МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Дали на новинарите и медиумските работници им следува бенефициран стаж?

Заобиколени од сите страни - Работник
478views

Новинарите и медиумските работници во ек на пандемијата на коронавирусот се меѓу првите кои се вклучени во борбата против пандемијата. Додека здравствените работници ги лекуваат и се грижат за заболените пациенти, полицијата и армијата се грижат за безбедноста на граѓаните, новинарите и медиумските работници секојдневно ги пренесуваат информациите кои се од витално значење за јавноста, експонирајќи се себеси и своето здравје за да служат на интересите на истата.

Поради ситуацијата со коронавирусот и ризиците со кои теренските и истражувачките новинарите и медиумските работници се соочуваат на дневна база, порталот Работник го отвори прашањето дали на овие работници би требало да им следува бенефициран стаж.

Фото: Pixbay

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ истакнаа дека во неколку наврати има интерно дискутирано по ова прашање, со новинари и медиумски работници, како и со соодветните државни институции, како што е Министерството за труд и социјална политика.

„До сега ова прашање е стигнато само до иницијатива и разгледување на можностите за ваква привилегија за новинарите. Бидејќи новинарите и медиумските работници вршат работа од јавен интерес не се непознати примерите во некои европски земји каде медиумските професионалци се изедначени со учителите на пример и имаат одредени бенефиции во смисла на стаж и слично“, велат од ССНМ.

Од синдикатот наведуваат дека сегашната правна рамка не овозможува медиумските професионалци, согласно медицинските услови кои ги има во законот за бенефициран стаж, да влезат во категорија работници, односно не сите во една група.

Велат дека за оваа привилегија да се добие потребна е и измена на законската регулатива, но посочија дека не би можело бенефицираниот стаж да се однесува на сите исто, бидејќи на пример новинарите репортери и медиумскиите работници во режија не се изложени на ист ризик.

Наведоа дека има различни нивоа на степенување на тежината на работата и влијанието врз здравјето. Бенефицираниот стаж или одредени поволности и бенефиции за медиумските работници не би требало да се остварат ад хок поради постојната криза туку тоа треба да биде осмислено, долготрајно решение.

Фото: Академик.мк

Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ посочи дека имаат спроведено формално барање за да се разгледа можноста за новинарите да имаат бенефициран стаж, но како што велат, надлежните органи појасниле дека тоа не е возможно од неколку причини, а и нема пракса која е позната по однос на оваа тема во земјите членки на Европската унија

„Тоа што ЗНМ се залага во однос на оваа тема а во соработка со ССНМ, е да се унапредат постоечките работнички права на новинарите и медиумските работници во согласност со Законот за работните односи. Во оваа насока, Владата потребно е да работи на креирање на амбиент каде во секој медиум ќе има колективни договори преку кои ќе се штитат дополнително правата на новинарите“, истакнаа од ЗНМ.
Фото: Маркетинг 365.мк
Поранешниот новинар, Тодор Стојчевски за порталот Работник вели дека како дипломиран новинар со долгогодишно новинарско искуство, дефинитивно, се залага и ќе се залага сите новинари да добијат бенефициран стаж. Не само заради кризата со корона вирусот, туку воопшто како стресна професија, која бара дваесетичетиричасовен ангажман, ангажираност, постојана посветеност на работата и „борба“ за заштита на јавниот интерес.

Вели дека тие секогаш се на „првата“ линија на сите збиднувања и случувања. Не само што креираат информации и јавно мислење, туку и пренесуваат се што се случува кај другите групи во општеството. Тие се и канал за комуникација меѓу групите и јавноста и создавачи на информации.

„Да биде иронијата поголема, наместо бенефициран стаж, многу новинари воопшто немаат регулиран стаж, односно работат без да им бидат платени придонеси. Јас сум личен пример, затоа што работам од 2000-година во новинарството, а досега имам околу 11 години работен стаж. Токму заради ова, да, мојот одговор е позитивен и неопходно е да се одреди бенефициран стаж за новинарите“, вели Стојчевски.

За тоа дека новинарите и медиумски работници, согласно законските прописи не се опфатени во категоријата на работници на кои им следува бенефициран стаж, посочија и од Министерството за труд и социјална политика.
Од таму се повикаа на Правилникот за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење (бенефициран стаж) и Законот за пензиско и инвалидско осигурување.Според, член 108 од Законот за пензиско и инвалдиско осигурување бенефициран стаж им следува на осигурениците кои работат на особено тешки и по здравјето штетни работни места и на кои по наполнувањето на определени години на живот не можат со успех да ја вршат својата професионална дејност.
Според член 109 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, едно работно место за да биде утврдено како работно место на кое стажот на осигурување се смета со зголемено траење, затоа што работата е особено тешка и штетна по здравјето, треба да ги исполнува следните услови:
1) во врска со извршувањето на работите на работното место да постојат позначителни штетни влијанија врз здравствената состојба и врз работната способност на работниците, и покрај тоа што се применети сите општи и посебни заштитни мерки утврдени со прописите, како и другите мерки што можат да влијаат врз отстранувањето и намалувањето на штетните влијанија;
2) работите на работното место под тешки и по здравјето штетни услови да се извршува непосредно покрај изворите на штетните влијанија во непрекинатиот тек на работата, и
3) работите на работното место под околностите од точките 1 и 2 на овој став да ги извршува ист работник во текот на полно работно време, земајки го како полно работно време и работното време пократко од 40 часа неделно, определено за одделни работни места поради посебните услови за работа.
– Едно работно место да биде утврдено како работно место на кое стажот на осигурување се смета со зголемено траење, затоа што векот на вршење на професионалната дејност е ограничен со наполнување на определени години возраст, може да се утврди во оние занимања во кои поради природата и тежината на работата, физиолошките функции на организмот опаѓаат во толкава мера што на работникот му го оневозможуваат натамошното успешно вршење на истата професионална дејност.
Преку бенефицираниот работен стаж за секоја година стаж на осигурување се засметува зголемување за 2, 3, 4, 5 и 6 месеци, односно 12 месеци се засметуваат како 14 месеци, 15, месеци, 16, месеци, 17 месеци и 18 месеци, во зависност од степенот на зголемувањето на стажот за поединечно работно место или професија.
Постапката за утврдување на едно работно место како работно место на кое стажот на осигурување се смета со зголемено траење се иницира од страна на работодавачот, кој треба да приложи претходно прибавено мислење од соодветни стручни организации (елаборат), изработен во согласност со Методологијата за утврдување на нормативи за изработка на елаборат за утврдување на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење („Службен весник на РМ” бр. 80/2018).
Работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење ги утврдува Комисија за ревизија на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење.
Комисијата ја формира министерот за труд и социјална политика во состав од три члена, од кои два члена стручни и компетентни лица од областа на безбедноста и здравје при работа и еден член од областа на пензиското и инвалидското осигурување, наведоа од МТСП.
Бобан Илијевски