Дали заврши ерата на флексибилна работа на далечина?

Оние кои се навикнати на флексибилна работа наскоро би можеле да се разбудат во поинакво опкружување. Количината на огласи за работа на далечина објавени на LinkedIn опаѓа, покажуваат новите податоци на оваа платформа. Во САД, на пример, уделот на огласи за работа на далечина опаднал за 5 процентни поени од април, кога го достигнале врвот од 20 % на огласи.

Иако тоа е повеќе од просекот од 2 % пред пандемијата, претставува остра спротивставеност на она што го сакаат работниците, рекол Џош Гаф, директор за регионите ЕМЕА и ЛАТАМ во LinkedIn.

„Професионалците сега високо ја ценат флексибилноста на работното место – таа постојано се наведува меѓу најважните приоритети на вработените после платите, заедно со развојот на вештините и балансот помеѓу работниот и приватниот живот“, рекол Гаф.

И покрај падот на работните места на далечина во САД, таквите огласи и понатаму се однесуваат на повеќе од половина од вкупните апликации од септември, покажуваат податоците на LinkedIn.

Истражувањето покажува дека земјите ширум светот следат слична шема – во Обединетото Кралство, работните места на далечина сочинуваат 14,6 % од понудите, но добиваат 20,2 % вкупни пријави, а во Индија на 11,3 достапни работни места на далечина се испраќаат 20,3 % од биографиите.

Според анкетата која ја објавил LinkedIn заедно со податоците за можностите за вработување на далечина, промената е поврзана со моменталната економска ситуација.

Шеесет и осум проценти од анкетираните шефови рекле дека се загрижени дека актуелната неизвесност околу економската стабилност и најавената рецесија ќе ги натераат нивните фирми да поништат барем дел од напредокот на флексибилните работни места кој е постигнат во текот на пандемијата со Ковид – 19.

„Ширум светот гледаме бавно вработување и замрзнување на вработувањата од страна на фирмите поради економската неизвесност, а шефовите се под голем притисок да управуваат со трошоците и да ја зголемат продуктивноста“, објаснил Граф.

„Онаму каде што пандемијата довела до напредување кон пофлексибилна работа и иницијативи за поддршка на вработените, рамнотежата на силата сега се враќа кон работодавачите“, рекол тој.

Флексибилната работа не е единствен бенефит на вработените погодени од моменталните економски случувања, покажало истражувањето. Дури 74 % од менаџерите рекле дека развојот на вештините можеби ќе мора да биде во втор план, додека 75 % рекле дека на благосостојбата на вработените најверојатно ќе ѝ се даде помал приоритет.

YouGov во име на LinkedIn анкетирал блиску 3,000 шефови на највисоките нивоа во компаниите со најмалку 1,000 вработени и минимален промет од 288,3 милиони долари за да дојде до овие податоци.

Извор: SEEbiz/CNBC