- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Дали Недела како неработен ден беше популистички потег на Владата?

Дали Недела како неработен ден - Работник
303views

По сите изгледи, за најголемиот дел од работниците недела нема да биде ден за одмор, како и што беше првобитното ветување на Владата. Ставот на Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска падна пред оној на Министерот за економија Крешник Бектеши. Таа велеше дека во Недела треба да работат само неколку сектори коишто се од есенцијална важност за функционирање на државата. 

Министерот Бектеши го подржа предлогот на бизнис заедницата, па по стапувањето на сила на законското решение за недела како неработен ден од 1 јануари 2021 година, трговските центри со сите продавници, угостителските објекти и туристичките локалитети ќе продолжат да работат во недела. Деталите околу тоа како ќе се одвива работењето на овие сектори за време на овој ден, ќе бидат утврдени преку подзаконски акти.

Бектеши истакна дека Министерството за економија ги презентирало предлозите за измените на Законот за трговија, нагласувајќи дека тие се прифатливи за стопанските комори, а се договориле и реализацијата да започне следната година. 

Синдикатите не го прифатија пролонгирањето на примената на законското решение од 1 јануари 2022 година. Од ССМ велат дека не биле повикани на последниот состанок кога се одлучувало да се пролонгира законот. 

„Очекуваме преговорите за допрецизирање на одредбите, во насока на уредување на правото за недела да биде неработен ден за сите вработени да продолжат и истите да завршат во најкус можен рок, имајќи предвид тоа дека донесувањето на Законот веќе еднаш е одложено и тоа за примената од јуни 2021 година, а во последниот текст за септември 2021 година и тоа без претходна согласност со социјалните партнери“, истакнаа од ССМ.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија во една прилика рекоа дека кога ќе започне пазарењето за тоа кој треба, а кој не треба да работи во недела, како што предлага владата, се доаѓа во ситуација да се манипулираат работниците кои во овој случај се крајно изиграни. Од КСС предложија сите што ќе работат во недела да добијат дополнителни дневници, посочувајќи дека очигледно намерата да се стави ваков предлог на маса била друга. 

„Ги повикуваме работниците сами да проценат кои се намерите и дали навистина сега недела ќе биде неработен ден. КСС нема да молчи за ваквите манипулации и јавно изразува револт за нарушените работнички права што е спротивно на тоа што се зборуваше“, истакнаа тогаш од КСС. 

Најавите на СДСМ дека во недела нема да работат околу 450,000 работници, а околу 180,000 ќе работат, паднаа во вода по ставот на Бектеши за тоа дека туристичко – угостителскиот сектор и трговските центри треба да работат во недела, бидејќи значително ќе се намали бројот на работници коишто ќе одмараат за време на овој ден.

Работодавачите пак се децидни дека доколку се примени законското решние за недела како неработен ден, тогаш тие ќе бидат принудени да им ги намалуваат платите на вработените, но и да ги отпуштаат. 

Инаку, прво беше најавено дека 34 дејности ќе работат во недела, а потоа тој број се зголеми на 36 дејности.

Бобан Илијевски