ЕкономијаСвет

ДВ: Германија ќе се спасува од рецесија со субвенции?

Германија ќе се спасува од рецесија со субвенции? - Работник
47views

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц размислува за стимулативен пакет за економијата, доколку земјата западне во целосна рецесија. Тоа ќе биде напуштање на политиката на балансиран годишен буџет.

Доколку помине планот на Шолц, тоа ќе биде радикална промена на филозофијата од последната деценија кога претходникот на Шолц, Волфганг Шојбле инсистираше на политика без нови задолжувања. Балансираната буџетска политика стана составен дел и од германскиот речник со усвојувањето на терминот „црна нула“, која го симболизираше инсистирањето на Шојбле на чисти сметки.
Досега, и Шолц размислуваше така. Но со порастот на глобалните економски ризици, во владата се свесни дека досегашниот курс веројатно не е идеалниот.

Каква е состојбата?

Дебатата за фискалниот стимул се отвори по објавувањето на економските податоци од страна на Сојузната служба за статистика (Дестатис) минатата недела. Бројките покажуваат дека германската економија се намалила за 0,1% во периодот април-јуни годинава, а индикаторите за следниот квартал исто така не се розови.
Негативниот раст во два последователни квартали ќе ја одведе Германија во техничка рецесија,согласно дефиницијата на експертите. Во својот последен извештај, германската Централна банка, додаде масло на огнот со проценката дека не гледа знаци на летно опоравување. Банката оценува дека намалениот извоз е главната слабост, но додава дека зголемената домашна потрошувачка и градежништвото спречуваат сликата да изгледа уште полошо. Според Централната банка, останува да се види дали извозот ќе се опорави, или во спротивно ќе ги повлече со него надолу и вработеноста и домашната потрошувачка.
Особено проблематична е автомобилската индустрија која вработува околу 800 илјади луѓе во земјата. Според главниот економист на Дојче Банк, Штефан Шнајдер глобалната побарувачка за возила нема да порасне пред последниот квартал годинава.

Втор проблематичен сектор е хемиската индустрија. Производството на хемикалии во Германија годинава ќе падне за 2,5% и дополнителен 1% следната година.
„Со оглед на критичната состојба во глобалната економија, доколку се отвори уште некој ризик, тоа може лесно да ја втурне Германија во целосно поинакво сценарио во кое, ревизиите на бројките на раст нема да се сведат само на промили“, предупредува Шнајдер.

Од помош ли се субвенциите?

Економистите велат дека тоа ќе зависи од планот на владата за што ќе ги троши парите и, секако, од неговата големина.
Засега не се познати многу детали за планот на министерот за финансии. Според медиумските извештаи, Шолц сака да инвестира околу 50 милијарди евра во економијата- што ќе биде речиси еднакво на стимулативниот пакет кој државата го вшприца во економијата за време на глобалната финансиска криза пред една деценија.
Наводно, Шолц планира да ги потроши дополнителните средства на зголемување на домашната потрошувачка и на заштита на работните места, особено преку зголемување на платите на оние кои работат привремено. Тој пристап веќе еднаш функционираше, овозможувајќи им на компаниите да ги задржат вработените и да не мораат да бараат нови работници откако економијата се опорави.
Засега не се споменува она што економистите го бараат со години- драстично зголемување на инвестициите во националната физичка и дигитална инфраструктура, кои исто можат да помогнат во отворањето работни места.
Сепак, на Шолц не му се брза. Тој најавува дека стимулативниот пакет ќе стапи во сила дури откако земјата и формално ќе влезе во фазата на техничка рецесија. А пред да ги распредели парите, Бундестагот ќе мора да се согласи дека е време на криза и да го отвори патот за екстра трошење.

Извор: Дојче Веле