ДАЛИ „ДАНОКОТ“ ОД ИНФЛАЦИЈАТА ГО ПЛАЌААТ СИТЕ ПОДЕДНАКВО
Анализа на м-р Кристијан Кожески, докторанд по Економски науки
Порастот на трошоците за живот иако со поумерено темпо, го продолжува својот нагорен тренд, со што претставува закана за семејниот буџет, особено на семејствата коишто најголем дел од своите средства ги трошат за тековни, егзистенцијални потреби. Индексот на трошоците на живот во месец август 2023 година во однос на истиот период претходната година покажува дека, во просек, трошоците на живот пораснале за 8 индексни поени. Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци забележале зголемување од околу 11 индексни поени, додека пак трошоците поврзани со алкохолни пијалаци и тутунски производи пораснале за 8 индексни поени.
Сумарните статистики коишто даваат генерален приказ за состојбата со порастот на цените во Македонија ја „замаглуваат“ сликата за ефектот од порастот на цените врз стандардот и благосостојбата на одделните категории на домаќинства. За да се добие потврда на ваквиот став, не треба да се прави длабинска и експертска анализа на одделните статистички показатели. Доволно е да се посети најблискиот маркет или локалното зелено пазарче, за да се види каква структура на производи најмногу купуваат нашите граѓани. Сигурно нема на прв поглед да ви паднат авокадото, лососот, морските плодови или производите од органско потекло. Напротив, просечната македонска кошничка содржи производи од типот на разни видови тестенини, млеко и млечни производи, месо, сезонски зеленчук и овошје и секако леб и бели печива.
Доколку се погледнат просечните статистики за структурата на потрошувачката по одделни категории производи во 2017 година (последни достапни податоци), може да се забележи дека 37,8% од употребените средства на граѓаните се наменети за потрошувачка на храна и безалкохолни пијалаци, додека трошоците поврзани со станарина, вода, електрична енергија, гас и други горива зафаќаат околу 11.4% од вкупната потрошувачка. Облеката и обувките зафаќаат околу 5%, додека употребените средства за здравје изнесуваат околу 2,9%. Сепак, водејќи се од тезата дека „едните јадат месо, други јадат зелка – заедно јадат сарма“ се смета за оправдано да се погледне подетално во распределбата на средствата за потрошувачка кај лицата со различно ниво на доход. Водејќи се од изреката на Андреас Дункел „лесно е да се излаже со статистика, тешко е да се презентира вистината без статистика“, во продолжение ја прикажуваме структурата на потрошувачката по видови на добра и различни доходовни нивоа. На Графикон 1 е прикажана употребата на средствата за потрошувачка од страна на населението во 2017 година, поделено во децили. Оттука, податоците покажуваат дека помеѓу најсиромашните 10% од населението, средствата наменети за храна и пијалаци зафаќаат околу 77,3% од вкупната потрошувачка, што е за околу 40 проценти поени над националниот просек. Слична структура на потрошувачката за забележува и кај лицата кои влегуваат во вториот и третиот децил на дистрибуцијата на доходот. Имено, единствено учеството на потрошувачката за храна и безалкохолни пијалаци кај најбогатите 20% од населението е под националниот просек. Поконкретно, најбогатите 10% од населението трошат нешто помалку од 1/5 од нивниот буџет за храна и безалкохолни пијалаци.
Генерално, иако порастот на општото ниво на цени влијае за намалување на куповната моќ на населението, сепак високата инфлација може да има особено негативен ефект врз одделните категории на граѓани и домаќинства, особено на оние со ниски приходи. Зголемените трошоци за живот, особено за основните производи како што се храната, домувањето и здравствената заштита може значајно да ја влошат состојбата на посиромашните категории на граѓани. Доколку се направи едноставно прилагодување за степенот на инфлација со учеството на трошоците за храната и безалкохолните пијалаци по одделните доходовни категории ќе се добие индикативна претстава за влијанието на инфлацијата врз одделните категории на домаќинства. Ваквата проценка е направена со пондерирање на учеството на храната и безалкохолните пијалаци во вкупната потрошувачка, инкорпорирајќи го порастот на цените во рамките на оваа категорија. Податоците од Графикон 2 покажуваат дека порастот на цените на храната и безалкохолните пијалаци од 10% (август 2023/август 2022 година) придонесува за енормно зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци кај најсиромашните 10% од населението. Оваа категорија на граѓани троши високи 86% од вкупниот доход само за храна и безалкохолни пијалаци, односно има само 14% доход со којшто треба да се сервисираат другите основни потреби (електрична енергија, вода, здравствени услуги, образование, култура и т.н.) Лицата кои спаѓаат во вториот децил забележуваат зголемување од 84%, третиот децил 77%. Единствено најбогатите 20% забележуваат потпросечно учество на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци.
Владата со намера да ја заштити куповната моќ на граѓаните и да одржи одредено ниво на благосостојба ги замрзна цените на основните прехранбени производи земајќи ја како референтна цената од 1 август 2023 година, со што во трговијата на мало, овие цени се намалуваат за најмалку 10%. Доколку предвид се земе фактот дека веќе две години граѓаните се соочуваат со енормно зголемување на цените, ваквите мерки, иако ретко се користеле во практиката, имаат одредена доза на оправданост. Сепак, самиот факт што ваквите мерки не само што се косат со основните премиси за градење на либерална пазарна економија, и се применуваат во особено ретки и големи нарушувања, истите немаат директно влијание врз подобрувањето на продуктивноста на трудот. Со замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи, се лечи последицата, а не причината за високата инфлација. Причината, помеѓу останатото мора да се бара во зголемувањето на платите, во период кога просечниот македонски работник се соочува со изразено ниска продуктивност на трудот. Во трката помеѓу порастот на цените и платите, многу пати се покажало во практиката дека платите ја губат трката. Нема ниту еден логичен аргумент зошто тоа во овој случај би било поинаку?
Продуктивноста на трудот претставува фундаментална основа за воспоставување на интензивен економски раст и развој и подобрување на стандардот на граѓаните. Капацитетот на земјата да го подобри стандардот на живот на граѓаните во прв ред е детерминиран од нејзината способност да ја зголеми продуктивноста на трудот. Продуктивноста на трудот во земјите од Западен Балкан, значајно заостанува споредено со просечното ниво на продуктивност на трудот во ЕУ-27. Имено во 2022 година просечното ниво на продуктивност на трудот во ЕУ-27 изнесува 72,982 УСД, додека пак продуктивноста на трудот во Македонија изнесува 13,803 УСД, што значи дека просечниот македонски работник произведува за 5,3 пати помалку во споредба со просечниот работник во ЕУ-27. Во поглед на нивото на продуктивност на трудот единствено пониско ниво на продуктивност на трудот од Македонија се забележува во Албанија, којашто се карактеризира со продуктивност на трудот од 11,320 УСД. Споредено со Србија којашто постигнала продуктивност на трудот во 2020 година од 15,902 УСД и Босна и Херцеговина со продуктивност на трудот 16,739 УСД продуктивноста на трудот во Македонија забележува значајно заостанување.
На крај, настрана од сите останати административни и неекономски мерки за намалување или зауздување на инфлацијата како што се (замрзнување на цените, замрзнување на платите, ограничување на маржите и сл.) порастот на продуктивноста на трудот претставува своевиден пазарен механизам за спречување на високото ниво на инфлација, пред се произлезена од порастот на цените на основните прехранбени производи и номиналните плати. Толку.
Фото: м-р Кристијан Кожески
Анализата е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник