- Advertisement -
ЕкономијаМакедонија

Дали постојат реални шанси да се намали невработеноста на едноцифрен број?

Дали постојат реални шанси - Работник
470views

Владата уште првиот ден од започнувањето на нејзината работа најави дека ќе има четврт пакет на мерки кои ќе му помогнат на бизнис секторот, а со тоа и на работниците, но сеуште е нејасно што ќе содржи ово пакет на мерки. Останува и да се види дали оние компании кои ја злоупотребија државната помош за исплата на минимална плата, дали ќе одговараат пред законот за тоа.

Од друга страна, невработеноста се зголемува, особено во најпогодените сектори, како угостителството и туризмот. Владата вети и дека бројот на невработени ќе се намали на едноцифрен број до крајот на четиригодишниот мандат. Сепак, дали постои ваква можност? 

Околу овие прашања, Порталот Работник побара став од економскиот аналитичар, Александар Талимџиоски кој во однос на тоа што треба да содржи четвртиот пакет на мерки за да помогне на бизнис секторот, а со тоа и на работниците, тој вели дека треба да содржи мерки кои слично како претходните три пакети ќе бидат дизајнирани за да допрат директно до граѓаните, секако оние кои се најпогодени од оваа криза, но истовремено такавата поддршка да биде и поддршка и поттик за домашната економија.

Александар Талимџиоски – Економски аналитичар Фото: Капитал.мк

Оттука очекува една од мерките да биде доделувањето на дебитни картички со одредени суми средства кои ќе бидат наменети за купување на производи исклучиво од домашни производители.

„Од друга страна сосема очекувано е да се продолжи уште одреден краток период, повторно да се субвенционираат минималните плати за работодавците чии бизниси се уште трпат големи штети од КОВИД-19 кризата, посебно оние кои работат во туристичкиот и угостителскиот сектор каде се очекува кризата да се чувствува уште релативно долго време (најмалку до идното лето) заради затвореноста на границите и немањето можност истите да профункционираат во нормални рамки во блиска иднина. Тука морам да потенцирам дека субјектите кои функционираат во овие сектори мораат овој период да го искористат за комплетно ресетирање, целосно прекројување на нивните краткорочни и долгорочни бизнис планови, и наместо целата енергија да ја трошат во вршење притисок кон властите и молат за помош, да се обидат да направат порадикална промена во начинот на размислување и да бараат алтернативни солуции како да ја преживеат кризата, и според мене најбитно како да го дочекаат пост КОВИД-19 периодот максимално спремни за новата нормалност“, вели Талимџиоски. 

Во однос на тоа што треба надлежените институции да направат за да не дојде до повторно злопупотребување на државната помош од страна на компаниите, Талимџиоски вели дека можеби гледајќи од страна изгледа дека правните субјекти кои направиле злоупотреби на државната помош за исплата на минимални плати на нивните вработени ќе поминат „со лесно“, односно перцепцијата која се создава со разните реакции (медиуми и опозиција) создава едно чувство кое е на големо одомаќинето кај нас, а тоа е дека „никој не се казнува“, мислам дека во овој случај тоа воопшто нема да биде случај.

Вели дека прво затоа што мерките од претходните пакети за поддршка на минималната плата биле точно и јасно дефинирани, со многу јасни критериуми и исто така многу прецизно и методолошки и законски издржано дефинирани казни во случај на било каква злоупотреба.

„Дополнително потврда на претходно кажаното е и јавното објавување на имињата на компаниите кои користеле државна помош, но уште побитно и имињата на оние кои истата ја злоупотребиле, и кои очекувам во законски дефинирана процедура да бидат санкционирани и казнети заради непостапувањето според правилата во уредбата за доделување на државна помош“, вели Талимџиоски. 

Истакна дека во дефинирањето на новиот пакет мерки, како и кај претходните три, владата ќе мора да дефинира строги и јасни мерки при евентуална злоупотреба на мерките, која никогаш не смее да биде изземена од предвид.

Посочи дека ние како држава се уште сме далеку од земјите кои имаат подолга традиција во градење на пазарно ориентирано општество, па така воопшто не треба да не чуди тоа што еден дел од компаниите кои функционираат кај нас се дрзнале да прават злоупотреби со доделените средства за минимални плати кои пак се наменети за работниците од најранливата категорија граѓани.

Констатира дека граѓаните кои припаѓаат на овој општествен стратум, кои и покрај тоа што се дел од категоријата редовно вработени, најчесто живеат во сиромаштија немајќи доволно средства да ги покријат основните животни потреби во текот на месецот, и смета дека тука власта има шанса да помогне со дефинирањето на четвртиот пакет, односно да ги помогне оние категории граѓани кои на ниво на домаќинство имаат пониски месечни примања од сумата која е неопходно едно домаќинство да ги задоволи своите основни животни потреби.

Прашања за тоа какви се неговите предвидувања за губењето на работни места во следниот период, Талимџиоски вели како и во земјите од целиот свет така и кај нас падот на вработеноста во текот на вториот квартал од 2020 беше голем и до сега незабележан еден подолг период.

„Тука сакам да нагласам дека долгогодишната традиција кај нас движењата на пазарот на труд да се следат само низ призмата на невработеноста, јас сакам движењата на пазарот на труд многу повеќе да ги анализирам низ бројките кои ја одразуваат вработеноста, која пак е битен индикатор затоа што оттука добиваме информација колкава е вкупната бројка на лицата кои придонесуваат во пензискиот и здравствениот фонд на државата, но исто така и со исплата на другите директни даноци кои произлегуваат од работниот однос“, вели Талимџиоски. 

Посочи дека Во изминатите две години нашата економија имала многу добри перформанси во овој сегмент, па така вкупниот број вработени само во 2019 година е зголемен за 35,556 лица, или просечно по 8,889 на квартална основа што е резултат кој не е регистриран никогаш во историјата на државата

Очекува падот на вкупниот број вработени, кој во вториот квартал од 2020 предизвикан од кризата со КОВИД-19, не донесе повторно до вкупен број вработени под 800,000, во третиот квартал да се неутрализира, и вкупната бројка на вработени да се одржи на 800,000 на крајот на третиот квартал од 2020 со можност истата да продолжи да се искачува во интервалот од 5,000-7,000 вработени веќе од крајот на четвртиот квартал оваа година, секако најмногу благодарение на мерките за поддршка на инвестициите кои се спроведуваат во овој период, а кои се дел од третиот пакет антикризни мерки.

„Не би ја прескокнал ни невработеноста како релевантен индикатор. Таа се зголеми за 0,5 процентни поени во вториот квартал од 2020 и очекувањата се дека истата ќе се задржи во интервалот од 16-17% до крајот на третиот квартал од 2020, со позитивни очекувања за нејзино намалување во последниот квартал од 2020“, вели Талимџиоски. 

Подолгорочните очекувања, односно периодот во пост корона кризата, според Талимџиоски,  се очекува невработеноста да продолжи да се намалува со стапки од 0,3 до 0,5 процентни поени на квартално ниво, и сосема реално е да се очекува крајот на овој мандат на новоизбраната влада да го дочекаме со едноцифрена стапка на невработеност.

Бобан Илијевски