Правда

Дали работниците го пријавуваат мобингот?

427views

Во 2013 година за прв пат во Македонија се донесе закон за Заштита на работникот на работното место. На овој закон му требаа три години за да профункционира во законодавниот систем. Имено, во 2016 година, за прв пат Судот одлучи во корист на тужителот, вработен во јавниот сектор во Македонија. Тој бил изолиран, не му бил даван годишен одмор, ниту пак му биле давани работни задачи од страна на работодавачот. Овој вид на мобинг е психичко вознемирување, кое сеуште го демнее македонскиот работник. Мобингот, во јавниот сектор, најчесто се врши поради партиска припадност на работниците.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија велат дека мобингот во јавниот сектор е застапен, а вработните што се жртви на мобинг не се осмелуваат да пријават, поради притисокот, кој им го врши работодавачот. Обврска на синдикатите е да не дозволат нивните членови да бидат таргет на мобинг, но и самите синдикати се соочуват со притисоци, кои не им дозволуват ефективно да работат и да ги заштитат нивните членови од мобинг. Тие додаваат дека во приватниот сектор, бројот на жртви на мобинг е поголем од јавниот сектор. Во приватниот сектор може да се случи мобингот да не се утврди, поради недоволни докази, кои вршителот може лесно да ги сокрие.

Многумина од работниците се обиделе да го пријават мобингот во Инспекторатот за Труд, но откако биле упатувани да покренат судска постапка, но тие стопирале со процесот поради немање доволно финансиски средства. Многумина се обиделе мобингот да го решат и преку претходна постапка, каде што вработениот, којшто е жртва на мобингот писмено го известува вршителот на мобингот дека таквото однесување е несоодветно, неприфатливо и неетичко. Писменото барање, работникот треба лично да го достави до работодавачот, но тоа може да го направи и претставник од синдикатот, кој го застапува работникот. Писменото барање треба да содржи неколку клучни елементи, меѓу кои, по која основа е направен мобингот? Треба да има податоци за вработениот, кој е жртва на мобигнот и податоци на вршителот на мобингот. Писменото барање се поднесува шест месеци од последното вршење на мобигнот врз вработениот, во спротивно правото на заштита застарува. За да започне претходната постапка, потребно е да се избере посредник, кој ќе биде независен и непристрасен. Тој треба да разговара со жртвата на мобингот и со вршителот на мобингот. Доколку не се дојде до компромис на претходната постапка, тогаш постапката треба да ја преземе Судот.

Од Конфедерацијата, додаваат дека за да биде ефективна претходната постпка, потребно е работодавачот да биде совесен и да пристапи до барањето на работникот, со интерес и да помогне во решавањето на постапката во корист на работникот. За тоа дали имале жалби на мобниг од нивните членови, од Конфедерацијата велат дека имале неколку, но усмени. Според нив за да се докаже мобингот, потребно е за него да се води дневник, најмалку шест месеци. Тие се отворени да помогнат на своите членови по ова прашање во секое време, но голем дел од рабониците не започнуваат постапка и молчат, поради притисоците и заканите дека ќе ги изгубат своите работни места. За крај, тие порачуваат сите работнции, што се изложени на мобинг, да пристапат до нив, за да можат да им помогнат со водење на постапката и со тоа да им помогнат да најдат решение за постапката, кое ќе биде во нивна корист.