МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Дабиќ: Бараме изготвување на нов предлог Закон за надворешни работи со вклученост на вработените

   Време за читање 4 минути

Бобан Илијевски

Денеска во Министерството за надворешни работи се одржа јавна расправа за предлог Законот за надворешни работи, за кој свој став дадоа и претставниците на вработените.

Македонскиот Дипломатски синдикат при САДУ ја поздравува јавната расправа за предлог Законот за надворешни работи, истакна првиот човек на Македонскиот дипломатски синдикат, амбасадор Зоран Дабиќ.

Дабиќ смета дека јавната расправа била нормирана, бидејќи бил даден рок од една година за да се изготви законот, а првиот нацрт Закон излегол дури после две ипол години од обврската. Според него, покрај доцнењето законот се креирал во затворен круг на вработени, по нетранспарентна постапка во којашто вработените не биле воопшто вклучени.

„Предлог законот го добивме за прв пат пред неколку дена и подготвивме голем број на коментари, односно повеќе од триесет“, рече Дабиќ.

Тој истакна дека предлог законот кој има 120 члена, по својот карактер е доминантно рестриктивен, пререгулиран и уредува едно силно централизирано, авториратно министерство, има многу слабости и е катастрофален по својата нестручност.

„Пред нас имаме еден предлог законски текст кој има тенденција да спречува, да дели и да казнува, односно да забавува навремено кариерно напредување на дипломатите преку поставени бескрајни рокови“.

Дабиќ наведе дека ниту Министерот Димитров, со овој закон не би го исполнил условот да стане амбасадор. Според него, начинот на кој законот го дели дипломатскиот пероснал од административниот, по професионални и етички основи, не е во ред. Ги дели и интересите на помладите и постарите дипломати, односно ги забавува со рокови кои се вон секоја памет.

Објасни дека тој и казнува поради тоа што акцентот е ставен на условите за изрекување на дисциплински мерки, бркање од работа и слично, а моќта е концентрирана пред се во рацете на Министерот и Колегиумот, која е без преседан и која досега не се видела во министерството.

„Не може еден таков негативистички пристап при изготвување на ваков важен и клучен документ за македонската дипломатија, да даде еден повед во дипломатијата за да имаме ефикасна дипломатија способна да одговори на модерните предизвици“, вели Дабиќ.

Тој сумираше дека нацрт законот е оптоварен со идеолошки недоследности, национални промашувања, прекумерна централизираност, дискриминација, чудни временски рокови на одредбите кои се направени по индивидуални интереси, а не системски. Рече дека во предлог законот има рокови од 18 години, 21 година, 6 години и 7 години, а во нашиот систем сите долгорочни рокови се планираат на 5, 10, 15 и 20 години. За предложените рокови, тој се сомнева дека се направени поради нечии интереси.

Потенцираше дека има неефикасно оценување, забавување на напредувањето, особена негрижа за вработените со средно училиште, на кои не им се регулираат многу работи во врска со нивното упатување во странство, здравственото осигурување, надомест во случај на смрт и слично.

Дабиќ нагласи дека тие како синдикат бараат инклузивен и транспарентен процес за изготвување на нов закон во кој ќе бидат вклучени вработените. Наведе дека од синдикатот оспоруваат една четвртина од законот и сметаат дека тоа се преголем број на несоодветни одредби за да законот како предлог може да остане.

На новинарско прашање за тоа дали предвидената обука со предлог законот, од три месеци за амбасадорите, е доволно време, Дабиќ рече дека терминот обука е несреќен, бидејќи три месеци не се обука. Според него, три месеци може да бидат запознавање со работата. Во тој контекст тоа е во ред и амбасадорот го поздравува тоа. Тој истакна дека странските дипломати се обучуваат и по една година за јазикот на земјата каде ќе бидат назначени. Смета дека за оние дипломати кои имаат големо искуство и се професионални, тогаш можеби не треба обука за запознавањето со спецификите на работата.

Со предлог законот амбасадорите се делат на кариерни и некариени, што според Дабиќ не е во ред, бидејќи, како што рече, таква одредба не може да се вметне во закон согласно Уставот на РМ.