ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Дали државната помош за плати на работниците е добра и ќе ги задржи работни места

Дали државната помош за плати - Работник
178views

Со усвојувањето на Законот за финансиска поддршка на претпријатијата започнува и реализацијата на четвртиот сет економски мерки. Во овој сет мерки опфатени се и самостојните вршители на дејност, со што се предвидени субвенции или пoддршка на плати за октомври, ноември и декември годинава. Четвртиот сет мерки според власта е начин на кој ќе се заштитат десетици илјади работни места во земјава. А тоа значи овозможување голем број на работници да ги задржат своите работни места во овој кризен период. Според министерот за финансии Фатмир Бесими илјадници вработени преку овие мерки ќе си го задржат нивото на платата, а дополнително овој сет на мерки според Бесими е и финансиска инјекција од 70 милиони евра за стопанството. За стопанствениците мерките се добри, но ситуацијата во економијата е загрижувачка и не се исклучува можноста дел од фирмите во приватниот сектор кои се соочуваат со слаба финансиска кондиција и покрај државната помош да бидат приморани да го намалат бројот на вработени, а дел од нив и да пропаднат, 

Од Бизнис конфедерацијата на Македонија велат дека работодавачите имаат можност да ги ублажат последиците од негативните ефекти од кризата со помошта или од мерките од Владата. Во овој момент тоа според нив значи, задржување на вработените во препријатијата и намалување на трошоците за плати во погодените фирми, но  сепак тоа не значи здрава и одржлива економија туку моментум на опстојување.

„Што се однесува до останатите мерки, би можеле да констатираме дополнително дека имаат среднорочен и долгорочен ефект, особено оние кои системски ќе влијаат на повеќе поврзани економски и трудови Закони/практики. Не смее да се заборави на мерките кои директно поттикнаа инвестициони вложувања и на мерките поврзани со поттикнување на иновативноста, претриемништвото и вработувањата. Сепак како конфедерација на бизнисите сметаме дека економската состојба е загрижувачка особено поради слабото создавање/акумулирање на средства од економска активност и се почестото задолжување за сервисирање на социјалните и економските трансфери”, велат за Денар од Бизнис Конфедерацијата на Македонија.

Според Организацијата на работодавачи пак, четвртиот сет на мерки е базиран на база на третиот сет на мерки и се направени некои измени кои ја подобруват нивната правичност. Така, според нив наместо еден праг од 30% пад на приходите се предвидени повеќе прагови и оние фирми кои имаат поголем пад на приходите можат да добијат и поголема подршка од 14.500 денари. Исто така работодавачите сметаат дека периодот на споредба сега е по реален – наместо да се споредува само месецот за кој се бара подршка, се споредува периодот април – октомври, април – ноември или април-декември со истиот период од минатата година и на тој начин споредбата е по реална. За стопанствениците останува отворено прашањето, колкав процент од фирмите ќе можат да ги исполнат условите и колкав процент од предвидените средства ќе бидат искористени. Дилемата е затоа што некои компании во претходните месеци, соочени со големата неликвидност се одлучија да отпуштат дел од работниците и тие не можат да добијат помош.

„Дали финансиската помош ќе ги спаси вработените од отпуштање, зависи од фирма до фирма. Фирмите кои имаат големи проблеми и голем пад на приходите, а платите не им се главен трошок во работењето, ќе се одлучат за отпуштање на вработените или затварање на компанијата или едноставно ќе престанат со вршење на дејноста. Оние компании кои ќе добијат помош и имаат поголем број на вработени сигурно ќе се одлучат да ги задржат вработените затоа што помошта ќе биде значителна и нема така лесно да се откажат од истата. Во текот на усогласувањето на ставовите за четвртиот сет мерки, синдикатите доста реагираа на тоа, дали некои работодавачи ќе ја искористат помошта и пак нема да ги исплатат платите или ќе исплатат пониски плати. Законот предвидува заштита од вакви злоупотреби, најпрвин помошта не може да биде поголема од исплатената плата и второ работодавачот кој нема да исплати плата, а земал помош, покрај паричната глоба ќе добие и кривична пријава. Сметаме дека оваа заштита ќе биде доволна да спречи евентуални злоупотреби. Сепак треба да ни биде јасно дека во зависност од дејноста и видот и тежината на проблемите и покрај помошта е можно пропагање на одредени компании, особено оние кои и пред корона кризата имале проблеми со ликвидноста“, велат за Денар од Организацијата на работодавачи.

Инаки, мерките од четвртиот сет кои се овозможени од ребалансот на буџетот  предвидуваат мерки за директна финансиска помош на фирмите, мерки за финансиска помош на граѓаните, даночни олеснувања и мерки во насока на системски решенија. Од министерството за финансии велат дека со овие средства ќе се даде поддршка на приватниот сектор и на граѓаните за време на вториот ковид бран, а ќе влијае и врз заздравувањето на стопанството.

„Во рамки на даночните олеснувања е и мерката за одложено плаќање на аконтациите за данок на добивка и данок на личен доход за самостојните вршители на дејност. Измените на овие закони се веќе поминати во Влада и се влезени во собраниска процедура и се очекува во текот на овој месец да се донесат. Со овие закони се регулирани и други мерки, како: зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка, ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација, признавање на трошокот за дополнително приватно здравствено осигурување на вработените за целите на данокот на добивка и неоданочување со данокот на личен доход, признавање на расходите за тестирање од КОВИД 19 како признаен расход и зголемување на периодот за покривање на загуби на товар на идни добивки. Преполовена е и казнената камата за јавни давачки до март  2021 година“, вели Фатмир Бесими министер за финансии.

Синдикатот генерално е задоволен од мерките. Покрај редовна плата и спас на работните места, за синдикалците во оваа здравствено-економска мерка на прво место им е здравјето на работниците.