ЕкономијаМакедонија

Димитров: Превиското ниво на минималната плата може негативно да се одрази на можностите за отворање на нови работни места

Превиското ниво на минималната плата - Работник
295views

Мислам дека изјавата на Министерот Манчевски е несреќно срочена, веројатно не мислел на „слабите“ туку на „недоволно ангажираните“ и „недоволно искористените“ административци. Се разбира дека таму има работници кои од нај различни причини не успеале да ги развијат и да ги покажат своите способности. Сигурно дел од нив би успеале да најдат вработување во приватниот сектор кое ќе ги направи по среќни и по искористени, вели Претседателот на Организацијата на Работодавачи – ОРМ, Ангел Димитров за Порталот Работник, на прашањето кој е неговиот став во врска со неодамнешната изјава на Министерот за Информатичко Општество и Администрација, Дамјан Манчевски.

Во врска со минималната плата, односно какви се условите за зголемување на минималната и колку таа би можела да се зголеми, Димитров вели дека Владата уште на стартот од мандатот извршила забележително зголемување на минималната плата.

„Оваа влада  уште на старт од мандатот изврши забележително зголемување на минималната плата кое кај трудоинтензивните дејности изнесува 30% од таа што беше до 2017 година“, вели Димитров.

Тој наведе дека превисокото ниво на минималната плата може да предизвика негативно влијание на бројот на вработените и на можностите за отворање на нови работни места.

„Затоа во Европската Унија минималните плати се движат од 35 до 60% од просечната плата. Кај нас евентуалното зголемување на 14.000 денари би надминало 55% од просечната, што зборува дека, секое поголемо зголемување ќе биде пречка за бизнисот“, рече Димитров.

Според него, поради тоа Организацијата на работодавачи се залага за постепено зголемување на минималната плата, нај првин на 14.000 денари, по една година на 15.000 и дури во 2021 да го достигне нивото од 16.000 денари. На овој начин би се оставило време на компаниите да го реорганизираат своето работење и да можат на по долг период да ги планираат своите активности.

За разлика од синдикатите кои сметаат дека предлог законот за субвенционирање на придонеси е дискриминирачки и неуставен, тој не верува дека законот е не уставен, затоа што важи за сите сектори и за сите компании и не прави никакви ограничувања.

Овој закон треба да се гледа заедно со намерата за зголемување на минималната плата и би го олеснил зголемувањето на платите особено во трудоинтензивните дејности. Ако синдикатот мисли дека субвенционирањето на придонесите е не уставно, тогаш ќе треба и месечното субвенционирање на Фондот за ПИОМ за исплата на пензиите да го прогласат за не уставно.“, истакна Димитров.

Според него, Владата има обврска да ја дополнува дупката во Фондот за ПИОМ за да нема проблеми во исплатата на пензиите.

„Да претпоставиме дека без овој закон платите би останале на сегашното ниво. Во тој случај фондот не би добил дополнителни средства. Во овој случај Владата би уплатила на фондот дополнителни средства по основ на субвенционирање што автоматски би значело помала дотација на месечните износи за исплата на пензиите, но исто така ќе добиеме поголеми плати, поголем персонален данок и пораст на вкупната потрошувачка кое позитивно ќе влијае на растот на економијата“, додаде Димитров.