АнкетиНовостиСветот на работникот

Дали газдите стануваат работодавачи или им треба уште учење? На речиси половина од работниците им бил исплатен К-15

   Време за читање 2 минути

На речиси половина од испитаниците работодавачите им ја исплатиле полната сума (14,000 денари) на регрес за годишен одмор во изминатата 2023 година, покажуваат податоците од анкетата која, преку интернет, ја спроведе порталот Работник. Сепак, голем е и процентот на испитаници кои одговориле дека им била исплатена помала сума од наведената (28,8 %) и на кои воопшто не им бил исплатен К-15 (21,1 %). Се намалил и бројот на газди кои ја исплаќаат сумата, па ги бараат парите назад, со оглед на тоа што истото им се случило само 0,9 % од испитаниците.

График 3 2023

Исплаќањето на помала сума од предвидената може да се должи и на тоа што работодавачот се соочил со финансиски тешкотии во текот на годината. Имено, со Колективниот договор за приватен сектор, потпишан помеѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија, се дозволува оние работодавачи кои имале некаков финансиски проблем да исплатат помала сума. Факт е дека некои од нив ја злоупотребуваат оваа одредба, па и покрај тоа што се доста профитабилни, на вработените не им го овозможуваат ова право.  

Во анкетата го поставивме и прашањето дали работодавачите им дале да потпишат некаква Спогодба во однос на исплатата на К-15, со оглед на тоа што претходно ова беше пракса. Сепак, резултатите од одговорите на испитаниците покажуваат дека се намалил бројот на таквите случаи. Имено, речиси сите испитаници кои одговориле на ова прашање, односно 91,4 % од нив, посочиле дека не им била дадена никаква Спогодба, додека само 8,6 % одговориле потврдно.

График 4 2023

Од минатогодишните искуства со спогодбите за К-15, најчесто на работниците истите им се давале со две намери – или да потпишат за да земат помала сума на К-15 или воопшто да не земат. Од испитаниците на кои им била дадена Спогодба, повеќе од половина (52 %) истакнале дека Спогодбата била за да не земат воопшто К-15, а 48 % одговориле дека таа се однесувала на исплата на помала сума од предвидената.

График 5

Последното прашање се однесуваше на тоа дали ја потпишале дадената Спогодба, на кое високи 86,3 % рекле дека не ја потпишале, додека 13,7 % го ставиле својот потпис.

График 6

Од Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ постојано апелираат дека работниците не треба да ги потпишуваат ваквите спогодби оти се противзаконски, а со тоа се и ништовни.

Анкетата беше спроведена на 474 испитаници во време траење од 8 дена.

Фото: Canva

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси