ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Димитров: Голем број на компании нема да можат да дојдат до финансиската помош

Димитров: Голем број на компании - Работник
122views

Пандемијата предизвикана од Ковид – 19 го здрма пазарот на трудот. Над 40 илјади граѓани останаа без работа и се повеќе е неизвесна бројката колку работници ќе останат без работа доколку Ковид кризата потрае подолго.

Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на Работодавачи на Македонија за порталот Работник вели дека и покрај големите проблеми што ги носи вирусот Ковид – 19, пазарот на трудот нема да претрпи големи турболенции. 

„Ова го темелам на фактот што во Македонија проблемот да се најдат добри работници во преработувачката индустрија и понтаму е присутен. Од друга страна поддршката на Владата за исплата на плати е условена со задржување на бројот на вработени и ова сигурно ќе придонесе бројот на работници кои ќе останат без работа да не биде голем“, вели Димитров. 

Тој сепак предупредува дека ова не значи дека ќе нема стечај или ликвидација на компании. Според него, тоа зависи од сектор до сектор, нагласувајќи дека компаниите кои имале проблеми со работењето и пред пандемијата и финансиската состојба им била лоша, нема да пропаднат т.е. нема да отидат во стечај и ликвидација. Изрази надеж дека дел од работниците кои ќе ги изгубат работните места дека ќе најдат вработување во други компании.

Димитров во еден наварт за медиумите рече дека мерките на Владата имаат бирократски процедури кои им отежнуваат на погодените компании да аплицираат за економските мерки. Порталот Работник го замоли да ја објасни неговата изјава. 

Димитров посочи дека финансиската помош понекогаш е условена со голем број барања и ограничувања и затоа се случува и во минатото да се предвидат повисоки средства за исплата на помош, а да се исплатат многу помалку.

„Државните службеници понекогаш како да им завидуваат на компаниите ако земат помош. Помошта е добредојдена за сите компании кои имаат проблеми во обезбедување на капацитетите, големи прекини на работењето и оние кои мораат да затворат поради препораки на Владата“, вели Димитров.

Истакна дека неговиот став е дека Владата обезбедува значителна финансиска помош за компаниите кои ќе се квалификуваат за добивање на помош, но голем број на компании нема да можат да дојдат до помошта.

Порачува дека по реализацијата на четвртиот сет на мерки Владата треба да направи анализа дали се остварени очекувањата, колкав процент од планираната помош е реализирана и колку работни места се зачувани. 

Имено, Владата со четвртиот сет на мерки обезбеди 470 милиони евра за помош на стопанството и граѓаните. Се чека да се донесе Ребалансот на буџетот за да истиот започне да се имплементира.

Бобан Илијевски