на природниот гас и електричната енергија, согласно податоците од грчката служба за статистиката, јави дописничката на МИА од Атина.

За една година, во периодот од декември 2020 година до декември 2021 година, цената на природниот гас се зголемила за 135,7 отсто, електричната енергија за 45 проценти, нафтата за греење за 34,1 отсто, а горивото за 21,7 проценти.

Зголемување има и во цените на сите прехранбени продукти, со исклучок на свинското месо, сувомесните продукти и млекото.

Цените на лебот, сирењето, овошјето, зеленчукот, се зголемиле од 4,9 до 5,5 отсто, јагнешкото месо за 19,7 проценти, маслиновото масло за 17 отсто, компирите за 14,2 проценти.

Портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому, на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека „зголемувањето на инфлацијата е глобален феномен”, ги повтори мерките што ги имаат преземено за ублажување на последиците од енергетската криза и истакна дека грчкиот премиер детално ќе соопшти второ зголемување на минималната плата во 2022 година.

-Со нашата политика нема да оставиме никого незаштитен од овој бран на поскапувања, а во исто време, нема да ја загрозиме ниту стабилизацијата на грчката економија ниту нејзината развојна димензија, порача Иконому.