Грижата за семејството и постарите лица да стане дел од пазарот на труд и да се плаќа| Интервју со Драгана Дрндаревска од КСЗД
Работнички избркани од работа поради бременост преку непродолжување на договорот. Звучи малку збунувачки оти ако ѝ истекол договорот, право на работодавачот е дали ќе продолжи или не. Но во пракса тоа не е така. Во многу случаи, како што вели нашата денешна соговорничка, станува збор за дискриминација. Имено, во денешното интервју разговаравме со Драгана Дрндаревска, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Тема беше дискриминацијата на жените на работно место, но за што сѐ разговаравме, прочитајте во продолжение.
Работник: Како Комисија за спречување и заштита од дискриминација, како ја оценувате генералната состојба со дискриминацијата на жените на работните места?
Дрндаревска: Првин, состојбата е дека постои родова дискриминација во работните односи. Би тргнала од тоа дека самиот пазар на труд е конструиран согласно потребите на мажите и самиот како таков ги отсликува нивните потреби, нивните права итн. и оттука, од старт, е неправеден. Од старт жените не можат да учествуваат на пазарот на труд исто како што можат мажите.
Нашето законодавство не ги отсликува потребите на жената во однос на нејзините права како работничка. Имаме цели сектори во индустријата, како што е текстилната, којашто со години беше изземена од Законот за минимална плата, со што се правеше една системска, структурна родова дискриминација. Така што, родова дискриминација на пазарот на труд постои, законската рамка не е доволна. Капацитетите на институциите да одговорат на ваков вид на дискриминација, пред сѐ, мислам на Државниот Инспекторат за труд, се многу ниски, а не ја ни препознава.
Законската рамка не ги отсликува ниту стандардите на Меѓународната организација на трудот ниту европското право во однос на директивите кои се однесуваат на оваа област и практиката на Судот на правдата на Европската унија.
Тука има многу проблеми и јас лично сметам дека треба да почнат да се решаваат со измени на Законот за работните односи. Овој Закон почна да се менува, односно Министерството за труд и социјална политика, овој процес го води веќе подолго време, меѓутоа не гледаме крај на тој процес. Беа најавени попозитивни измени во оваа насока – во однос на уредувањето на родителското отсуство коешто ќе можат подеднакво да го користат и жените и мажите, на страна отсуството поради раѓање и бременост. Беше предвидена одредба за флексибилно работно време, а се предвидуваше и промена на договорите на определено време, кои се злоупотребуваат за да се дискриминираат бремени работнички. И тоа што беше предложено не сметам дека беше доволно, но никако да се донесе, односно предлог Законот сѐ уште не е пристигнат во Собрание.
Работник: Работодавачите сметаат дека ако дојде нова Влада ќе креира нов Закон…
Дрндаревска: Има многу проблеми… навистина, нема од каде да почнам… Очигледно не постои политичка волја да се решат проблемите со дискриминација во работните односи, особено дискриминацијата врз основа на род и пол.
Знаете, кога имате еден систем како што е пазарот на труд, којшто е уреден согласно потребите на мажите, жените – работнички секогаш ќе бидат помалку посакувани од страна на работодавачите. Од нивна страна сите овие мерки кои се земаат на ниво на исклучоци за да се направи пазарот на труд попристапен за жените, како што е породилното отсуство, флексибилното работно време, часовите за доење и нега на други членови на семејството, тогаш ќе се гледа како нешто што тие треба да го трпат, односно нивниот бизнис треба да го трпи за да ги акомодира жените и поради тоа секогаш ќе преферираат да вработуваат мажи.
Јас би рекла дека ни треба едно целосно преструктуирање на пазарот на труд, кој трга од претпоставката дека домашниот труд и грижата за децата и постарите членови на семејството, ќе се одвива надвор од него. Поради патријархалните ставови и вредности тоа се обврски на жената. Трудот во домаќинството претставува неплатен труд којшто поради патријархатот е на грбот на жената. Имаме ситуација кога, ние тоа го викаме репродуктивен процес, освен што жените треба да работат на пазарот на труд, треба да работат и дома. Тоа е неплатен труд – експлоатација, бидејќи работат за нешто за што не се платени. Затоа треба да тргнеме од таа претпоставка и да се најдат модалитети, грижата за децата и домот да се формализира – да стане дел од пазарот труд.
Овој неплатен женски труд го гледаме и во секторот земјоделие. Бројот на индивидуални жени – фармери е познато дека е многу поголем отколку што е евидентираниот број (кој во 2020 година изнесувал само 4 %). Жените не се регистрираат како индивидуални земјоделки, а притоа работат. Така што, имаме експлоатација на жени, односно неплатен женски труд во овој сектор. А тоа е така поради тоа што тука имаме системска дискриминација. Дури и да се регистрираат како индивидуални земјоделки за возврат не добиваат речиси ништо од државата, освен здравствено осигурување, притоа немаат платено породилно отсуство, немаат платено отсуство поради боледување – државата никако не ги уредува нивните права. Токму поради ова Комисијата има утврдено потежок облик на дискриминација кон жените земјоделки, а побарано е и да се промени Законот за здравствено осигурување. Таа е целата област на самовработувањето, коешто воопшто не е уредено во нашиот Закон за работни односи ниту пак имаме посебен Закон кој тоа го уредува.
Работник: Кој е најзастапен облик на дискриминација на жените на работните места?
Дрндаревска: Тука ќе започнам со бременоста. Можеби не е најзастапен, но е највидлив. Тоа е облик на дискриминација кои самите жени најмногу го препознаваат како таков и најмногу го пријавуваат. Повторно ќе се вратам на несоодветното законско решение во однос на договорите на определено работно време. Јас сметам дека тие треба да бидат исклучок во нашиот правен систем. Работен однос којшто е заснован на договор на определено време и трае подолго од една година со сила на Закон треба да се трансформира во договор на неопределено време. Бидејќи се користат овие договори на определено време, работничката кога ќе соопшти дека е бремена, едноставно не ѝ даваат нов договор за вработување. Имаше и таква судска постапка, во којашто, за жал, судот пропушти да го препознае ова како вид на дискриминација, па наместо тоа формално правно се фати за договорот, односно дека тој истекол и дека работодавачот има право да го продолжи или да не го продолжи, без да ја земе предвид причината за не продолжување на тој договор – бременоста.
Повеќе вакви проблеми има во приватниот сектор отколку во јавниот, каде работничките се подобро третирани. Сепак, во приватниот сектор ова е распространета практика. Ова го покажуваат и случаите на Комисијата – најголем број од случите кои се однесуваат на дискриминација на жени во работните односи токму се поврзани со бременоста.
Ништо не ги спречува нашите судови, како што не ја спречува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ја препознаваат оваа дискриминација. Кога станува збор за дискриминација, нам не ни е важна причината зошто се случува нешто, а причината во овие случи е бременоста, без разлика дали договорот продолжил или не продолжил. Судовите тоа треба да го земат предвид и да утврдуваат дискриминација, односно треба да се зајакнат капацитетите на ДИТ и да се промени нивниот Закон за инспекција на труд и да се запознаат со меѓународните стандарди во областа.
Од друга страна, клучниот стандард на Меѓународната организација на труд е дека работник е оној којшто фактички работи, а не оној што има договор за вработување. Нашиот Закон не го отсликува тоа. Во нашиот правен систем си работник ако имаш договор за вработување, а не ако фактички работиш. Токму поради овој пропуст ние имаме многу луѓе кои работат, а чии работнички права не се заштитени. Таков е случајот со земјоделките, ако зборуваме за родова дискриминација, но има и многу други категории на работници коишто работат незаштитени. Истата ова ситуација ја имаме и во медиумите, каде што се работи на договори на дело, што фактички преставува работен однос. Доколку немаме законска рамка која работниот однос го цени врз основа на тоа дали фактички постои, а не на база на основата на којашто е заснован, ќе имаме дискриминација на жени и на други категории работници.
Работник: Што е со мобингот или психичкото вознемирување на жените? Стигнуваат ли до вас такви пријави?
Дрндаревска: Ние сме надлежни да постапуваме во случај на вознемирување и сексуално вознемирување, така што доколку тоа вознемирување или тој мобинг има карактеристики на сексуално вознемирување или е заснован на пол, род или родов идентитет итн., ние би можеле да постапуваме.
Работник: Имате досега примено претставки за сексуално вознемирување?
Дрндаревска: Немаме таков случај. Имаше една претставка во којашто беше спомнато кажувањето на сексистички вицови од страна на колеги, и тоа претставува сексуално вознемирување, меѓутоа не сме добиле ништо повеќе од тоа. Знаете, постои еден Закон за заштита од вознемирување на работното место, кој Закон е неприменлив во пракса, па Министерството за труд и социјална политика почна да го менува. Јас лично бев дел од таа работна група, меѓутоа исто како со Законот за работни односи, не заврши со предлог текст. Така што, и тука се гледа недостатокот од политичка волја сериозно да се реформира пазарот на труд во интерес на работниците.
Работник: Како тело кое се бави со заштита и спречување од дискриминација, дали можете да предлагате мерки за намалување на дискриминацијата?
Дрндаревска: Да, значи имаме широк мандат – даваме препораки, а имаме и општи препораки коишто можеме да ги дадеме. Можеме да коментираме закони и да бараме тие закони да бидат променети, меѓутоа она што го гледаме како проблем е спроведливоста на нашите препораки, односно кога станува збор за препораки насочени кон власта и креаторите на одлуки на кои им е оставено да ги спроведат. Доколку не се спроведат препораките по одреден предмет, тогаш Комисијата секако го следи спроведувањето и доколку заклучи дека не се спроведува, може да иницира постапка пред прекршочен суд, за да се казнат оние коишто пропуштиле да ја спроведат препораката. Меѓутоа, тука имаме проблем со нашиот Закон, а тоа е откако ние ќе ја иницираме постапката за пред прекршочен суд, тој повторно влегува во материјална расправа дали имало или немало дискриминација во случајот и доколку одлучи дека имало ќе го казни сторителот, односно не го донесува прекршокот само врз основа на тоа што ние веќе сме утврдиле дискриминација, а дискриминаторот не постапил. Ова значи дека овие постапки се крајно неефикасни, премногу се долги и сѐ уште немаме практика што тие ќе значат во пракса. Затоа беше најавено, што и ние побаравме – нашиот Закон за заштита од дискриминација да се промени, со цел овие постапки да бидат поефикасни и да бидат спроведливи, односно санкциите за дискриминаторите кои не ги спроведуваат препораките да дојдат многу побрзо.
Работник: На државата можете ли да и препорачате што да преземе?
Дрндаревска: Да, но не можеме да ѝ наложиме. Тоа е случајот што ви го спомнав за земјоделките. Ние ги препорачавме на државата, има случај којшто го работевме, порачавме да се промени Законот за здравствено осигурување и да се размислува за комплетна промена на законската рамка за да се акомодираат потребите на земјоделките. Имавме и општа препорака за една ситуација; има и предлог Закон влезено во Собрание, меѓутоа власта одбива да го поддржи тој предлог Закон.
Работник: Која е процедурата за пријавување на дискриминација во КСЗД?
Дрндаревска: Комисијата има формулар за претставка во којашто се даваат сите информации, кој може да се најде на веб страна на Комисијата (kszd.mk). Претставка може да се поднесе и усно на записник, односно лицето да дојде во просториите на Комисијата и заедно со стручната служба ќе ја состави претставката. Во неа треба да се наведат сите факти и докази со коишто лицето располага за да ние ја почнеме постапката. Доколку во случајот има дискриминација, го префрламе товарот на докажување – потенцијалниот дискриминатор треба да не убеди дека тоа не е дискриминација. Му ја враќаме претставката за произнесување и согласно неговиот одговор предлагаме дали да се утврди или да не се утврди дискриминација. Комисијата е колективно тело. Ние сме седум комесари коишто гласаме дали има или нема дискриминација. Доколку има, ќе препорачаме начин за истата да се отстрани.
Ги повикувам работничките почесто да ја користат Комисијата, особено за случаите на вознемирување и сексуално вознемирување во работните односи, бидејќи знаеме дека постојат вакви случаи, меѓутоа не стигнуваат до Комисијата од икс причини. Особено тука проблем се јавува во приватниот сектор во однос на правото на еднаква плата за еднаква работа, што не е соодветно уредено во нашиот Закон. Ова право не може да биде заштитено доколку немаме транспарентност на платите, што е дел од една посебна Директива на ЕУ. За да можат работничките да знаат дали се дискриминирани по однос на платата ние мораме да имаме транспарентност на платите во приватниот сектор.
Инаку, имаме и доста проблеми во однос на нашето функционирање. Ни фали финансиска независност – ние сме тело за еднаквост и треба да бидеме независни од јавната управа на секој можен начин, па и во однос на буџетот. Затоа и во однос на овој проблем бараме да се измени Законот за спречување и заштита од дискриминација. Освен постапувањето по претставки, ние имаме и други бројни надлежности за коишто немаме доволно буџет и немаме капацитети да ги реализираме. Имаме позитивни резултати, и тоа не радува, но и тука работите можат да бидат многу подобри доколку имаме услови да си ја вршиме работата.
Наслов: Токму поради овој пропуст имаме работнички кои работат, а нивните права не се заштитени| Интервју со Драгана Дрндаревска од КСЗД